Фото: Игор Бансколиев

Економските аналитичари имаат различни гледишта за тоа какво влијание ќе имаат новите даночни реформи врз економијата и граѓаните. Тие апелираат прво да се отвори широка дебата, па потоа да се носат какви било нови мерки

ПО НАЈАВИТЕ ЗА СЕРИЈА НОВИ МЕРКИ ОД ПОЧЕТОКОТ НА ИДНАТА ГОДИНА

Владата крои нови даночни реформи, како што вели таа, за поголем економски раст, а со тоа и поголем животен стандард на граѓаните. Но оваа најава отвори многу јавни дискусии помеѓу бизнис-заедницата и граѓаните за тоа дали ќе предизвика одлив на квалификуван кадар, како ќе се одрази врз малите претпријатија, дали ќе ја поттикне сивата економија или, пак, ќе донесе социјална правда во државата.
– Суштината на даночната реформа што ја планираме се базира на зголемување на даночната основа, без притоа да се зголемат даночните стапки. Забрзано ќе се спроведува и акцискиот план за сузбивање на неформалната економија, во насока на воведување на неформалниот сектор во формалниот и со тоа дополнително зголемување на базата што подложи на даноци.
Даночната основа е сѐ што се даночи: вкупните доходи или приходи, вредноста на поседуваните недвижности, потрошувачката, трансакциите или другите економски активности. Дефиниравме пет приоритети со стратегијата: поголема праведност во оданочувањето, поголема ефикасност и ефективност на даночниот систем за подобра наплата на приходите, зголемена даночна транспарентност; подобар квалитет на услугите и воведување еколошко („зелено“) оданочување – вели министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Тој додава дека даночната реформа ги опфаќа данокот на добивка, данокот на личен доход, данокот на додадена вредност, акцизите и еколошката даночна политика, а предвидените законски измени во најголем дел се планира да се применат од 1 јануари 2023 година.

– Предвидени се решенија што ќе придонесат за проширување на даночната база преку целење на повластените даночни третмани т.е. даночните ослободувања и олеснувања во постојниот систем на данокот на добивка, данокот на личен доход и данокот на додадена вредност. Во делот на ДДВ, промените се однесуваат на понатамошно зајакнување на основните принципи на системот на ДДВ, како и допрецизирање на правата и обврските на даночните обврзници. Во дебатата ќе биде опфатено и прашањето за данокот на личен доход во контекст на прогресивното оданочување и рамниот данок – појаснува Бесими.
Оваа власт во Македонија веќе имаше воведено прогресивен данок на личен доход, но потоа тој привремено се укина, со образложение дека ќе се прават нови анализи за да се воведе поиздржано даночно решение, што исто така се најави за од почетокот на 2023 година.
Абдулменаф Беџети, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа, посочува дека прогресивниот данок обично се воведува поради социјална праведност наместо економска ефективност.

– Обично повисоките даноци се поатрактивни за фискална евазија. Во развиените економии со развиени институции тоа не се случува и поради строгоста на мерките (санкциите) и неселективниот пристап на даноците, што не е случај кај нас. Неформалната економија кај нас се цени на околу 30 отсто и тоа покажува дека повисоки (прогресивни) стапки би ја поттикнале уште повеќе даночната евазија – објаснува Беџети.
Според него, најпогодени би биле тие што примаат плати и остваруваат приходи над просечните.
– Во ваква состојба на социјална фрагментација, секако ни треба прогресивен систем, но прво примена кај капиталните приходи и приходите на имот, а на крајот кај платите – смета Беџети.
Претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, вели дека за нив ова не се реформи и дека нема никакво олеснување, туку, едноставно, има нов товар или враќање на стариот товар на компаниите даночни обврзници.
– За нас подобро е да се разговара и да се отвори широка дебата и ова нека биде порака државата прво да размисли за сите оние закони што на индиректен или директен начин поттикнуваат сива економија, поттикнуваа намалување на вработувањата, поттикнуваа отпуштање работници, поттикнуваа отворање нови бизниси што беа поврзани со сива економија, со црниот бизнис, прво на тоа требаше да се осврнат – укажува Бошков.
Тој вели дека не само што ќе се зголеми сивата економија туку и многу компании ќе стават клуч на врата и ќе поделат откази.

– Во ваков чувствителен момент, даночната политика не треба да се чепка. Ако сега некако успевале да се одржат на нозе, новите давачки би ги уништиле целосно. Поголемите фирми, пак, веројатно ќе одлучеле да ги преселат бизнисите во соседните држави, а оние што ќе останат овде ќе бидат целосно неконкурентни на странските пазари. Не само што не сакаат нови давачки туку бараат и елиминирање на дел од постојните. Не се гарантира дека нема да има враќање на парафискалните трошоци, кои директно или индиректно ќе бидат зголемени со самото зголемување на даноците. Не само што ќе се затворат бизнисите, тие до одреден момент можат да ја издржат емотивноста на поврзувањето во нашата земја. Сите други земји околу нас бележат интензивирање на странските инвестиции и нашите бизниси можат да бидат странски инвеститори во окружувањето – истакнува Бошков.