Економските кризи на глобално ниво различно ги погодуваат земјите и ја откриваат ранливоста на националните економии, и на големите, а особено на помалите и транзициски земји. Според експертите, „капитализмот влегува во реален проблем доколку првенството единствено му го дава на профитот“. Според мислењата на низа економисти, „Западот веќе согледува дека всушност реалната економија (производството) ги прави социјалниот мир и одржливиот развој и токму производството е она што создава реални економски добра“, а трката по профит и создавањето профит не се клучни за општествената благосостојба, туку само за тесните елити…
Драматична глобална економска ситуација
Меѓународните финансиски институции и финансиски експерти продолжуваат со своите песимистички прогнози за глобалните текови во економијата. Наглото забавување на светското стопанство минатата година, по последователните потреси од пандемијата на ковид-19 и руско-украинскиот судир ќе продолжи и во 2023 година, со ризик од забавување да остане во следните пет години. Глобалната економија се движи кон својот најслаб период на раст од 1990 година.
– Глобалниот раст ќе остане околу три отсто во следните пет години – предупреди шефицата на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, пред пролетните состаноци на ММФ во Вашингтон во втората половина на тековнава недела. И Георгиева рече дека станува збор за најниска среднорочна прогноза за раст од 1990 година.
Економските кризи на глобално ниво различно ги погодуваат земјите и ја откриваат ранливоста на националните економии, и на големите, а особено на помалите и транзициски земји. Според експертите, капитализмот е во проблем доколку првенството единствено му го дава на профитот. Всушност, Западот веќе согледува дека всушност реалната економија (производството) ги прави социјалниот мир и одржливиот развој и производството е она што создава реални економски добра, а трката по профит и создавањето профит не се клучни за општествената благосостојба, туку само за тесните елити.
Затоа се поставува и прашањето за изборот на стратегискиот и развоен модел што успешно ќе одговори на сѐ поголемите предизвици на кои се изложени на глобалната сцена – политичка и економска. Сѐ повеќе економски теоретичари се свртуваат кон идејата за усвојување и применување на стратегијата на фокусирана реиндустријализација, која може да претставува еден од факторите на побрз излез од кризата.
САД ѝ се враќаат на реиндустријализацијата
Со селењето на производствените капацитети за остварување пониски производствени трошоци во последните дваесетина години доаѓа до силна деиндустријализација, на силните глобални економски и индустриски блокови, во што особено предничеа САД и земјите од Западна Европа. Во желбата на повисоки профити на западните корпорации, на сметка на ниските плати на работниците во дислоцираните производни капацитети во азиските земји, економски развиените земји се соочија со пад на индустриското производство, поголема невработеност и намалување на приходите од даноци, односно пад на пазарот на трудот, при што државите добија длабоки социјални проблеми…
Но работите на Запад почнаа радикално да се менуваат со согледување на ваквите околности, дека всушност стопанското производство, индустријата и реалната економија се оние што создаваат реални, опипливи добра и производи, односно економските експерти ќе речат дека всушност таму се создава „општествено-економскиот колач“.
Така, ова беше страшен инпут за некакво започнување период на т.н. четврта индустриска револуција. Повторно индустриското производство (реиндустријализацијата) се истакнува како движечки фактор на развојот и конкурентноста на националните економии. За издвојување, според соговорниците, е дека со политиката на враќање на производството на почвата на САД почна администрацијата на Доналд Трамп, при што како иницијатива, реиндустријализацијата стана највисок национален приоритет. Овој процес го продолжува и сегашниот претседател Џо Бајден, кој се залага за поголема финансиска поддршка на американските домашни компании преку „специјалниот фонд за индустријализација и подобрување на конкурентноста на американската економија“, односно за реиндустријализација со огромни средства наменети за поддршка на домашното производство и секако – за енергетска поддршка!
Ваквите значајни иницијативи и не ’рѓосуваат во рамките на американската економија. Напротив, една од клучните цели на трилатералниот безбедносен пакт помеѓу Австралија, Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави, АУКУС, објавен на 15 септември 2021 година за Индопацифичкиот Регион, всушност, е производство на различни добра за потребите на овие три земји од различни области, вклучувајќи и од безбедносниот сектор. Но всушност обединувачкиот фактор на оваа иницијатива се токму реиндустријализацијата, производството, па и затворањето во своја економско-политичка зона.
