Додека земјите на БРИКС продолжуваат да го прошируваат своето влијание и да истражуваат нови економски модели, нивните златни резерви и воведувањето нова валута би можеле да имаат далекосежни импликации за глобалниот финансиски систем. Податоците на Светскиот совет за злато покажуваат дека 21,4 отсто од вкупните резерви од злато во светот за периодот по вториот квартал од годинава потекнуваат од земјите од БРИКС

„Златната стратегија“ на БРИКС и ефектите врз глобалниот финансиски систем

Над 20 отсто од светските резерви на злато се во земјите од блокот БРИКС, при што ова значително количество резерви ги нагласува растечката економска моќ и влијание на овие економии во развој. Податоците на Светскиот совет за злато што ги објавуваат светските медиуми покажуваат дека 21,4 отсто од вкупните резерви од злато во светот за периодот по вториот квартал од годинава потекнуваат од земјите од БРИКС, со исклучок на Иран и Етиопија, кои не ги пријавија своите податоци.
Според Светскиот совет за злато, најголеми резерви злато меѓу членките на БРИКС има во Русија, која поседува 2,34 илјади тони од овој метал, односно 8,1 отсто од сите светски резерви, и во Кина, која има 2,26 илјади тони или 7,8 отсто од светските резерви (Русија и Кина заедно сочинуваат 74 отсто од вкупните златни резерви што ги чуваат земјите на БРИКС).
Другите земји на организацијата имаат помалку од три отсто од светските резерви од злато. Така, резервите на Индија во вториот квартал од годинава достигнаа 840,76 тони (удел во БРИКС – 13,5 отсто), резервите на Саудиска Арабија – 323 тони (5,2 отсто), на Бразил – 129,7 тони (2,1 отсто), на Египет – 126,57 тони (2,03 отсто), на Јужноафриканска Република – 125,44 тони (2,02 отсто) и на ОАЕ – 74,5 тони (1,2 отсто).

Златото може да ја забрза дедоларизацијата

Додека земјите на БРИКС продолжуваат да го прошируваат своето влијание и да истражуваат нови економски модели, нивните златни резерви и воведувањето нова валута би можеле да имаат далекосежни импликации за глобалниот финансиски систем. Инвеститорите и креаторите на политики треба внимателно да ги следат овие случувања за да го разберат нивното потенцијално влијание врз пазарите и економиите низ светот.
Златните резерви ја зацврстуваат позицијата на земјите од БРИКС како главни економски играчи на глобалната сцена, според економската моќ. Тие им носат финансиска стабилност, бидејќи златото обезбедува стабилно средство што може да помогне за ублажување на економските ризици и за заштита од инфлација.
Треба да се истакне и геополитичкото влијание. Се смета дека новата валута на БРИКС, поддржана од злато, може да ја оспори доминацијата на американскиот долар и да ја промени глобалната рамнотежа на моќта. Самитот на БРИКС во Казан, Русија, се очекува да даде дополнителни детали за новата валута на организацијата и нејзиниот потенцијален датум на лансирање.
Воведувањето на валута на БРИКС би можело да го забрза трендот на дедоларизација, бидејќи повеќе земји се обидуваат да ја намалат својата зависност од американскиот долар. Новата валута може да има импликации и врз цената на златото, бидејќи зголемената побарувачка од централните банки и инвеститорите може да ја зголеми нејзината вредност.
Земјите од БРИКС веќе зазедоа определба да го користат златото како основа во меѓународната размена, улога што претходно ја имаа доларот и еврото. Тоа значи дека луѓето низ светот сè повеќе ќе користат банкарски сметки, обврзници, заеми и криптовалути деноминирани во злато, исто како што го користат истиот сет на алатки денес, но деноминирани во долари. А таквата состојба ќе се одрази врз употребата на американската валута, објавува „Форбс“.
Златните резерви ги зголемуваат и можностите за инвестирање. Зголемената побарувачка за злато, поттикната од фактори како што се купувањето на централните банки и економската несигурност, претставува потенцијални можности за инвестирање. Е.Р.


Вчера на берзите, унца злато се продаваше за 2.732,25 долари, а унца сребро за 32,02 долари

Цената на златото е на највисоко
историско ниво

Цената на златото е на ново историско највисоко ниво. Експертите тврдат дека тоа е последица на две работи: Тензиите на Блискиот Исток и реалната неизвесност околу резултатите од претстоечките американски избори. И цената на среброто е највисока во последните 12 години. Според податоците на берзата, унца злато вчера во 10.45 часот се продаваше за 2.732,25 долари, а унца сребро за 32,02 долари. Според експертите, златото се смета за сигурна инвестиција во време на економски и политички превирања, а намалувањето на каматните стапки дополнително ја зголемува неговата привлечност. Главниот пазарен аналитичар на трговската компанија КЦМ, Тим Вотер, смета дека цената на златото до крајот на годината би можела да достигне 2.800 долари за унца. Е.Р.


САД имаат најголеми резерви

Во исто време, САД имаат најголеми резерви на злато – 8,1 илјади тони, или речиси една третина од сите светски резерви. Следуваат Германија – 3,35 илјади тони (11,6 отсто), Италија – 2,45 илјади тони (8,5 отсто) и Франција – 2,44 илјади тони (8,4 отсто), а Русија е на петтото место. Е.Р.

Фото: Пиксабеј