Фото: Маја Јаневска-Илиева

„Нова Македонија“ разговараше со неколку соговорници упатени во оваа проблематика, со цел да објаснат дали законот е правилно поставен и дали се очекува да даде резултати, кои се недостатоците на овој закон, дали тој ќе го донесе посакуваниот ефект и за бизнис-заедницата и за граѓаните, дали со вака поставениот закон навистина ќе се стави крај на нереалното зго­ле­му­ва­ње на це­ни­те…

Новодонесениот Закон за забрана на нефер трговски практики: придобивки и пропусти

Законот за забрана на нефер трговски практики и покрај тоа што минатата недела помина на собраниската седница, сепак сѐ уште ја бранува бизнис-заедницата, која смета дека вака поставениот закон не може да ги оствари зацртаните цели и да влијае на намалување на цените на земјоделските и прехранбените производи. Бизнис-заедницата вели дека законот треба да ги стави во подобра преговарачка позиција производителите на храна наспроти големите купувачи т.е. трговците. „Нова Македонија“ разговараше со неколку соговорници упатени во оваа проблематика, со цел да објаснат дали законот е правилно поставен и дали се очекува да даде резултати, кои се недостатоците на овој закон, дали тој ќе го донесе посакуваниот ефект и за бизнис-заедницата и за граѓаните, дали со вака поставениот закон навистина ќе се стави крај на нереалното зголемување на цените…

Идејата е добра, за ефектите брзо ќе се увериме

Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, вели дека иако идејата да се стави ред во односите помеѓу производителите и трговците сосема е оправдана, не е оптимист дека овој закон може да го направи тоа.
– Се сеќавате на Законот за финансиска дисциплина од 2015 година. Се утврдуваа рокови на плаќање, надоместоци од 3.000 денари на доверителите, парични казни и слично, но законот воопшто не функционира. Зошто? Затоа што доверителите изнаоѓаа најразлични начини за наплата на доспеаното побарување, но не се обидуваа да го тужат должникот или, пак, да го пријават за сторен прекршок, затоа што тој зависи од него. Во случај на тужба се нарушуваат деловните односи и доверителот се плаши дека по тоа ќе нема кому да му продава. Во овој закон правилно се нотирани сите случаи на нефер трговски практики во кои купувачите т.е. трговците ја користат својата „преговарачка моќ“ или подобро кажано положбата на пазарот. Но проблемот произлегува од начинот на надзорот врз спроведувањето на овој закон – објаснува Димитров.
Тој додава дека е предвидено оти надзорот ќе го врши Комисијата за заштита на конкуренцијата и смета дека комисијата нема капацитети да го контролира целиот пазар и да утврдува случаи на нефер трговски практики.
– Како што стои во членот 12, комисијата поведува прекршочна постапка или по службена должност или по барање на физичко или правно лице што има легитимен интерес за утврдување прекршок. Бидејќи комисијата нема да може да ги контролира сите неправилности, таа ќе очекува приговор или барање од производителите на земјоделски производи и производителите на храна за да постапи по барањето и да поведе прекршочна постапка против трговецот. Како што објаснив претходно и во овој случај производителите ќе се плашат дека ќе ги изгубат купувачите и ретко кога ќе се одлучат за испраќање барање до Комисијата за заштита на конкуренцијата – потенцира Димитров.

Во законот е заборавен Државниот пазарен инспекторат како инструмент за приближување кон целта