Зошто иницијативите и чекорите за реиндустријализацијата на САД и Британија ја оставија затечена Европската Унија
Според познавачите на движењата на глобалните економски текови и трендови, иницијативите и чекорите на САД за реиндустријализација (фондот на претседателот Бајден за поддршка и развој на реалната економија и производство, како и конкретните чекори за силна енергетска поддршка на реалната економија), во ЕУ предизвика шок, бидејќи бенефицираните услови што ги дава САД, според аналитичарите, ќе предизвикаат „реално дезинвестирање во Европа, со движење на работната сила кон Америка“!
Европа толкува дека ваквата економска политика на САД ја става во подредена економска позиција Европската Унија, која во последно време се обидува да го фати чекорот со САД. Сепак, за потсетување, добро е да се издвои дека Владата на ЕУ, имено Европската комисија сѐ посилно ја истакнува важноста од силен, конкурентен и диверзификациски производствено-индустриски синџир на создавање нови вредности како предуслов за јакнење на конкурентноста и потенцијалот за отворање нови работни места. Акцентот на реиндустријализација е насочен кон подобрување на производствената индустрија и на зелените и еколошки технологии.
– Европа мора да се реиндустријализира за да стане самоодржувачка и помалку зависна од трети земји во поглед на енергијата и клучните суровини – изјави Педро Санчез, премиерот на Шпанија, која од први јули го презема ротирачкото претседавање со Европската Унија.
Најголемата стратегиска грешка на македонската држава
Колосалната стратегиска грешка сиве овие години по осамостојувањето на Македонија од која се влечат тешките последици на ниски стапки на раст е отсуството на развој на преработувачката индустрија, која единствено создава материјални добра и продуцира работни места! Тоа е еден од клучните фактори што придонесе за предизвикување демографска катастрофа и сега сме во уште полоша состојба од Западот што се однесува до прашањето на недостиг од работната сила!
На сето ова, економските аналитичари потенцираат дека во Македонија во процесот на стагнирање (поточно со феноменот на деиндустријализација на нашата држава) беше направена уште една катастрофална грешка, која кумулативно со претходната направи вистинска економска апокалипса: Македонија не ги обезбеди клучните фактори за своето производство: сопствена енергија и суровини!
Примерот што го даваат економските аналитичари соговорници, кој ја поткрепува сторената колосална стратегиска грешка на државата, е тоа што „рудниците им ги дадовме на странски субјекти и тие не отворија воопшто преработувачки капацитети во Македонија“. Суровините што се вадат од ископите воопшто не се преработуваат кај нас, не се подигнува нивото на преработка, а со тоа и на цената на производот, па следствено на тоа и не се генерираат нови работни места. Имено, како што домашните суровини се клучен фактор при формирање на цената така и цената на домашната енергија значајно влијае при формирање на конечната (конкурентна) цена. Затоа, економистите уште еднаш ја нагласуваат потребата од домашна енергија за индустријата и индустриските капацитети и за реалната економија во целост.
Реиндустријализација мора да биде поставена како врвен приоритет во
развојната политика на државата
Во вакво големо економско прегрупирање се наметнува и прашањето за Македонија и како „нашата мала и отворена економија“ може да одговори на новите предизвици во светот. Нашата земја од осамостојувањето помина низ силен процес на деиндустријализација, која доведе до затворање голем број индустриски капацитети и силен пад на вработеноста. Според направените истражувања, учеството на бруто-додадената вредност на реалниот сектор во формирањето на БДП од над 27 отсто во 1990 година, сега е намалено на околу 12 отсто. Така, македонското индустриско производство не достигнува ни 65 отсто од оствареното индустриско производство во 1990 година. Од бизнис-асоцијациите во земјава се залагаат за започнување процес на реиндустријализација, кој мора да биде поставен како врвен приоритет во развојната политика на државата. Неопходно е да се врати моделот на индустриско стопанство, кој подразбира динамичен раст на инвестициите во реалната економија и стопанство, раст на обемот на индустриското производство и на продуктивноста. Ова е важно за да се генерираат повисоки стапки на раст, а националната економија да се базира на стопанство што ќе има повисока додадена вредност и подобра конкурентност.
За да се постигне тоа, како што нагласуваат економистите, потребно е да се создаде силен и независен домашен енергетски систем, кој ќе произведува електрична енергија по пониска цена за домашната индустрија. Вториот сегмент се однесува на подобро искористување на природните ресурси, кои сега, со влегувањето на странските компании, се извезуваат како суровина, без да се преработуваат во домашни преработувачки капацитети. Истото тоа се однесува и на развојот на земјоделското производство, преку заокружување на целиот производствен процес, од одгледување до преработка во готов производ за странските пазари.