Фото: Архива на „Нова Македонија“

Странските компании ги посочуваат: подобрувањето на инфраструктурата, примената на најновите меѓународни сметководствени правила и стандарди и
ревидирањето на договорите за државна помош поврзани со оправдани инвестициски трошоци, како и усогласувањето на царинските стапки за увоз на производи што доаѓаат од трети земји и да нема дополнителни бирократски бариери итн., како најважни приоритети на кои треба да се фокусираат државните институции
минимум во следните 12 месеци ако државата сака да привлече сигурни странски инвестиции

Зошто огромни 57 отсто од актуелните странски инвеститори повторно не би инвестирале во Македонија

Корупција, правна несигурност, недостиг од квалификуван кадар и лоша инфраструктура се најголемите недостатоци што ги забележуваат странските инвеститори во Македонија. Помалку од половина, односно само 43 отсто од странските инвеститори што веќе инвестирале кај нас би го направиле тоа повторно.

Што покажа анкетата „Бизнис-инвестициски
индикатор“

Ова го покажуваат резултатите од анкетата „Бизнис-инвестициски индикатор“ што ја спроведе Советот на странски инвеститори во периодот од 20 ноември до 12 декември кај инвеститорите што вработуваат 38.000 граѓани и во минатава година направиле обрт од 7,7 милијарди евра.
Од нив, како што кажа претседателот на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо, 45 отсто го зголемиле своето производство во 2022 година, 36 отсто го намалиле, а кај 19 отсто останало исто. Дури 37 отсто од нив не се задоволни со постојната инфраструктура, 50 отсто се делумно задоволни, а само 10 отсто се целосно задоволни.
– Малку над половина од анкетираните компании или 53 отсто имаат позитивни очекувања од членството на земјава во Европската Унија бидејќи ќе имаат пристап кон поголем пазар и ќе ги нема царинските процедури. Дури 13 отсто имаат негативно размислување или очекување, бидејќи ќе има многу поголем притисок од гледна точка на конкурентноста, но дополнително очекувањето е дека драстично ќе се намали или исели работната сила. Околу една третина од компаниите или 32 отсто немаат никакви очекувања или не очекуваат дека влезот во ЕУ ќе се случи во скор период и поради тоа не е влезено во нивното бизнис-планирање – објасни Мизо.
Компаниите како најголем проблем ги истакнуваат недостигот од доволно едуцирани кадри, владеењето на правото и правната држава и корупцијата. Од компаниите, дури 90 отсто се соочиле со проблем да најдат соодветен кадар, особено инженерски и технички кадар. За тоа, според нив, главен проблем се емиграцијата, недоволниот интерес за работа во индустријата и недоволното практично искуство.
– Во речиси секоја компанија има зголемување на платите од 10 до 20 отсто заради инфлацијата и зголемената конкуренција на пазарот на трудот. Посебен проблем им се кадрите од ИТ-секторот, кои најчесто работат за познати странски ИТ-компании поради што не се заинтересирани да работат кај домашните инвеститори – вели Мизо.
Тој додава дека како најголеми ризици за бизнисот во 2024 година анкетираните компании ги посочуваат недостигот од работна сила, инфлацијата, неконзистентноста на економските политики, растот на цената на енергенти и корупцијата.
– Како најважни приоритети на кои треба да се фокусираат државните институции во следните 12 месеци компаниите ги посочуваат подобрувањето на инфраструктурата, примената на најновите меѓународни сметководствени правила и стандарди и ревидирање на договорите за државна помош поврзани со оправдани инвестициски трошоци, како и усогласување на царинските стапки за увоз на производи што доаѓаат од трети земји и да нема дополнителни бирократски бариери. Бараат и олеснување на правилата и постапките за влез и работа на странски државјани, како и подобрување на услугите за постојните инвеститори – укажува Мизо.
Од анкетираните компании, половина на еден или друг начин добиваат државна помош, а 39 отсто од нив имаат реализирано нова инвестиција во последните четири години. Околу две третини од компаниите сметаат дека правилата што се поврзани со државна помош или не се доволно објаснети или не е лесно за нив да ги разберат.
– Тоа значи дека треба да има поедноставување и подобрување на процесот за државна помош и да има унифициран став на сите даватели на државна помош што е оправдан инвестициски трошок и сите да работат по исти правила и стандарди. Се бара да се намалат и административната бирократија и времето на одговарање, како и државната помош да се адаптира врз основа на пазарните услови и барањата на пазарот – посочи Мизо.

Не само правната сигурност туку и политичката и безбедносната нестабилност ги одвраќа странските инвеститори

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека во минатото во првите десет години Македонија не била примамлива земја за странски инвестиции, бидејќи се знаеше дека државата е под ризик и овој простор не важел за стабилен и безбеден за инвестиции.
– Потоа следуваа години кога имавме и внатрешни немири, драматични кризи во самата држава, пандемија, воени состојби во светот што влијаат на Македонија. Мора да сме свесни дека кога зборуваме за странски инвестиции, треба да разбереме дека капиталот е премногу внимателен и бега од региони што важат за нестабилни или несигурни. Исто така силна причина за ниското ниво на странски инвестиции е фактот дека Македонија нема способни државни институции за да привлече странски инвеститори – смета Хајредини.
Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, вели дека политичките случувања не им даваат голема сигурност на инвеститорите што очекувале правна држава и правна сигурност.
– Бизнисот, како и берзите, се базира врз добри информации и сигурна економска почва. Нормално, таа почва постојано треба да биде „наводнувана“ со добри политики. Странските инвеститори сакаат стабилност и сигурност при инвестирање во нашата земја и секогаш бараат поволна дестинација за да инвестираат – додава Бошков.