Фото: Пиксабеј / Илустрација

Само 2,75 проценти од потребите за електрична енергија е обезбедена од увоз изминатата година, покажуваат податоците од Годишниот извештај за 2023 година што Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) го достави до Собранието, соопштија денеска од РКЕ.

– По 32 години независна република, конечно можеме да соопштиме дека сме на праг до енергетски независна држава кога е во прашање електричната енергија. Податоците покажуваат дека Елдорадото на инвестиции во фотонапонски централи, каде има пораст во инсталираниот капацитет за 251 проценти во споредба со 2022 година, го стопи увозот од 30 проценти на 2,75 проценти. Овој успех има сеопфатно влијание, како кон енергетска транзиција, така и кон финансиските текови преку намалувањето на дефицитот, посочил Марко Бислимоски, претседател на РКЕ – се наведува во соопштението.

Во 2023 година, се додава, се регистрирал раст на извоз на нафтените деривати при што кај бензините имало забележителен раст на извезените количества за 139,53 проценти во однос на 2022 година, кај млазното гориво извозот е зголемен за 38,41 проценти и кај дизел горивата извозот има раст од 2,31 проценти, што е потврда, се подвлекува, дека во земјава има горива со најниска цена.

Како што стои во соопштението од РКЕ, останува високо нивото на неприходуваната вода од 62,29 процент поради кој РКЕ инсистира да и се даде во целост надлежноста за регулирање на крајната цена на вода.