Фото: Маја Јаневска-Илиева

Неопходно е Владата да избегне потези на фискалната политика, како неодамнешното зголемување на стапката на ДДВ за одредни производи, кои ги зајакнуваат наместо да ги смируваат инфлациските очекувања, без оглед што се проценува дека порастот на ДДВ за одредени производи бил наткомпензиран од намалувањето на цените преку замрзнувањето во рамките на проектот „Гарантирана цена“

Падот на инфлацијата – реалност или вештачко намалување

Стапката на инфлација во октомври изнесува 3,5 отсто и е преполовена во споредба со претходниот месец, кога растот на трошоците за живот изнесуваше 6,6 отсто, а пак трошоците за живот во делот на храна и безалкохолни пијалаци во октомври бележат раст од еден отсто, што е намалување во споредба со 7,8 отсто пресметани во претходниот месец.
– Во споредба со октомври 2022 година, кога инфлацијата изнесуваше 19,8 отсто, за една година бележиме намалување на инфлацијата од 5,5 пати – истакна министерот за економија Крешник Бектеши, додавајќи дека Владата носи мерки во интерес на граѓаните и заштита на животниот стандард.
Владините очекувања се дека до крајот на годината инфлацијата ќе се спушти под 6 отсто, а за помош на граѓаните се подготвува и новиот пакет на антикризни мерки, кој ќе биде објавен до крајот на следната недела.

Што бележи Државниот завод за статистика?

Според податоците на Државен завод за статистика (ДЗС), трошоците за живот во октомври се намалиле за 1,5 отсто во однос на септември, но за 3,5 отсто се повисоки од минатата година. Последниот извештај на ДЗС покажува дека намалување на индексите на трошоците на животот во октомври 2023 година, во споредба со септември, е забележано кај млекото за 10,1 отсто, јајцата за 9 отсто, свежиот и разладениот зеленчук, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 6,4 отсто, пивото за 4,3 отсто, сирењето и урдата за 4,1 отсто, месото за 3,4 отсто, лебот и житата за 3,3 отсто и маслото за 0,9 отсто. Пораст на индексите на животот, пак, е забележан кај шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 2,4 отсто, жестоките пијалаци за 1,4 отсто, рибата и морските плодови за 1,2 отсто, виното за 1 отсто, кафето, чајот и какаото за 0,4 отсто.

Зошто и покрај намалувањето на инфлацијата, граѓаните не забележуваат пад на цените и закрепнување на стандардот

И покрај намалувањето на инфлацијата, граѓаните сепак не можат да сврзат крај со крај. Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека сепак едно четиричлено семејство не го „крпат“ 50.000 денари за да преживее.
– Ние во Сојузот на синдикати се прашуваме на што се должи падот на инфлацијата, имајќи предвид дека замрзнатите цени на основните прехранбени производи не дадоа плод. Затоа што ако видиме, не е ни 1.000 денари намалена кошничката за овие три месеци, за да биде инфлацијата за еден месец намалена за 3,3 отсто. Навистина е нејасно и сметаме дека се прават вештачки напори за да падне инфлацијата – изјавија од ССМ.
Универзитетскиот професор Марјан Петрески истакна дека забавувањето на инфлацијата на 3,5 отсто е добро и се должи на високата основа од октомври лани и на замрзнувањето на цените на прехраната од септември, кое во податоците првпат се гледа сега.
– Значи, зборуваме за намален раст на цените, што е различно од намалени цени, иако намалени цени имаме кај одредни производи што беа цел на замрзнувањето. Во секој случај, до декември ќе видиме понатамошен пад на инфлацијата и цела 2023 година ќе заврши со просечна едноцифрена стапка, како што беа и проекциите од релевантни институции – посочува Петрески.

