Од Сојузот на стопански комори сметаат дека Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, чија имплементација почна оваа година, не нуди квалитетно решение за намалување на штетните ефекти по животната средина.
– Трговските друштва што вршат дејност на територијата на РСМ и опфаќаат најголем дел од пазарот со електрична и електронска опрема истакнуваат иницијатива за одложена примена на Законот и намалување на висината на надоместоците. Надоместоците за управување со отпадна опрема што ги плаќа производител што пушта на пазар или краен корисник што увезува во државата досега се движеа од 50 до 120 денари за килограм отпад, со измените се движат од 100 до 350 денари за килограм отпад. Наведените цени се високи и нереални, повисоки и од Хрватска, која е дел од ЕУ. Сето ова доведува до ценовно зголемување на сите производи и ќе падне и на товар на крајниот потрошувач – се вели во соопштението од ССК.
Оттаму укажуваат оти поради состојбата со пандемијата и енергетската криза, компаниите се спречени во навременото исполнување на законските обврски за постапувањето со електрична и електронска опрема и потенцираат дека економските оператори не биле вклучени во подготвувањето на Законот. Тие сметаат дека треба да се има предвид опасноста законското решение да го нагласи проблемот со создавање диви депонии.