Во однос на учеството на еминентни експерти од Македонија, знам дека препораките што ќе произлезат од панел-дискусијата ќе бидат препораки што ќе адресираат како да се зајакнува капацитетот на компаниите, какви промени се потребни во регулативите што го диктираат нашиот пат, како да се подобрат состојбите во бизнис-секторот, туризмот, културата и културното наследство воопшто. Верувам дека дискусиите ќе дадат одговор и на тоа како реагираа и како треба да реагираат менаџерите на финансиски средства во услови на голем пазарен ризик, пазарни шокови и како треба да се подготвуваат инвеститорите во одделни сектори, рече проф. д-р Татјана Бошков
Научна конференција: „Предизвиците во туризмот и бизнис-логистиката во 21 век“
Факултетот за туризам и бизнис-логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип беше организатор на традиционалната, веќе седма по ред, меѓународна научна конференција насловена „Предизвиците во туризмот и бизнис-логистиката во 21 век“. Научниот собир се одржа во портата „Македонија“ во Скопје, на него учествуваа повеќемина истакнати истражувачи и професори од Република Македонија, како и од повеќе други држави – Израел, Шпанија, Франција, Молдавија, Италија, Грција, Египет, Полска, Турција, Романија, Србија, Хрватска, Бугарија, Босна и Херцеговина и Словенија. Оваа година конференцијата беше во насока на поголемо разбирање помеѓу бизнисот, економијата, туризмот, културата и културното наследство и образованието.
Научната конференција започна со панел-дискусија на темата „Глобалната динамика и можностите за поттикнување на економскиот раст: преглед на состојбите во бизнисот, културата, културното наследство и туризмот“ во насока на утврдување на фактичката состојба, како и препораки за одредени реформи со кои ќе се унапредат бизнис-климата и туризмот, но и ќе се промовира македонското културно наследство. Конференцијата беше збогатена со етнолошка изложба на народни носии од Македонија (плакати), иницирана од страна на м-р Александар Јорданоски, експерт за заштита на културното наследство, а реализирана со поддршка на проф. д-р Владимир Јаневски, етнокореолог од Музичката академија од Штип.
Проф. д-р Татјана Бошков, деканка на Факултетот за туризам и бизнис-логистика и претседателка на Организацискиот комитет, образложи дека повикот за трудови на оваа конференција третира теми што наметнуваат фокус на учесниците и истражувачите насочен кон најновите трендови и предизвици во врска со развојот на туризмот, менаџирањето со компаниите, пазарот на трудот, можностите за придобивки и профит, изгледите за подобра конкурентност на меѓународниот пазар што, пак, е императив за финансиската стабилност на Македонија во целина.
– Со пристигнатите трудови и авторските истражувања, убедена сум дека ќе се оствари целта на конференцијата, а тоа е оценување на тековната состојба и идните изгледи за развој на микроплан, што се однесува на домашниот пазар, како и движењата на глобалната економија, подготвувајќи ја бизнис-заедницата за предизвиците со кои ќе се соочува при остварувањето на своите цели, што де факто влијае врз одржувањето на финансиите, особено во времето што го живееме под притисок на актуелната економска состојба. Во однос на учеството на еминентни експерти од Македонија, знам дека препораките што ќе произлезат од панел-дискусијата ќе бидат препораки што ќе адресираат како да се зајакнува капацитетот на компаниите, какви промени се потребни во регулативите што го диктираат нашиот пат, како да се подобрат состојбите во бизнис-секторот, туризмот, културата и културното наследство воопшто. Верувам дека дискусиите ќе дадат одговор и на тоа како реагираа и како треба да реагираат менаџерите на финансиски средства во услови на голем пазарен ризик, пазарни шокови и како треба да се подготвуваат инвеститорите во одделни сектори – рече проф. д-р Татјана Бошков.
Според неа, овие препораки ќе бидат двигател на реформски процеси во насока на издигање на квалитетот на образованието заради поголема продуктивност на трудот, конкурентност на економијата и намалување на неусогласеноста на понудата на вештини и компетенции и побарувачката на пазарот на трудот.
На научната конференција, меѓу другото, актерот Зоран Љутков говореше за потребата од спојување на двата најважни сектора во Македонија, односно културата и туризмот во едно Министерство за култура и туризам. Свое обраќање имаше и д-р Владимир Јаневски, етнолог и еден од најголемите познавачи на традиционалната македонска култура, нагласувајќи ја важноста на етноселото како мост за обединување помеѓу бизнисот, културното наследство и туризмот. Владимир Јаневски го објасни функционирањето на етноселата во неколку европски држави, како што е Холандија, како и поучните совети што може да се применат во нашата држава. Јаневски исто така се задржа и на македонското село, лоцирано во селото Нерези, во близината на манастирот „Св. Пантелејмон“ на планината Водно, образложувајќи дека и покрај куќите од различни географски подрачја на Македонија, како и Етнолошкиот музеј во кој се изложени предмети од македонската култура, народни носии, како и археолошки содржини, постојат голем број можности за унапредување и возобновување на македонското село како туристичка атракција, но и како афирматор на македонското културно наследство. Д.Ст.