На собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска трет ден по ред треба да продолжи општата расправа за ребалансот на Буџетот.
Според пратениците од власта, ова е најтешкиот ребаланс затоа што е врз база на најлошиот и најтешкиот Буџет. Посочија дека Буџетот кога бил предложен претходната власт кажала ќе биде развоен и ќе има реализација на капиталните инвестиции, а сега, велат, имаме потреба не само од фискална консолидација, туку и од консолидација на државата. Додека, па, според пратениците на опозицијата, овој ребаланс е најлошиот досега и со него нема раст на платите и пензиите, а зголемен е и јавниот долг од 58 на 68 отсто.
На вчерашниот втор ден, пратениците расправаа околу намалувањето на буџетот на судовите и јавните обвинителства. Според пратениците на опозицијата, институциите од судската власт треба да имаат поголеми буџети, додека, пак, според владините пратеници овој буџет им е премногу со доверба од само два проценти кај граѓаните.
Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски вчера на собраниската комисиска расправа истакна дека оваа Влада има намера да направи финансиска консолидација на целокупното стопанство, да ги екипира сите буџетски корисници и да направи контрола на непродуктивните трошења, ќе продолжи со зголемување на платите и пензиите, а обезбеди и средства од каде можеше за нормално функционирање на државата.
Реплицирајќи и на пратеничката Јованка Тренчевска од СДСМ според која овој ребаланс е најлошиот досега, Јанкуловски потенцира дека Владата ги креирала проекциите согласно состојбите што ги наследила.
-Ова е најлошиот ребаланс, и за граѓаните и за еконоимијата. Платите и пензиите во изминатите години растеа како никогаш досега, и просечната и минималната плата, а како резултат на тоа се подобруваше животот на граѓаните и тоа е непобитен факт, но и доказ за добрите политики на СДСМ. Во делот на пензиите, ако вие како ВМРО-ДПМНЕ ги зголемувавте 11 години како ние, наместо да ги лажете пензионерите со 600 денари, денеска ќе зборувавме за минимални пензии од 20.000 денари – Тренчевска.
Општата расправа за ребалансот на Буџетот трае најмногу три дена, а амандманската за која се поднесени 58 амадмани, шест дена. Завчера, на првиот ден од расправата, министерката Гордана Димитриеска-Кочоска го образложи ребалансот, нагласувајќи дека е креиран согласно затекнатите состојби во Буџетот. Како што рече Димитриеска-Кочоска, обезбедени се средства за се што треба да се исплати согласно закон.
Вкупните приходи во ребалансот на Буџетот се планирани на 318,2 милијарди денари, а расходите на 362,8 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 2,1 процент, инфлацијата на ниво од 3,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 4,9 проценти.