Според Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, ако сакавме законот да даде резултати, тогаш надлежен за спроведување на одредбите од законот требало да биде Државниот пазарен инспекторат, кој има поголеми капацитети и кој покрај другите надлежности во областа на трговијата и заштита на потрошувачите ќе можеше да го спроведува и контролира и овој закон.
– Во овој период на заживување на законот можат да се појават одредени случаи на покачување на цените, но не верувам дека тоа ќе биде во голем број случаи т.е. за голем број производи. Сепак, ние градиме пазарна економија и понудата и побарувачката се тие што ги одредуваат цените. Случаите на монополско здружување и договарање повисоки цени од нормалните би требало да ги открива пазарната инспекција и да ги отстранува ваквите појави – укажува Димитров.
Според потпретседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Горан Ѓорѓиевски, Законот за забрана на нефер трговски практики е од исклучително значење, затоа што влијае на преговарачката моќ што ја имаат големите трговски синџири врз малите земјоделски и ситните производители на храна.
– Практично прави баланс меѓу таа преговарачка моќ и со тоа се овозможува профитните маржи, каде што се подразбираат и рабатот, и одобренијата, маркетинг и другите маркетиншки алатки, трговецот, крајниот купувач, да може максимум 10 отсто да побара од производителот. Имате на една страна трговски синџири што имаат стотици милиони приходи, а на другата страна имате ситни производители со неколку десетина илјади евра приходи и во дадениот сегмент на нивниот допир, гравитациската преговарачка моќ е многу силна на купувачот. Овој закон тука се внедрува, да речам, на некој начин затоа што со него треба да се направи баланс меѓу таа преговарачка моќ. Каде што овие што се мали и ситни произведувачи го продаваат производот кај трговецот купувач каде што им се апсорбираат од финалната продажна цена околу 20-30 проценти – вели Ѓорѓиевски.
На пример, посочува тој, производителот и трговецот договараат финална продажна цена од 10 денари и тој што го продава му вели дека му апсорбира три денари т.е. 30 проценти и ќе му фактурира седум денари.
– Во тој случај, тој што произведува има профитабилност од 0,3 денари, а трговецот купувач има 30 денари, тоа значи дека профитот оди кај трговецот. Со овој закон се дефинира дека од тие 10 денари еден денар ќе биде за тој што е финален продавач, другото ќе остане кај производителот или, пак, може да се влијае на намалување на цената на крајниот купувач, тука е тој простор каде што велиме дека може да се намалат цените – појаснува потпретседателот.

Внатрешни законски противречности, во одделни членови и клаузули

Тој додава дека во законот е точно дефинирано дека 10 проценти сума сумарум се рабатите, со кои се опфатени сите одобренија месечни, кавртални, маркетиншки алатки, летоци итн.
– Но повторно има несогласување во ставот 5 од законот, каде што се вели дека во таква ситуација производителот мора да ги прикаже трошоците што ги има пред купувачот (на што се согласува бизнис-заедницата) и после се вели „а купувачот може да има дефиниран ценовник на тие производи“. Тука во тој пасус „дефиниран ценовник на производи“ реагиравме и ние сметавме дека треба да се исклучи затоа што повторно прави нејаснотија. Ако купувачот има дефиниран ценовник, тогаш повторно може да има профит од 15, 20, 35 проценти, односно го елиминира она 10 проценти сума сумарум, затоа што утре помал произведувач кога ќе поднесе жалба, комисијата да може соодветно да реагира и да го казни купувачот – укажува Ѓорѓиевски.
Тој се согласува во однос на ставот на претседателот на Собранието на Организацијата на работодавци дека Комисијата за заштита нема доволно капацитет и сила и извршна алатка со која може да им изрече глоби на трговците што прават манипулации.
– Стоиме цврсто на ставот дека треба да се вклучи и Државниот пазарен инспекторат каде што ќе има поголеми ингеренции за да го спроведе овој закон. Наедно со овој закон се решава и друг проблем, со самото тоа што ќе има договор помеѓу производителот и трговецот, ќе се пристапи кон намалување на сивата економија, ќе се подигне квалитетот на производите – нагласува Ѓорѓиевски.


Шест месеци за приспособување

Според власта, овој закон ги уредува условите и начинот на вршење трговија со земјоделски и прехранбени производи, а неговата крајна цел е да влијае во намалување на цените на земјоделските и прехранбените производи и на тој начин да се заштити стандардот на граѓаните. Во него се наведени 26 нефер трговски практики што ќе се уредуваат, а надоместоците што сега се наплаќаат во договорниот однос меѓу купувач и доставувач и кои влијаат на малопродажната цена на штета на потрошувачите, ќе се сметаат за забранета нефер трговска практика.
Со донесувањето на ова законско решение, од Министерството за економија очекуваат да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори (купувачи и доставувачи), кои се активни во синџирот за снабдување со храна.
Во законот е наведено процентуално колку може да биде максималниот рабат што можат маркетите да го бараат од производителите и доставувачите, кои сега надминуваат над 30 до 40 проценти од цената.
– Со ова решение е предвидена листа на земјоделски и прехранбени производи каде што рабатот ќе биде ограничен на 10 проценти и во состав на тоа ќе конкурираат меѓу себе синџирите супермаркети, што ќе влијае на намалување на цените – информираа од Министерството за економија.
Листата на земјоделски и прехранбени производи треба да биде донесена во рок од три месеци од денот на стапување во сила на законот, а доставувачите и купувачите што склучиле договори за снабдување на земјоделски и прехранбени производи се должни во рок од шест месеци да се усогласат со одредбите од законот.