Државниот завод за статистика пресмета дека инфлација во ноември изнесувала 19,4 проценти, односно за толку се зголемени трошоците за живот во споредба со истиот месец лани. Очекувањата на Владата се дека цените на храната ќе почнат да паѓаат во втората половина на декември
Инфлаторниот притисок продолжува и во ноември
Периодот со високи стапки на инфлација во Македонија, кој започна со енергетската криза од почетокот на годината, продолжи и во ноември. Државниот завод за статистика пресмета дека инфлација во ноември изнесувала 19,4 проценти, односно за толку се зголемени трошоците за живот во споредба со истиот месец лани. Цените на мало за една година пораснале за 15,2 проценти. Во однос на октомври, кај трошоците за живот се бележи зголемување од 0,5 проценти, а кај цените на мало за 0,2 проценти. Во однос на минатиот месец за неколку проценти се поскапени алкохолните пијалаци, месото, рибата и морските плодови, млекото, газираните пијалаци и минералната вода, сокови, сирење и урда, како и кафе, чај, како, јајца, шеќер, џем, чоколади. Намалување на трошоците на животот е забележано кај свежото и разладеното овошје за 8,9 проценти и кај маслото и маснотиите за пет проценти.
Потрошувачите во Македонија се меѓу најизложените на високите цени на основните прехранбени производи, доколку се направи споредба со другите земји од поблиското опкружување во однос на инфлацијата и висината на цените во малопродажните објекти. Нашата земја беше на врвот на листата за висината на октомвриската инфлација, која достигнуваше до дваесетина проценти, додека во земјите од Европската Унија беше на ниво од 11 проценти. Напорите на Владата, која донесе мерка за субвенционирање на цената на струјата за домашните пекари и млекопреработувачи, сѐ уште не ги даваат очекуваните резултати, иако беше најавено дека од декември ќе почнат да паѓаат цените на лебот, млекото, брашното… Од Сојузот на синдикати на Македонија излегоа со податоци за висината на ноемвриската потрошувачка кошничка. Според нивната пресметка, во ноември за минималните трошоци на едно четиричлено семејство биле потребни 51.714 денари, од кои за храна минимум 19.518 денари, а за режиски трошоци 12.983 денари, што е повеќе од половина од синдикалната минимална кошничка. Минималната потрошувачка кошничка во ноември изнесувала 51.714 денари. Тоа е за 200 денари повеќе во однос на октомври, а за 1.490 денари во споредба со месец септември.
Објаснувањата од Народната банка на Македонија се дека високите цени кај нас се одраз на „неповолната“ структура на месечните потреби на едно просечно македонско семејство, кое поголемиот дел од своите приходи ги троши на намирување на основните животни потреби: храна и затоплување на домот!
– Ако се погледне потрошувачката кошничка, има голема разлика. Кај нас храната и енергијата во потрошувачката кошничка учествуваат со околу 55 проценти, а во ЕУ се нешто над 30 отсто. Истиот шок се манифестира со многу поголем интензитет во различните економии, имајќи ги предвид структурните карактеристики – вели гувернерката Анита Ангеловска Бежоска.
Економските предвидувања за наредниот тримесечен период е дека ќе дојде до стабилизирање на цените, за што говорат и податоците за висината на инфлацијата во земјите од Европската Унија, која бележи благо намалување. Овој глобален тренд се очекува да се одрази на домашниот македонски пазар, кој ќе биде поттикнат и со намалувањето на цената на нафтата, како и за користењето на повластената цена на струјата за домашните производители на храна. Владата обезбеди евтина струја за над 200 прехранбени компании што произведуваат основни продукти. Овие компании од почетокот на декември плаќаат 80 евра за мегават-час.
Од втората половина на декември, Државната пазарна инспекција ќе ги засили контролите во трговските објекти за да се види колку од домашните компании, кои користат повластена цена за струјата, ги намалиле цените на храната, кои, според процените на Министерството за економија, треба да изнесуваат минимум десет отсто.
Наспроти оптимистичките очекувања од Владата и од потрошувачите за првиот декемвриски бран на поевтинувања, од производителите и од трговските компании пристигнуваа „повоздржани“ изјави за евентуалното поевтинување. Од домашните производители и преработувачи на храна изјавуваат дека треба да се види дали моменталните движења на цените на суровините и енергентите ќе се задржат во подолг период и како ќе се одрази влезниот трошок на струјата, со повластена цена од 80 евра за мегават-час што треба да се добива од декември годинава. За намалувањето на цената на лебот, главни фактори се и цените на суровините, како што се брашното, маслото за јадење, квасецот, велат од групацијата на мелничко-пекарската дејност. М.Ј.