Во контекст на обидите, и на граѓаните и на надлежните институции, за намалување на цените на храната се наметнува прашањето како да се поттикне поголемо домашно производство, кога веќе се констатира дека тоа е еден од фундаменталните начини за намалување на цената на храната? Натаму, дали е оправдано поголема улога да има државата во организацијата на земјоделскиот сектор и ако е навистина оправдано инволвирањето на државата, тогаш во кој дел таа треба да преземе обврски и во која мера? Уште едно горливо прашање што се наметнува во јавноста од страна на земјоделските производители е „како да се запрат прекупците/трговците сами да наметнуваат цени при откупот на земјоделски производи и да не ги супресираат цените на производителите, што беше една од причините за напуштање на земјоделското производство?“…

Искушенијата во домашното земјоделско стопанство

Земјоделството останува клучна гранка кога станува збор за обезбедување храна за населението. Тоа е една од главните причини поради кои секторот добива поддршка, но, сепак, на терен состојбите не одговараат со желбите на граѓаните. Иако се вложуваат средства за поддршка, посакуваниот ефект досега изостануваше, домашното производство на храна се намалуваше, а увозот сѐ уште расте. Секако ова ја поттикнува и инфлацијата, бидејќи при недостиг од домашно произведена храна мора да се увезе, што влијае врз крајните цени. Во текот на 2023 година вредноста на увозот на храна во земјава се дуплираше, па од некогашни околу 200 милиони евра, достигна вредност од над 400 милиони евра. Притоа е забележано дека во 2023 година, се зголемиле количествата на увезените продукти, како и нивната цена.
Ова предизвика голем удар врз животниот стандард на граѓаните, кои постојано се судираат со перманентниот проблем дека цените се превисоки, поради што се придружија и на бојкотот на маркетите, а државата се обидува и превентивно и репресивно со својот инструментариум да влијае на растот на цените на основните продукти. Сепак, факт е дека еднодневното граѓанско бојкотирање не е решение, што на голема врата го отвора прашањето како до домашно производство со кое ќе се задоволат домашните потреби за храна? И, секако, има ли оправданост за поголемо учество од државата при целокупниот процес на планирање и производство, дистрибуција, пласман, формирање на цените на продуктите итн.