Анкета за тоа што очекуваат граѓаните во иднина

Од спроведената анкета на институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“ се прикажуваат инфлациските очекувања на граѓаните во иднина. Според граѓаните, инфлациските очекувања остануваат подигнати на краток рок, односно до крајот на годинава. На прашањето што очекуваат граѓаните да се случува со цените до крајот на 2023 година, 41 отсто одговориле дека очекуваат цените да растат, но со посмирено темпо, додека една третина одговориле дека очекуваат да растат со забрзано темпо.
– Една третина од испитаниците, како главна причина за очекувано зголемување на цените на краток рок го наведуваат однесувањето на трговците (33,2 отсто). Сепак, потезите на Владата за управување со ценовниот притисок, или нивното отсуство, е високорангирана главна причина. Имено, 17,2 отсто од испитаниците одговориле дека очекувањето за повисоки цени им се должи на тоа што Владата неодамна го покачи ДДВ за група производи, 15,5 отсто одговориле дека освен замрзнувањето на цените, Владата не прави ништо друго за да ги заузди поскапувањата, додека 13 отсто очекувањето за раст на цените го темелат на фактот дека цените вообичаено ќе скокнат кога ќе престане замрзнувањето на цените – објаснуваат од „Фајненс тинк“.
Според овие наоди, како што велат надлежните од институтот, замрзнувањето на цените на клучни производи од прехранбената и сврзаната потрошувачка, без да биде познат датумот за негово завршување, е клучно за смирување на инфлациските очекувања.
– Севкупно, граѓаните сметаат дека Владата и трговците се најодговорни за растот на цените годинава, што е во линија со погорниот наод дека потезите на трговците и на Владата ги формираат очекувањата на граѓаните за понатамошен раст на цените до крајот на годинава. Тој наод укажува и на тоа дека почетниот импулс врз цените, кој речиси во целост беше зададен од избувнувањето на руско-украинскиот конфликт од почетокот на 2022 година, во голема мера е исцрпен до втората половина од 2023 година и изворите на инфлацијата, во значаен дел, се префрлени на домашен терен – потенцираат од „Фајненс тинк“.
Тие сметаат дека е неопходно Владата да избегне потези на фискалната политика како неодамнешното зголемување на стапката на ДДВ за одредени производи, кои ги зајакнуваат наместо да ги смируваат инфлациските очекувања, без оглед што се проценува дека порастот на ДДВ за одредени производи бил наткомпензиран од намалувањето на цените преку замрзнувањето во рамките на проектот „Гарантирана цена“.
На крајот од анкетата, граѓаните се изјасниле и во поглед на нивните очекувања за цените во среднорочна перспектива, односно за периодот 2024-2025 година. Половина од граѓаните очекуваат дека цените ќе продолжат да растат забрзано, над 3-4 отсто годишно во оваа временска рамка, додека една третина сметаат дека ќе продолжат да растат во нормални рамки од 1 до 3 отсто годишно. Сепак, незанемарлив дел граѓани, 9,2 отсто, одговориле дека очекуваат цените да се намалуваат, но дека нема да ги достигнат преткризните нивоа.
– Според тоа, инфлациските очекувања започнуваат да се вкотвуваат на среден рок. Централната банка неминовно ќе треба да ги одржи каматните стапки релативно високо во подолг временски период од она што иницијално се чинеше – укажуваат од „Фајненс тинк“.

Да се обезбеди поголемо производство!

Според Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, најдоброто решение за намалување на инфлацијата е кога ќе се влијае на страната на понудата т.е. ќе се обезбеди поголемо производство и ќе се задоволи зголемената побарувачка, но тоа не е толку лесно решение во условите во кои се наоѓаме.
– Македонското население старее, многу млади си заминуваат надвор од земјата и ако не увеземе работници од странство, и понатаму ќе се намалуваат производството и понудата. Се разбира дека овде може да помогнат набавката на современи и автоматски машини и дигитализацијата, со што ќе се зголеми продуктивноста, но тоа зголемување не може да ги надомести изгубените работни места поради заминувањето на младите. Замрзнувањето на цените не може да биде политика на долг рок. Секое мешање во пазарните законитости ќе доведе до одредени нарушувања од друг вид – намалување на квалитетот, недостиг од производи и сл. Ако Владата смета дека некои трговци ја користат монополската положба, тогаш нека ги оданочи дополнително и собраните средства нека им ги даде на ранливите групи граѓани, а не да ги замрзнува цените. Исто така може да се реагира да се зголеми понудата преку интервентен увоз на истите стоки со пониски цени и слични мерки – истакнува Димитров.