Од Народната банка на Македонија засега не се откажуваат од ригидните монетарни позиции за водење како и досега на каматната политика, односно кревање на каматните стапки со намера да се влијае на намалување на инфлаторните притисоци. Иако во изминатите два месеца има видливо намалување на цената на енергентите и извесно стабилизирање на цената на храната на светските пазари, сепак инфлацијата во Македонија минимално се намали. Но тоа не беше причина централната банка да ја зголеми основната каматна стапка, со намера да влијае на намалување на инфлацијата во земјата. Меѓутоа, со тоа повторно се исчекори кон надолното скалило за регрес на стопанството и задушување на економијата. Бизнисот им порачува на креаторите на монетарната политика дека централните банки тежиштето на својата работа треба да го стават кон развојот на економијата и создавање услови за раст на БДП, наместо да бидат тесно фокусирани на финансиите
Бизнисот со поинакви погледи за монетарната политика
Постепено забавување на инфлацијата, стабилизирање на економскиот раст и умерено забрзување на среден рок! Ова е кратката макроекономска „дијагноза“ за националната економија во наредниот период, според објавените пролетни проекции на Народната банка на Македонија. Прикажано низ бројки, тоа би значело забавено намалување на годишната инфлација на ниво од 8 до 9 отсто и проектираниот економски раст за 2023 година да изнесува 2,1 отсто, што е помалку во однос на основното сценарио, но во средината на интервалот од двете сценарија од октомвриската проекција. Овие нивни проекции се направени врз основа на „претпоставките за домашното и надворешното опкружување, земајќи ги предвид најновите достапни информации околу најавените инфраструктурни проекти“. Доколку се оствари предвиденото сценарио на централната банка, нашата земја и годинава ќе оствари ниска стапка на раст на БДП, што тие го објаснуваат со „глобалните услови на стопанисување“. Но колку е тоа во однос на другите земји од регионот може да послужи и прогнозата на Европската банка за обнова и развој, која на македонската економија ѝ предвидува најнизок раст од два отсто, за 0,2 отсто помалку од растот на Западен Балкан. Годинава Босна и Херцеговина би остварила раст од два отсто, Албанија 2,5 отсто, Црна Гора 3,3 и Србија 2,2 отсто.
Приземјување на каматите за спречување натамошен пад на економијата
Од Народната банка на Македонија засега не се откажуваат од ригидните монетарни позиции за водење како и досега на каматната политика, односно кревање на каматните стапки со намера да се влијае на намалување на инфлаторните притисоци. Иако во изминатите два месеца има видливо намалување на цената на енергентите и извесно стабилизирање на цената на храната на светските пазари, сепак инфлацијата во Македонија минимално се намали. Но тоа не беше причина централната банка да ја зголеми основната каматна стапка, со намера да влијае на намалување на инфлацијата во земјата. Меѓутоа, со тоа повторно се исчекори кон надолното скалило за регрес на стопанството и задушување на економијата. Бизнисот им порачува на креаторите на монетарната политика дека централните банки тежиштето на својата работа треба да го стават кон развојот на економијата и создавање услови за раст на БДП, наместо да бидат тесно фокусирани на финансиите.
Народната банка, за да ја замрзне инфлацијата, може да интервенира со различни механизми, но како што може да се слушне од разговорите со економисти и стопанственици, со постојаното инсистирање на зголемувањето на референтните каматни стапки ќе се предизвикаат и спротивни ефекти, во смисла на „стагнирање, уназадување и едноставно задушување на стопанството“. Поради зголемувањето на банкарските камати, бизнисот ќе се соочи со пораст на обврските на претпријатијата, што одлучиле својот развој да го градат и со позајмени средства, односно кредитни линии, кои поскапуваат. Со тоа растат трошоците на влезната страна на бизнисот, кои на крајот ќе се вградат во повисоки малопродажни цени на производите и поради тоа стануваат сѐ понеконкурентни. Наедно, за издвојување е дека растат и инпутите за репроматеријали и струја и така компаниите влегуваат во „спирала за кревање на цените“, а тоа се одразува и со растечка инфлација. Ваквата поширока слика за состојбите на националната економија треба пред сѐ и над сѐ да ја има предвид Народната банка, чија одговорност е и креирање услови за можност за бизнисот да води развојни и растечки бизниси, кои драстично ќе влијаат на раст на БДП и стандардот на граѓаните.