Прекупците на земјоделски производи како перманентна болка за
производителите

Многубројни се искуствата од земјоделци што укажуваат дека нивните продукти се откупуваат по многу ниски цени, како на пример, предминатата есен кога голем број земјоделци одбија да ги продаваат зелките бидејќи им се нудеше откуп за само 20 денари.
Упатените укажуваат дека има голем број примери каде што не се почитува трудот на земјоделецот, односно на производителите.
– Не се цени трудот на земјоделците. Оризот се откупува по 30 денари, а се продава по 100 денари за килограм? Значи, 70 денари одат во џебот на трговците. Поради тоа, големите маркети остваруваат профити од 30 до 35 милиони евра и се богатат на грбот на земјоделците и на граѓаните. Се оди со високи маржи, кои за некои производи се и до 100 отсто. Државата мора да има механизми за да контролира по која цена се увезуваат, а по која се продаваат производите – вели поранешниот професор и експерт за земјоделство Илија Каров.
Ваквата состојба со откуп на производите за ниски цени го наметнува прашањето како да се поттикне поголемо домашно производство и дали е оправдано поголема улога да има државата, да не се остава трговците сами да диригираат цени при откупот на земјоделски производи за да не ги намалуваат цените на производителите, што беше една од причините за напуштање на земјоделството.
– Со години работиме ниви, произведувавме најмногу домати и краставици, па пиперки, пченка, како и други земјоделски производи. Приходите воопшто не се за потценување, но мора да бидеме реални, има многу работа, а наша предност е што не продаваме на прекупци, туку сами на Зелениот пазар во Скопје ги продаваме нашите производи – вели една земјоделка од скопско Драчево.
Сепак, таа додава дека е тешко и да се работи нива и да се продаваат производите на пазар и дека кај нив тоа било изводливо бидејќи нивното семејство има повеќе членови и сите се активирани во работата.
– Многу соседи се откажаа од земјоделство, бидејќи продаваа на Кванташки каде што им ги откупуваа производите по многу ниски цени, за кои не се исплатеше да се произведува. Ние само пченката ја продававме на големо и таа беше придружна покрај другите култури. Сепак, последниве години, бидејќи пензионерите веќе не можат да продаваат на пазар, не произведуваме во големи количества и приходите се значително опаднати – додава нашата соговорничка.
Професорот Драги Димитриески за „Нова Македонија“ истакна дека се намалува бројот на граѓани што сѐ уште активно обработуваат земја.
– Се напушта обработката на земјоделско земјиште, се намалува бројот на население во руралните средини и нема кој да работи. Дополнително голем дел од земјоделците се повозрасни граѓани, честопати и постари од 60 години, дел од нив се и без образование, па многупати одбиваат да прифатат новини, туку продолжуваат да работат како што некогаш го правеле тоа – укажува нашиот соговорник.
Од земјоделските здруженија укажуваат дека има начини да се заштитат земјоделците и тоа мора да се направи за да не се случи целосно да зависиме од увоз кога е храната во прашање.
– Треба да се донесат законски решенија со кои ќе се утврди максималниот процент на заработувачка на трговците и на тој начин ќе се спречи грабежот на земјоделците и на граѓаните. Исто така, треба да се преземат мерки за ограничување на трговските маржи на репроматеријалите што се користат во земјоделското производство. Мора да го штитиме домашното производство и не може да се увезува сè и сешто – вели Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство уште претходно најавија дека оваа година приоритет ќе биде задржувањето на младите земјоделци.
– Клучна категорија на поддршка ќе бидат младите земјоделци заради задржување во дејноста и подобрување на неповолната старосна структура, како и задругите, бидејќи концентрацијата на понудата и влегувањето на земјоделците во делот на маркетингот е единствениот начин за промена на нивната неповолна состојба во однос на откупувачите. Планот ќе биде подетално презентиран со измените на Националната стратегија, но годишно треба да се поддржат по најмалку пет говедарски, овчарски и козарски фарми, неколку живинарски фарми итн. Ова почнувајќи од 2026 година, бидејќи за истото тоа е потребно да се извршат измени во законската регулатива – објаснуваат од Министерството за земјоделство.

Каде експертите го гледаат уделот на државата?

Поранешниот стопанственик Ѓоко Савов се залага за плански и долгорочен развој поддржан и овозможен од државата, во кој максимално ќе биде вклучен и приватниот бизнис.
– Потребна е реализација на проект за висок развој! Тој би бил можен пред сѐ со формирање посебна агенција за развој, која ќе биде одговорна пред Собранието и ќе биде ослободена од политичкото расположение во земјата. Агенцијата би иницирала проекти, би ги синхронизирала во контекст на сите општествени промени, за истите тие да бидат со потребниот позитивен ефект за процесот на општо зголемено производство. На пример, за земјоделството ќе ја реализира потребната комасација, ќе обезбедува анализи од пазарот што да биде годишниот план за производство по сорти и количества на земјоделските производи, ќе обезбедува финансиска помош за купување опрема, ќе обезбедува техничка помош – вели тој.
Потоа, како што додава Савов, со комбинација на приватен и државен капитал ќе обезбедува откуп и преработка на вишокот производи.
– Агенцијата ќе врши откуп и на однапред недоговорените количества вишоци во земјоделството низ целата територија на државата. За тоа ќе ѝ требаат ладилнички и преработувачки капацитети. Очигледно сликата за улогата на агенцијата е убава. Но таа мора да биде моќна и авторитетна – потенцира Савов.
Нашите соговорници потенцираат дека во ситуација кога државата преку агенцијата ќе ги откупува земјоделските производи, таа ќе може да ги продава во земјите од блиското соседство, а за таа цел ќе можат дополнително да се активираат и македонските транспортни компании, така што придобивките за домашното стопанство повеќекратно би се зголемиле во однос на сегашната состојба.

