Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според најновите податоци на Народната банка на Македонија е забележан годишен раст на вредноста на електронските плаќања во државата од 14,9 отсто. Според упатените во банкарскиот сектор, со зголемување на дигиталните плаќања ќе се намалува и просторот за плаќање во готово, а со тоа ќе се придонесе и во намалување на сивата економија, која сѐ уште е висока и изнесува 37,6 отсто

ПРОДОЛЖУВА ТРЕНДОТ НА РАСТ НА ЕЛЕКТРОНСКИТЕ ПЛАЌАЊА

Македонските граѓани сѐ повеќе ги користат дигиталните начини на плаќање во земјава. Годишниот раст на вредноста на електронските плаќања во третиот квартал од минатата година, според податоците на Народната банка на Македонија, изнесува 14,9 отсто, а кај бројот на остварени трансакции растот е од 8,5 отсто. Како клучни фактори за високиот раст на дигиталните плаќања во земјата се споменува здравствената криза со ковид-19, кога многу граѓани се префрлија на онлајн плаќање на сметките за комунални услуги. Со ова Македонија го следи глобалниот светки тренд за користење на банкарските картички во платниот промет. Наедно, овој дигитален раст се должи и на зголемениот број корисници на мобилната телефонија, односно во вториот квартал од 2022 година се регистрирани повеќе претплатници за 3,48 отсто, во споредба со истиот период од 2021 година. Годишниот раст на бројот на плаќањата во трговијата, кој произлегува пред сѐ од повисокиот годишен раст на бројот на плаќањата со платежни картички на виртуелните (интернет) места на продажба (10,1 отсто), иако послаб, продолжува и во третиот квартал од 2022 година, а продолжува и годишниот раст на бројот на плаќањата на физичките места на продажба (8,3 проценти).
Како и во сите други области во кои се користат понапредни технологии и знаења во поразвиените земји, така и во банкарскиот сектор во Македонија постои простор за поголем напредок во користењето на дигиталните плаќања, смета Љубе Трпески, поранешниот гувернер на Народна банка на Македонија.

– Во македонскиот банкарски сектор се постигна завидно ниво на воведување нови методи на работа со воведувањето на електронското банкарство и плаќања, но секако е потребно уште да се развиваме во тој правец. Секако, банките ја имаат примарната улога во ширењето на дигиталните плаќања, со тоа што ќе им се направи подостапно за граѓаните. Но тоа зависи и од нивото на банкарската „писменост“ на граѓаните, односно од нивната информираност и подготвеност да пристапат на новите апликации што им се нудат преку интернет и сл. Дигиталните плаќања се највисоко застапени во балтичките земји, каде што граѓаните се информатички најобразовани. Добро е што Народната банка го препозна значењето за ширењето на дигиталната писменост, кое беше почнато и во времето кога јас бев гувернер. Ова не само што ќе влијае на развојот на современото банкарство кај нас туку со зголемување на дигиталните плаќања ќе се намалува и просторот за плаќање во готово и за намалување на сивата економија, а со тоа и ќе се собираат повеќе даноци во државната каса – ни изјави Трпески.
Од податоците што вчера ги објави Народната банка не може да се добијат споредбени податоци за висината на дигиталните плаќања во Македонија, во однос на вкупниот внатрешен платен промет, како и за тоа каде се наоѓаме во однос на другите поразвиени земји и од регионот. Притоа се посочува дека кај плаќањата на граѓаните со кредитни трансфери во истиот период е забележан годишен пад на бројот на плаќања за 8,6 отсто, при раст на вредноста од 5,6 проценти.
– Притоа, постепената промена на навиките на граѓаните при вршење на плаќањата во земјата со цел користење на придобивките од електронското банкарство е видлива во начинот на вршење на кредитните трансфери, па така, во третиот квартал од 2022 година е забележан годишен раст од 5,2 отсто кај бројот на плаќањата извршени електронски, односно годишен пад на бројот на трансакциите извршени на шалтерите на банките (12,5 отсто). За извршување на електронските плаќања најчесто се користат мобилните апликации со 54,7 проценти или висок годишен раст од 19,6 отсто, што повторно укажува на натамошно менување на платежните навики во прилог на користењето на поудобните дигитални канали за плаќање – потенцираат од Народната банка.

Воведувањето нови посовремени начини на плаќање е од големо значење и за сузбивање на сивата економија во Македонија, која сѐ уште е присутна во висок процент. Во нашата земја постои широк простор за плаќање во готово, а тоа е посебно изразено во трговијата, зелените пазари, градежништвото и во занаетчиството, но и во трговијата преку социјалните мрежи. Ова подразбира вршење економски активности што не се регистрирани и не се пријавени за даночни цели од страна на поединци, неформални групи или организации. Во согласност со податоците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), учеството на сивата економија во севкупниот економски сектор на Македонија изнесува 37,6 отсто. Според овој податок, земјата е на четвртото место во регионот на Југоисточна Европа. Сивата економија го нарушува интегритетот на целиот наш даночен систем, влијае штетно на буџетот и наплатата на приходите и со тоа ги скратува средствата за инвестиции во подобро и поквалитетно здравство, образование и услуги за сите граѓани, се наведува во многубројните извештаи на меѓународните финансиски организации. М.Ј.