Правилен пристап, не само за Македонија туку и пошироко, е постепена енергетска транзиција – со сериозно обмислено поставување на редоследот и приоритетите во енергетскиот сектор. Транзицијата треба да личи повеќе на еволутивен процес одошто на некаква енергетска револуција
Што значи „сериозно обмислено поставување на редоследот и приоритетите во енергетскиот сектор“?
Новата полска влада има цел да ја забрза транзицијата кон енергија со ниска содржина на јаглерод, а електроцентралите на јаглен во моментов произведуваат 60 отсто од електричната енергија и го балансираат нестабилното производство на електрична енергија од обновливи извори. Варшава планира да изгради нуклеарна централа со голем капацитет до 2033 година, но дотогаш ќе има огромна потреба од термоцентралите на јаглен. Во идеален модел, нуклеарните централи би ги замениле термоцентралите на јаглен, но перспективата е за период подолг од десет години. Многу големи земји од ЕУ преговараат со Брисел за поддршка на ваквите електроцентрали. Дали и ние како држава треба да бараме проширување на рокот и дозвола за користење на термоцентралите во наредните 30 години? Од кого би требало да бараме дозвола за продолжување и проширување на некакви рокови? Дали некој ни ги наметнал или сами сме ги прифатиле поради незнаење на тие што донесуваат одлуки и се одговорни за благосостојбата на населението?
Пораки до идните субјекти што ќе донесуваат државнички одлуки
Според професорот Ристо Филкоски од Институтот за термичко и енергетско инженерство при Машинскиот факултет, нашите политичари најчесто некритички гледаат на барањата наметнати од западните партнери и обично беспоговорно и сервилно ги прифаќаат, без да водат сметка дали со тоа се прават ненадоместливи штети. Така е и со прифаќањето да се затвораат одредени капацитети, да се плаќаат такси за емисија на јаглерод диоксид итн., без сериозно да се продискутираат таквите прашања.
– Моето мислење е дека правилен пристап, не само за Македонија туку и пошироко, е постепена енергетска транзиција – со сериозно обмислено поставување на редоследот и приоритетите во енергетскиот сектор. Транзицијата треба да личи повеќе на еволутивен процес одошто на некаква енергетска револуција. Притоа мора да се води сметка за исполнување на рационалните цели за задоволување на енергетските потреби: одржливост на подолг рок, постигнување енергетска безбедност, релативна независност во снабдувањето (што, меѓу другото, подразбира доволно инсталирани функционални домашни производствени капацитети), намалување на енергетската сиромаштија и сведување на локалното и регионалното влијание врз околината во прифатливи рамки, а не инсистирање на некаква нулта емисија на стакленички гасови – објаснува Филкоски.
Тој смета дека во такви околности, сега логично нормално решение би било постојните објекти максимално да се одржуваат во рамките на можностите и да се вложат напори тие да функционираат субмаксимално до изградбата на соодветни замени. Филкоски истакнува дека веднаш треба да започне изградба на комбинирани когенеративни термоенергетски постројки на природен гас, пред сѐ со домашни сили.
– Поради карактеристиките на опремата, таквите постројки може да се изградат во релативно кратки рокови. Потоа, по нивното завршување и активирање, може да се започне со затворање (конзервирање) на блоковите на јаглен. Секако, еден од предусловите е и квалитетно поврзување (интерконекција) со гасоводните системи на соседните земји. Прашањето за изградба на нуклеарни електроцентрали е од поширока геополитичка природа и бара посебна сеопфатна анализа – укажува Филкоски.
Да се расчисти со некои митови и заблуди
Професорот Ристо Филкоски вели дека веднаш треба да се расчисти со некои митови и заблуди. Прво, нема апсолутно чиста енергија, односно процеси и технологии на енергетска конверзија без влијание врз околината. Меѓутоа, според него, современиот технолошки развој дозволува примена за енергетски потреби и на најнеквалитетни горивни материи, практично отпадоци, во постројки со висока ефикасност и со минимални емисии кон околината. Работата е само во тоа дека е неопходно да се издвојат доволно финансиски средства (односно да се намали профитот) за да се обезбеди минимално влијание врз околината.
– Тука лежи и еден од клучните проблеми со пребрзата енергетска транзиција – се напуштаат многу добропознати развиени и високоефикасни технологии, со потенцијал за понатамошно подобрување, во корист на технологии со многу непознати, при недоволно подготвени електроенергетски системи – појаснува Филкоски.