Како до поголема конкурентност на македонското земјоделство?

Со цел унапредување во земјоделско-прехранбениот сектор, експерти соговорници се на став дека е потребно „здраво преструктурирање“ за, меѓу другото, земјоделството да може да се справи со конкуренцијата од европскиот пазар кон кој цели, да ги примени европските правила, да антиципира, да планира, да организира и да спроведе мерки во сите фази на земјоделското производство (вклучувајќи и пласман и откуп) со активна партиципација на државата, но и да се стимулираат младите земјоделци да останат во земјата. Упатените велат дека поради тоа мора да се искористат фондовите, да се вложи во наука, технологија, иновации, но и да се зајакне административниот капацитет за да може да ги повлече парите што се на располагање за сите фази во аграрниот циклус.
Политиките на Европската Унија во делот на земјоделството се насочени кон обезбедување доволно храна за сите жители на ЕУ. Политиките во делот на руралниот развој се насочени кон обезбедување развој на руралните средини, како и обезбедување услови за развој, модернизација и за зголемување на производството на храна.
– Во насока на брзи приспособувања на земјоделско-прехранбениот сектор кон новонастанатите услови, но и барања, потребно е да се трансформираат земјоделско-прехранбените системи, во насока на подобро производство, подобар квалитет, подобра животна средина и на подобар живот, не оставајќи никого зад себе – велат од Стопанската комора на Македонија.
– Ако Владата го реализира она што го бараат комората и науката, ќе им помогне на домашните компании полесно да ги совладаат предизвиците со кои се соочува секторот, намалување на увозот, изедначување на условите на домашните со европските компании, усогласување правилници, закони, царински давачки, особено за суровините – ни изјавија од Стопанската комора.
Оттаму посочуваат дека едно од барањата е иновациите во науката и во технологијата, кои ќе одиграат клучна улога во трансформирањето на земјоделско-прехранбените системи, да можат да станат поефикасни, поинклузивни, поотпорни и поодржливи.
– Науката, технологијата и иновациите во земјоделско-прехранбените системи ги опфаќаат сите димензии на производствениот циклус по целиот синџир на вредност. Вклучува повеќе технологии и иновации и одржливи земјоделски пристапи, вклучувајќи биотехнологии, дигитални технологии и технологии за обновлива енергија, меѓу другото. На пример, напредокот во биотехнологијата може да се користи за генетско подобрување на растенијата и на животните. Информациите од далечина и сателитите, како и беспилотните летала, нудат огромни можности за собирање податоци во реално време за следење на времето, земјоделските култури, штетниците и болестите и на условите на почвата – потенцираат од Стопанската комора на Македонија, додавајќи дека „технологиите како што се автоматските системи за наводнување, земјоделските роботи и дигиталните технологии за финансиско вклучување, дополнително придонесуваат за ублажување и за надминување на развојните предизвици“.

Уште еден предизвик што не смее да биде запоставен: Окрупнување на
земјоделските површини

Експертите укажуваат дека една од клучните иницијативи на државата би можело да биде поддршка на процесот за окрупнување на земјоделските површини. Според соговорниците, една од главните причини за ниското и неефикасно земјоделско производство и најголем ограничувачки фактор за зголемување на конкурентноста на македонското земјоделство се малите земјоделски стопанства и фрагментацијата на парцелите.
– Една од клучните мерки во создавањето конкурентен земјоделски сектор се однесува на земјишната политика, чија основна цел е да се консолидира земјиштето и да се регулира земјоделското земјиште, особено кога станува збор за државното земјоделско земјиште. Доколку државата не го направи тоа во процесот на преговори со ЕУ или обезбедувајќи дополнителен транзициски период, тоа ќе биде откупено од странските компании по многу пониски цени на штета на домашните производители и компании – истакнуваат повеќе соговорници од земјоделскиот сектор. Е.Р.