Зголемувањето на економската соработка меѓу шесте земји од Западен Балкан и искористувањето на пазарот од 18 милиони луѓе претставуваат добра основа за забрзан економски раст на националните економии. Процените се дека со регионалната економска интеграција може да се генерираат дополнителни од шест до
седум отсто раст на БДП во регионот
Подобрувањето на конкурентноста на компаниите од земјите од Западен Балкан е важен предуслов за нивно поголемо економско интегрирање во заедничкиот европски пазар.
Недоволната развиеност на институциите и на инфраструктурата, релативно ниската ефикасност на работната сила, како и ограничениот потенцијал во користењето на иновациите и современите производни технологии претставуваат сериозни ограничувања за поголема конкурентност за регионот.
Покрај ова, поволното деловно и политичко опкружување се меѓу најважните предуслови за економско заздравување и раст на земјите од Западен Балкан. Зголемувањето на економската соработка меѓу шесте земји од Западен Балкан и искористувањето на пазарот од 18 милиони луѓе може да претставуваат добра основа за забрзан економски раст на националните економии. Процените се дека со регионалната економска интеграција може да се генерираат дополнителни од шест до седум отсто раст на БДП во регионот. Наедно, воспоставувањето заеднички економски регионален пазар ќе му помогне на регионот во процесот на усвојување на стандардите на Европската Унија, а со тоа и за постигнување подобра конкурентност на домицилните компании, а со тоа и на извозот на национално ниво.
За унапредувањето на економската соработка во Западен Балкан се говореше и на минатонеделната регионална конференција што се одржа во Скопје, а главната тема беше како да се обезбеди поголема соработка меѓу компаниите од регионот. Ова прашање е особено важно за Македонија, која околу една третина од својата надворешна трговска размена ја остварува во рамките на Западен Балкан (наш прв трговски партнер е Европската Унија).
Како што беше истакнато од нашите бизнис-претставници во Стопанската комора на Македонија, предизвик на секоја економија е како да го зголеми својот извозен потенцијал и во услови на глобална конкуренција да се понудат добра и услуги со додадена вредност што по цена и квалитет се конкурентни на странските пазари. Исто така, за да се зајакнат извозните капацитети и конкурентноста на извозните компании е потребна поддршка за интензивирање на регионалната соработка и олеснување на трговските бариери, за да се искористат можностите што ги нудат заедничкиот регионален пазар и интернационализацијата на бизнис-секторот. Заедничката заложба на домашните компании е склучување нови партнерства и освојување други пазари, а главната цел да биде зголемениот извоз, кој ќе биде главниот мотор на економскиот раст на земјата.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, посочи на фактот дека сите земји од Западен Балкан, не само поединечно туку и здружени како регион, се економски мали во однос на големите светски играчи на меѓународниот пазар.
– Сѐ уште во нашиот регион историјата и политиката се доминантни во однос на економијата и бизнисот. На балканските политички елити 30 години им беше потребно да сфатат дека регионалната политика и пристап во работењето не е враќање кон старата Југославија туку приклучување кон западните прогресивни вредности и дека за успешна регионална интеграција се потребни иницијативи од самите земји во регионот на Западен Балкан, по успешниот пример на Вишеградската група. Треба да вложуваме максимални напори за да ги подобриме сите перформанси што се битни за зголемување на извозот и за создавање конкурентни производи што со својата цена и со својот квалитет ќе можат да се носат со конкуренцијата на другите пазари. Ако тоа не го правиме ние, го доведуваме во прашање развојот на бизнисот – рече Азески.
Предизвик на секоја економија е како да го зголеми својот извозен потенцијал и во услови на глобална конкуренција да се понудат добра и услуги со додадена вредност што по цена и квалитет се конкурентни на странските пазари, смета Билјана Пеева-Ѓуриќ, проектна менаџерка како дел од проектот „Поддршка на приватниот сектор за регионална економска интеграција“ што комората го имплементира во партнерство со УСАИД.
– За да се зајакнат извозните капацитети и конкурентноста на извозните компании е потребна поддршка што ќе биде обезбедена преку интензивирање на регионалната деловна соработка и преку олеснување на трговските бариери, со цел да се искористат можностите за нашата деловна заедница што ги нудат заедничкиот регионален пазар и интернационализацијата на бизнис-секторот. Веќе работиме и на испорака на конкретна поддршка за голем број извозно ориентирани компании преку обезбедување техничка и стручна помош при воведување меѓународни стандарди за квалитет, развивање и имплементација на нови дигитални решенија и алатки, изработка на проектни апликации за пристап до финансии за реализација на инвестициски проекти и изработка на маркетинг-стратегии за извоз, со цел градење на капацитетите за пристап до нови пазари. Во периодот што следува ќе работиме на поголема промоција на компаниите преку организирани настапи на реномирани меѓународни саемски манифестации, организирање купувачки мисии со носење таргетирани странски купувачи во земјата и на други форми на трговска промоција – вели Пеева-Ѓуриќ.
Во наредниот период ќе се работи на операционализација на студија за можностите за поттикнување на поголемо ниво на регионалната соработка, чиј креатор е професорот Дарко Лазаров, претседател на Клубот на извозници при комората. Оваа стручно изведена анализа е прва од ваков вид во регионот, која на еден поинаков начин, преку детална разработка на податоци на ниво на поединечен производ и пазар ги анализира тековните состојби, но, многу поважно, ги мапира неискористените интрарегионални трговски потенцијали. Генерално, следните активности треба да бидат насочени кон подобрување на постојната извозна структура и поттикнување на процесот на извозна диверзификација преку градење капацитети и оспособување на нови извозни компании. Исто така, и преку подобрување на капацитетите на постојните извозни компании со цел почнување на производство и извоз на нови производи со поголема додадена вредност и поттикнување на извозот на постојните извозни производи, но на нови пазари. М.Ј.