Според него, една од главните причини за енергетскиот дебакл на земјите од ЕУ е лошо осмислената и избрзана енергетска транзиција, диктирана од зеленоглави политичари, кои воопшто не се стручни во енергетската проблематика.
– Таквата транзиција се манифестираше со избрзано затворање на голем број термоцентрали и нуклеарни централи, без да се обезбеди нивна соодветна замена. Потоа следуваа две-три години со малку ветер и недоволно сончева енергија, во услови кога стопанството бележеше постепено враќање во нормала при крајот на ковид-кризата, што значеше и зголемена побарувачка за енергија. На тоа се надоврзаа и санкциите кон Русија и кризата во Украина. Тука мора да се потенцира и комплексноста на енергетската состојба во Европа, што се одразува и на Македонија и земјите од регионот. Во европските земји беше можна постепена, би рекол, изводлива транзиција кон почисти енергетски технологии, со широка примена на природен гас. Меѓутоа, нерационалното однесување и паѓањето под целосно прекуокеанско влијание условуваат ЕУ целосно да потпадне под зависност на снабдувачи со доста скап и многу понееколошки втечнет гас – нагласува Филкоски.
За жал, како што вели тој, Македонија иако не е членка на ЕУ, без реални причини, ги трпи и ќе ги трпи последиците од таквата политика. Всушност, како што укажува професорот, нашата држава веќе има последици поради нереализираниот проект за т.н. Јужен (Турски) тек од пред 10-15 години, проект што беше ненадејно запрен во зачетокот.
– Кога веќе ја спомнуваме Полска, ситуацијата многу добро ми е позната поради долгогодишна соработка и комуникација со тамошни универзитети и енергетски компании. Земјата е еден многу нагледен пример за некои аспекти на енергетското самоуништување на Европа, кое е последица на погрешни одлуки на арогантни и неодговорни политичари со проблематично знаење, кои не пројавуваат желба и намера да побараат мислења од стручни лица. Полска долго се спротивставуваше на избрзаната зелена агенда на ЕУ во делот на енергетиката и делумно успеа да го одложи затворањето на огромниот термоенергетски комплекс – истакнува Филкоски.
Како што вели тој, термоенергетскиот комплекс директно и индиректно чинеше и сѐ уште е значителен дел од полската економија, што, меѓу другото, во минатото резултира и со исклучително силна научна и технолошка база во областа на термоенергетиката.
Да анализираме и примери од Европа и од светот
– Полски компании градеа високоефикасни термоенергетски блокови насекаде низ светот, почнувајќи од Европа (десетина термоенергетски блокови во СФРЈ), Русија, Кина, Индија, па Далечниот Исток. Меѓутоа, такви термоенергетски блокови во европските земји се речиси забранета тема веќе 15-20 години, а една од последиците е сериозна стагнација, да не речам назадување на фабриките за котелски постројки, турбини и друга термоенергетска опрема во земјата. Да нагласам, затворањето на термоенергетските објекти не носи само несигурно снабдување со енергија туку и директно и индиректно назадување во многу области: наука, инженерство, техничка култура, придружни индустрии, редица големи, средни и мали бизниси, дури и многу обични работи на кои во прв момент и не помислуваме (на пример, финансирање културни манифестации, спортски клубови и др.) – објаснува професорот Филкоски.
Според него, приматот и во тој сегмент од индустријата го презеде Кина, која сега гради термоенергетски блокови на фосилни горива со огромни капацитети, со т.н. наткритични, суперкритични и ултрасуперкритични параметри (притисок и температура) и со многу висока ефикасност.
– Патем, да спомнеме дека земјата има инсталирани капацитети од околу 1.140 гигавати само на јаглен, а во изградба се уште околу 140 гигавати. Наедно, Кина јасно стави на знаење дека рокот за постигнување нулта емисија на стакленички гасови до 2050 година е нереален и постави свои рокови и цели. Многу сум љубопитен како ќе се договорат западните партнери со Кина (па и Индија, Индонезија и редица други земји) во однос на таксите и давачките за емисиите на СО2 – вели Филкоски.
Тој заклучува дека состојбата во енергетскиот сектор ни е, благо речено, комплицирана и сериозна.
– Таквата состојба бара храбри одлуки и решителни чекори и секако дека од секоја ситуација има излез и сѐ уште се можни квалитетни решенија како оптимална комбинација од класични и обновливи енергетски ресурси – заклучува професорот.