Американскиот автомобилски бренд „Тесла“ отвора мегафабрика во Шангај, соопшти на Твитер производителот на електрични автомобили.
Фабриката ќе може да произведува 10.000 мегабатерии годишно, многу големи батерии што се користат за складирање на електричната енергија доволна за широка потрошувачка. Компанијата ја најави новата фабрика со фотографија од потпишувањето на договорот во Кина.
– „Тесла“ отвора фабрика за батерии „мегапак“ во Шангај, за да го надополни производството во фабриката во Калифорнија – објави Маск на Твитер.
Кинеската државна новинска агенција „Синхуа“, која прва ја објави веста, наведува дека производителот на електрични автомобили со работа ќе почне во третиот квартал од оваа година, додека производството ќе почне во вториот квартал на 2024 година.
„Тесла“ управува со мегафабрика во Латроп, во американската сојузна држава Калифорнија, која може да произведе 10.000 единици „мегапак“ годинишно – што е еквивалент на складирана енергија од 40 гигават-часови.