Кои се макроекономските предизвици во турбулентните времиња, како да се остане отпорен и конкурентен, како да се зголеми поврзаноста во регионот, кои се предизвиците што кризата ги поставува пред земјите и реформите што треба да се имплементираат понатаму за да се одржи и охрабри растот, но и кои се и какви ќе бидат двигателите на растот во иднина се темите на кои расправаат учесниците на Скопскиот економски и финансиски форум (СЕФФ), кој се одржува по иницијатива на Министерството за финансии.
Во обраќањето на отворањето на СЕФФ 2022, премиерот Димитар Ковачевски истакна оти верува дека од него ќе произлезат сериозни препораки во однос на макроекономските предизвици во наредниот период и во креирањето на фискалната и монетарната политика, како и насоки за фокусирање на политиките за градење одржлива, отпорна и конкурентна економија преку структурни реформи, како и во однос на справувањето со енергетската криза и ориентираност кон зелената транзиција, дигитализација, зајакнување на човечкиот капитал, одржлив и иновативен финансиски систем.
– За Владата и Министерството за финансии ќе биде од исклучително значење да ги слушнеме вашите мислења, анализи, укажувања и препораки, чекор понатаму да ги примениме во креирање на идните политики. Владата најодговорно се справува со огромните економски и енергетски предизвици, како и со последиците од воената агресија врз Украина. Носиме тешки, принципиелни и, пред сѐ, државнички одлуки за да ги заштитиме граѓаните, нивниот стандард и нивните приходи, како и ликвидноста на компаниите – вели Ковачевски.
Како клучни мерки што Владата ги презеде и ги презема на среден и долг рок тој ги посочи оние за заштита на животниот стандард на најранливите категории граѓани, како и задржување на ликвидноста на компаниите, потоа мерките за одржлив економски раст, односно долгорочна поддршка на растот на производството и зголемување на инклузивноста.
– Третиот столб се фокусира на зголемување на бруто-инвестициите, и тоа и на инвестициите што се доминантно од државниот буџет, меѓутоа и на приватните и директните странски инвестиции, како генератор на економскиот раст на државата на среден рок. Во согласност со овие приоритети, деновиве го димензиониравме ребалансот на буџетот за 2022 г., кој соодветствува на макроекономските предизвици во време на неизвесност, како соодветна реакција на новите геополитички случувања и нивниот ефект врз домашната и глобалната економија подготвивме навремен и одмерен одговор на најважните прашања и ги приспособивме проекциите на новиот макроекономски контекст – рече премиерот.
Дефинирани се, додаде тој, поволни извори на финансирање за одговор на кризата, истовремено внимавајќи на зачувување на фискалната одржливост, гарантирана е редовна исплата на платите, пензиите, социјалната помош, како и сервисирање на обврските на државата.
– Стапката на инфлација ја проектиравме на 7,2 проценти на годишно ниво, повторно во контекст на очекувањата за инфлациските движења во еврозоната и калкулирајќи го ефектот на нивното прелевање кај нас. Во согласност со очекувањата на меѓународните финансиски институции за втората половина на годинава предвидуваме стабилизирање на цените. Со стабилизирање на ценовните притисоци, со нормализирање на синџирите на доставување, но и со спроведување на владиниот план за заздравување и забрзување на растот, прогнозите се дека економскиот раст кај нас на среден рок ќе забрза. Економскиот раст за годинава е проектиран на 3,2 проценти, што е намалување за 1,4 процентен поен во однос на макроекономските проекции за буџетот за 2022 година. Овие проекции соодветствуваат со најновата проекција на Меѓународниот монетарен фонд, а се очекува побарувачката да биде главен двигател на растот, при што приватната потрошувачка се проектира со раст од 3,3 проценти – истакна Ковачевски.
Тој се надева дека форумот ќе даде решение како да се одржи растот во едно време на несигурност и криза предизвикана од, како што нагласи, двете години пандемија, а потоа и од војната во Украина. Знаеме, рече Бесими, дека кризата носи доста краткорочни предизвици, но, нагласи, фокусот треба да се задржи долгорочно и да се има визија за иднината.
– Во изминатите две години земјите во светот се соочуваа со шокови и искушенија. Прво беше пандемијата, длабока рецесија – најголема по втората светска војна и по финансиската криза пред 10 години. Кризата дојде со прекин на синџирот на снабдување, повисоки цени на храната и енергентите и построги услови на пазарот. Понатаму дојде војната во Украина. Шок од еден различен карактер, загуба на човечки животи, но и шок по економиите. Тоа беше катализатор на несигурност, зголемување на цените на производите, прекин на синџирите на снабдување, а исто така и понатаму се присутни и предизвиците од пандемијата. Ова е веќе повеќекратна криза – рече Бесими.
Министерот за финансии истакна дека е добро што земјите покажале добар одговор на кризата предизвикана од пандемијата.
– Сега условите се различни од гледна точка на меѓународниот пазар, цените на производите се прелеаја и во националните економии, а покрај повисоките цени нѐ загрижуваат и други прашања, како трговијата и потрошувачката. Некои централни банки веќе најавија построги правила, што значи дека и цените на финансискиот капитал ќе се зголемат – посочи Бесими.
На отворањето на форумот, добитникот на Нобелова награда за економија, американскиот професор Пол Кругман, осврнувајќи се на состојбите по кризата предизвикана и од пандемијата, но сега и од војната во Украина, истакна дека се чувствуваат последиците од нив, но оти засега не може да се зборува дали технички земјите ќе бидат во рецесија, иако, нагласи дека сите ќе чувствувам економска болка.
– Инфлацијата достигна високи стапки. Зборуваме за навистина прегреани економии. Пред некое време инфлацијата беше задржана само на одредени стоки, но сега гледаме дека таа се проширува. Добро е што економиите се жешки, но сега мислам дека е значајно тие да се оладат. Многу е важно да има еден период во кој економиите ќе растат побавно отколку нивниот производствен капацитет. Мора да се отстрани таа прегреаност. Дали ќе има рецесија во техничка смисла? Одговорот на тоа прашање е нејасен. Се разбира дека има можност за период на бавен, но не толку негативен раст и развој – нагласи Кругман.
Според него, економиите постепено ќе се вратат во својата патека, иако тоа тешко се менаџира.
– Ако имате цврста контрола на економијата тогаш може ова да биде возможно. Но најчесто немаме толку цврста контрола. Никој не знае колку се прегреани економиите, ниту колкав ќе биде ефектот на поцврстите монетарни политики. Без разлика дали технички ќе има или ќе нема рецесија, сите ние ќе чувствуваме економска мака и болка. Но има една добра вест. Нема никаков знак во податоците, барем оние што јас ги разгледав, дека инфлацијата станала дел од нас и оти е вкоренета во глобалната економија – истакна нобеловецот Кругман.