Фото: МИА

Нема договор со Владата за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари и утре се очекува да биде донесена одлука за генерален штрајк, според претседателот на ССМ Дарко Димовски по двочасовната средба во Владата.

Димовски кажа дека е разочаран од разговорите со владините претставници, кои, како што посочи, имале одговор за се, само не за главното – за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари.

– Бараме итно зголемување на платите. Ценовните шокови и двоцифрената инфлација ни даваат право да бараме усогласување на платите веднаш, бидејќи веќе не се издржува – рече Димовски.

Тој најави дека утре ќе заседаваат највисоките тела на ССМ и се очекува да биде донесена одлука за стапување во генерален штрајк.

Синдикатот бараше средба со премиерот, вицепремиерот за економски прашања и со министрите за финансии и за труд и социјална политика откако по презентирањето на ребалансот на Буџетот видоа дека не се планирани средства за ова нивно барање како што им било ветено за време на преговорите.

ССМ, на чија иницијатива недела е прогласен за неработен ден, не се согласува ниту со најновите Предлог-законски измени со кои се предлага недела да биде работен ден во туристичките места.


Дијалогот со ССМ веројатно ќе продолжи утре, најави Ковачевски

И наставниците и негувателките се дел од јавниот сектор и драго ми е што низ дијалог со СОНК постигнавме договор за зголемување на платите за 15 отсто. Кај универзитетските наставници веќе има планирано зголемување во буџетот, а со претседателот на ССМ веројатно утре ќе продолжиме со дијалог, истакна премиерот Димитар Ковачевски во гостувањето на Канал 5 во врска со преговорите со ССМ за линеарно зголемување на платите.

Според премиерот, постојат три поврзани теми кога се зборува за зголемување на платите.

– Кога разговаравме и со СОНК и со Сојузот на синдикати на Македонија, разговаравме за три работи. Првата работа е зголемување на платите, втората е методологија за зголемување на платите, каде ќе биде вклучен и перформансот на вработените, зголемување на ефикасноста, зголемување на нивната продуктивност, но и донесување на нов закон за плати. За новиот закон ќе треба сигурно шестмесечен период за усогласување, но има голема неконзистентност во платите во јавниот сектор. Таа неконзистентност мора да се отстрани бидејќи на крјаот на денот секоја неконзистентност или неусогласеност ги нарушува работните однсои во јавниот, но и во приватниот сектор – истакна Ковачевски.

Тој рече дека мора да се изврши усогласување на платите, бидејќи има институции кои се значајни но имаат ниско ниво на плати и затоа не можат да се задржат работниците.

– И наставниците и негувателките во градинките се дел од јавниот сектор. Драго ми е што низ дијалог покажавме дека сме држава со институции и со правни механизми. Беше искористен институтот на медијаторство, беше постигнат договор со СОНК и тоа на заедничко задоволство, бидејќи наставниците заслужуваат да имаат поголеми примања. 15 отсто ќе биде зголемувањето. Кај универзитетските наставници веќе има планирано зголемување во буџетот – додаде премиерот.

Тој напомена дека со претседателот на Сојузот на синдикати вчера имал разговор, а веројатно во текот на утрешниот ден ќе продолжи дијалогот.


Влада: Дијалогот со синдикатите е постојано во тек и ќе донесе решение

Денеска во Владата продолжи дијалогот помеѓу синдикатите и претставници на Владата за усогласување на платите во јавниот сектор со минималната плата.

Претставниците на синдикатите се сретнаа со заменик-претседателот на Владата, Фатмир Битиќи, министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски.

Вицепремиерот Битиќи на почетокот на состанокот посочи дека дијалогот во никој случај не е прекинат. Преговорите во последниот период се водеа по гранковите синдикати и надлежните Министерства како и дека Владата останува на ставот дека усогласување на платите треба и ќе има, но во тој процес никако не смееме да заборавиме на моменталната ситуација, солидарноста и секако ефективноста на јавната администрација.

На состанокот најавено беше дека ќе бидат формирани работни групи кои ќе работат на дефинирање на моделот за плати кој ќе осигурува раст на платите на долг рок но и методологија која ќе ја следи продуктивноста на вработените.