Дали е ова резултат на еден класичен домино-ефект? Нема евтина енергија – има пад на индустриското производство, нема суровини – има покачување на цената на производите… Нема современа технологија ниту конкурентност – има одлив на работници. Нема домашно производство – има увоз… Инфлацијата се зголемува…
Зошто трошоците за живот растат од месец на месец
Вредноста на синдикалната минимална кошница за јануари е зголемена за 641 денар. Од декемвриските 56.222 денари, овој месец порасна до 57.163 денари.
Но доколку просечно четиричлено семејство живее во изнајмен стан од 60 квадрати, тогаш кошницата натежнува и тоа станува изразено со „парична тежина“ во висина од 72.538 денари (1.178 евра). Тоа, пак, е 566 денари повеќе споредено со декември 2023 г., кога изнесуваше 71.972 денари (1.169 евра). Ова го покажуваат пресметките на Сојузот на синдикатите на Македонија.
Синдикалните пресметки за јануарската потрошувачка кошничка изразени во пари и проценти
И понатаму од вкупниот износ на кошницата, најголемиот процент од 36,7 отсто е за храна и пијалаци. Само за тие најосновни потреби се неопходни 21.007 денари. За облека и обувки отпаѓаат 8,4 отсто, односно 4.803 денари. На станарина, вода, електрична енергија и греење 6.014 денари (10,5 отсто), на лична хигиена и одржување хигиена во домот 1.797 денари (3,1 отсто), на здравје 1.115 денари (2 отсто), на транспорт 4.759 денари (8,3 отсто), на комуникации 2.709 денари (4,7 отсто), на рекреација и култура 4.205 денари (7,4 отсто), на образование 7.022 денари (12,3 отсто), на ресторани и хотели 3.733 денари (6,5 отсто) и на други стоки и услуги 950 денари или 1,7 процент, покажуваат синдикалните математики.
Трошоците одамна се над примањата. Според последниот извештај, просечната плата од октомври 2023 г. е 38.843 денари. Што значи дека е потребна речиси една и пол просечна плата за да може да се овозможи сето она што е предвидено во минималната месечна кошничка. Но и најавените речиси 23 илјади денари минимална плата во март не даваат надеж дека нешто ќе се промени во однос на животниот стандард. Трошоците растат, платите не го следат истиот тренд, а сето ова го трпат граѓаните. Кој е најголемиот проблем што континуирано секој месец се зголемува минималната кошница? Како да се реши?
Дали е ова резултат на домино-ефект?
Нема евтина енергија, има пад на индустриското производство, нема суровини, има покачување на цената на производите… Нема современа технологија ниту конкурентност, има одлив на работници. Нема домашно производство, има увоз… Инфлацијата се зголемува…
Според претседателот на Бизнис-конфедерацијата, Миле Бошков, ситуацијата на високи цени во земјава ќе трае уште долго.
– Опасноста од инфлација сѐ уште постои и освен што треба да се зголемат платите, потребни се повеќе пари за помош на граѓаните. Исто така, потребни се повеќе пари за отворање нови работни места, преквалификации, доквалификации, кои ќе придонесат за подобрување на стандардот на граѓаните – вели Бошков.
Тој додава дека е рано да зборуваме за стабилна економија во време кога сѐ уште има неизвесност. Бошков посочува дека за стабилизација може да дискутираме кога производството ќе завршува на домашен и на странски пазар.
– Сѐ додека сме увозни зависни, продуктите ќе стануваат сѐ поскапи, а и парите исто така. Самите пари ќе бидат поскапи, без разлика дали ќе се трошат за инвестиции, за потрошувачки за враќање долгови, мора да почекаме или добро да размислиме и да се фокусираме на домашното производство – истакнува Бошков.
Според економскиот аналитичар Висар Адеми, ние самите го уништивме домашното производство и ако на тоа се додаде и лошата политика на субвенции на земјоделството, ние увезуваме и храна и високи каматни стапки и инфлација…
– Надлежните се одговорни затоа што не одговара правилно на овие работи. Пред сѐ, не го држи јавниот долг во нормално ниво, а една од овие реперкусии на инфлацијата е токму тоа. Не треба да се троши недомаќински, а уште помалку квалитетот на трошењето да е многу лошо – вели Адеми.
Универзитетскиот професор Димитар Николоски истакна дека во услови на зголемена инфлација, работниците го зголемуваат притисокот врз платите со што се создава предуслов за влегување во т.н. инфлаторна спирала „плати – цени“.
– Имено, зголемената инфлација предизвикува пад на реалните приходи поради тоа што номиналните плати не успеваат да го задржат чекорот со порастот на инфлацијата. За да ја заштитат својата благосостојба, работниците се обидуваат да преговараат за повисоки плати, најчесто поддржани од моќта за колективно договарање или синдикално организирање. Единечниот трошок за трудот расте доколку порастот на платите е поголем од порастот на продуктивноста. Евентуално бизнисите ги калкулираат зголемените трошоци во цените на своите производи и на тој начин ги пренесуваат на крајните потрошувачи со цел да го заштитат својот профит. Тоа доведува до понатамошен пораст на цените на производите и создава услови за забрзување на инфлацијата – посочува Николоски.