По замрзнувањето на цените на зеленчукот се трошат последните залихи на тезгите на Градскиот пазар во Штип, но и по супермаркетите. Ванчо Ѓеорѓиев, трговец на Градскиот пазар во Штип, кој со години има тезга на која продава зеленчук и овошје, вели дека ги троши последните залихи на домат, краставица, пиперки, но и на грав.
– Немаме роба, не смееме да товараме роба од магацините по старата цена. Ова е робата што ни остана од пред неколку дена, таа ја продаваме – вели Ѓеорѓиев.
Прашан дали ќе имаат нови пратки од зеленчук, Ѓеорѓиев посочува дека магацините од кои набавуваат не им нудат зеленчук и овошје по замрзната цена.
– Магацините си ја држат цената, а тука на нас ни е намалена и ние не можеме да ја работиме, продаваме таа роба. Нема домат, нема краставици, нема и грав. На гравот му бараат 130 денари, а ние овде на тезгата мора да го продаваме по 75 денари, затоа и не го земаме. Утре на пазар ќе нема грав и останати работи – вели Ѓеорѓиев.
Раководителот на Градски пазар-Штип, Димче Колев за МИА потврдува дека трговците кои имаат закупено тезги на пазарот во Штип ги трошат последните залихи од зеленчукот, кој е веќе со замрзната цена. Забележува дека математиката меѓу нив и увозниците не се совпаѓа и затоа не набавуваат нови колични на зеленчук за продажба. Посочува дека трговците ова и го очекувале – да останат без зеленчук на тезгите по замрзнувањето на цените.
Замрзнувањето на цените нема да влијае на трошоците и на приходот на земјоделците, туку на сите оние кои сакаат да профитираат на грбот на граѓаните, оцени министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Во анализите што ги направи ресорот што го раководи, како што изјави, јасно се дефинирани производствените трошоци на земјоделците и откупните цени што се плаќаат кон нив.
– Од тие анализи произлегува дека најголем дел од цените што граѓаните ги плаќаат, одат за маржа, не за земјоделците. А во овој момент го немаме тоа домашно производство и затоа целото наше мислење беше дека во овој момент нема проблем во делот на домашното производство на тие производи, односно замрзнувањето и ограничувањето на овие цени нема да влијае на трошоците и на приходот на земјоделците, туку ќе влијае на сите оние кои сакаат да профитираат на грбот на граѓаните. Во целокупната цена, најголема застапеност има маржата – изјави Николовски, на новинарско прашање пред јавната дискусија за упростување на постапките за дозволи за објекти за примарна обработка на земјоделски производи.
Во МЗШВ вчера се одржал состанок со земјоделците од оранжериското производство и нивните барања, како што најави, ќе бидат разгледани за да се види колкави се трошоците.
– Станува збор за оранжериско производство каде цената на чинење на производство е повисока, меѓутоа Министерството и минатата година беше подготвено во секој поглед да ги поддржи земјоделците. Ќе ги проанализираме овие податоци, но знам дека денес премиерот има состанок со повеќе министри за замрзнувањето и верувам дека ќе има повеќе податоци – рече Николовски.
Тој нагласи дека не ги анализираат увозните цени, туку домашното производство.
– Немаме надлежности да испитуваме и да утврдуваме цена на чинење на производи од Албанија или од Србија. Тоа не е во надлежност на МЗШВ. Јас можам да одговарам за она што е со факти и аргументи и така правам секојдневно. Ние мора да ги заштитиме земјоделците заради тоа што не може со маржи што се ставени на домашните производи на крајот некој да профитира во време на криза – рече Николовски.
Во МЗШВ, дополни, има систем што е збир на илјада фарми, за кои секојдневно се следат цените на чинење на производството на земјоделските производи.
– Сме ги пресметале, односно системски сме ги извадиле податоците што кажуваат колку чини производството на земјоделците на фарма дома на соодветните производи во делот на овошје и во делот на зеленчук – рече Николовски.
Тој додаде дека сме единствена држава во регионот која има дадено поддршка за 40 проценти за субвенционирање на вештачкото ѓубре кога се утврди дека цената е покачена за над 100 проценти.
– Сега цената е драстично намалена и нема никакво барање во делот на субвенционирање дополнително на вештачкото ѓубриво или на што било друго. Зелената нафта е редовна мерка која што како прва земја повторно од регионот ја воведовме, која што сите други земји ја препишаа како модел и го преземаа. Таа се однесува на земјоделските производители. Шеесет милиони евра се исплатени само за 40 дена на почетокот на годината на сите земјоделски производители. Тоа се редовните, брзи и навремените субвенции. Оваа година веќе е воведен нов модел на субвенционирање, што значи првпат во историјата 30 проценти од субвенциите наместо следната 2024 година земјоделците ќе ги добијат оваа година. Тоа е значаен импут за поддршка на земјоделското производство – изјави Николовски.
Со одлука на Владата од вчера се определени највисоките цени во трговијата на мало за свежи домати, свежи краставици, кромид, карфиол, свежи зелени пиперки, грав, леќа, банани, портокали, мандарини и лимони. Килограм свежи домати може да се продава најмногу за 70 денари за килограм, свежите краставици до 75 денари за килограм, килограм кромид до 60 денари, килограм карфиол до 70 денари, килограм свежи зелени пиперки до 90 денари, килограм грав до 75 денари, килограм леќа до 110 денари, килограм банани до 70 денари, килограм портокали до 55 денари, килограм мандарини до 60 денари и килограм лимони до 55 денари.