Растот на каматите на депозитите (и кај стопанските субјекти и кај граѓаните, кој се истакнува како позитивен исчекор) ни оддалеку не е споредлив со негативниот импакт од растот на каматите на кредитите (и за стопанството и за граѓаните).
Што покажуваат најновите податоци на Народната банка во врска со кредитирањето на населението и на компаниите
За тоа како се одразува зголемувањето на основната каматна стапка на кредитирањето на населението и кај компаниите покажуваат и најновите податоци на Народната банка. Вкупните кредити во април забележаа месечно зголемување од 0,6 отсто, кое произлегува од зголеменото кредитирање кај двата сектора, со поголем придонес на кредитите на корпоративниот сектор. Годишниот пораст на кредитите од 6,3 отсто е резултат на повисокото кредитирање на двата сектора, со поизразен придонес на секторот „домаќинства“. Кредитите на корпоративниот сектор во април се зголемени за 0,9 отсто на месечно ниво, што се должи на повисоките одобрени кредити во денари и во странска валута, поизразено кај денарските кредити. Во споредба со април минатата година, кредитите на корпоративниот сектор бележат раст од 5,9 отсто. Кредитите на домаќинствата во април се повисоки за 0,4 отсто и 6,7 отсто, на месечна и годишна основа, соодветно. Во април 2023 година, гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, бележат месечен раст од 0,4 отсто и 0,5 отсто. Автомобилските кредити во април се намалени за 1,9 отсто на месечна основа. Кредитите одобрени на кредитни картички остварија месечен пад од 0,2 отсто, а на годишно ниво се непроменети. Негативните салда на тековни сметки забележаа месечно зголемување од 0,1 отсто, при годишен раст од 1,5 отсто. Кредитите одобрени врз други основи во април се пониски за 2,1 отсто и 15,9 отсто на месечна и годишна основа, соодветно.
– Секое зголемување на каматните стапки негативно влијае на бизнисот и на економијата во целина. Зголемените каматни стапки ги одвраќаат компаниите од одлуките за набавка на нова опрема и развој на компанијата. Ова, се разбира, директно се одразува на падот на економскиот раст мерен преку БДП по жител. Затоа во борбата со инфлацијата мора да бидеме многу внимателни, секое бегло реагирање ќе доведе до голем пад на економијата. Затоа економистите препорачуваат благо приземјување, за да не се случат поголеми потреси во економијата – ни изјави Ангел Димитров, приватен стопанственик и претставник на Здружението на работодавци.
Најава од ММФ за враќање на реалните каматни стапки од пред пандемијата?
Од Меѓународниот монетарен фонд неодамна излегоа со оцената дека централните банки на напредните економии најверојатно ќе ја ублажат монетарната политика и ќе ги вратат реалните каматни стапки од пред пандемијата, но тоа ќе се случи кога „инфлацијата ќе се врати под контрола“. Сепак, од ММФ сметаат дека светската економија доживеа еден од најслабите периоди на раст на економијата во последните децении. Како предизвици со кои се соочуваат земјите, покрај високата инфлација, намаленото производство, претставува и зголемувањето на јавните долгови во земјите, на што се изложени најсиромашните земји, кои поради високите камати не можат да ги плаќаат ратите за заемите од меѓународните кредитори.
– Зголемувањето на каматните стапки нема да го реши проблемот со инфлацијата. Тоа нема да создаде повеќе храна. Ќе ја отежне ситуацијата бидејќи нема да можете да инвестирате и развојно да стопанисувате. Мислам дека можеме да направиме многу повеќе отколку што правиме. Убивањето на економијата со зголемување на каматните стапки нема да ја реши инфлацијата во ниедна временска рамка. Барем со обидот да направиме сѐ што можеме на глобално ниво за да ја зголемиме понудата, ќе има повеќе во решавањето на проблемите отколку во предизвикувањето депресија – изјави нобеловецот и економист Џозеф Штиглиц, осврнувајќи се на политиката на Федералните резерви, за зголемување на стапката за да ја скроти инфлацијата минатата година, која беше на највисоко ниво во последните 40 години.
М.Ј.