Последниот извештај на Народната банка покажува дека има раст и на депозитите и на кредитите, како на месечно така и на годишно ниво. Растот на кредитите кај граѓаните и компаниите не е сигнал за влошување на состојбите, бидејќи кредити можат да подигнат субјекти со редовни приходи, објаснуваат поранешни гувернери
Континуиран раст на депозитите и на кредитите регистрира Народната банка кај комерцијалните банки. И покрај ниските камати за депозитите, депозитната база расте и кај граѓаните и кај компаниите, истовремено раст е регистриран и кај кредитната изложеност на банките.
Според поранешните гувернери, растот на кредитите кај граѓаните и компаниите не е сигнал за влошување на состојбите, бидејќи кредити можат да подигнат лица со редовни примања, и потенцираат дека и покрај кризата, не се зголемуваат нефункционалните кредити, што е знак дека долговите редовно се отплаќаат.
Последниот извештај на Народната банка покажува дека има раст и на депозитите и на кредитите, како на месечно така и на годишно ниво.
– Во декември 2021 година, вкупните депозити се зголемени за 2,7 отсто на месечна основа, при годишен раст од 7,8 проценти. Притоа, месечниот и годишниот раст се резултат на растот на депозитите кај двата сектора, поизразен кај секторот домаќинства. Кај вкупните кредити е забележан месечен раст од 1,7 процент, кој во поголем дел се должи на зголеменото кредитирање на корпоративниот сектор. Годишниот раст изнесува 8,3 отсто и е резултат на повисоките кредити на двата сектора, при малку поголем придонес кон растот на корпоративниот сектор – наведува НБРСМ во својот редовен извештај.
Поранешниот гувернер Петар Гошев објаснува дека и покрај пандемијата и економската криза, која настана како резултат на истата таа, растот на кредитирањето не е загрижувачки знак.
– Растот на кредитирањето и на депозитите е позитивен знак. Последните години се забележува дека има поголем раст на кредитирањето на населението отколку на компаниите и добро е кога растат кредитите за граѓаните. Битно е тој процес да не запре. Значи дека и понатаму имаме економска активност и граѓаните добиваат плати навремено поради што имаат основа да добијат кредити и се способни да ги вратат кредитите – посочи Гошев, притоа дополнувајќи дека податоците упатуваат на заклучок оти и покрај пандемијата, сè уште има и граѓани со вишок пари. Тој објаснува дека одредени граѓани не го трошат севкупниот расположлив финансиски прилив и одвојуваат од него за депозити, односно за штедење.
– Очигледно има одредени граѓани што не ги трошат сите средства и дел од нив успеваат да заштедат. Но има и такви што имаат потреба од пари, а ги немаат, па најдобар начин да ги добијат е преку заеми од банките, кои, пак, ги издаваат заштедените пари од граѓаните што имаат вишок. Дури и нефункционалните кредити во земјава не растат како порано, што е уште еден показател дека кредитите добро се враќаат – дополнува Гошев.
Поранешниот гувернер објаснува дека Народната банка преку своите механизми и со своето работење го следи работењето на комерцијалните банки, ја следи нивната капитализираност, гледа колку кредити издаваат и како дадените кредити се покриени. Истакнува дека НБ има начини да ја следи кредитната изложеност и да реагира ако смета дека задолженоста кај граѓаните е преголема.
– За да се спречат несакани ефекти, многу е важно редовно да се следат ризичните кредити, кои во оваа ситуација, и покрај растот на кредитирањето кај нас, не се зголемуваат. Ризичните кредити се ненаплатливите кредити и за нивно покривање НБ со своите инструменти ги тера комерцијалните банки да одвојат повеќе средства за нивно гарантирање, односно за евентуално покривање на тие кредити што корисниците не ги враќаат. Ако банките претераат со сомнителни побарувања, им се заканува опасност да биде загрозен капиталот, па Народната банка ќе им изрече мерка да се докапитализираат, односно да го зголемат сопственичкиот удел. Мора да се почитува нивото на адекватност на капиталот, да се движи во рамките на параметрите што се зададени, во спротивно, доколку тој падне под дадените параметри, ќе следуваат мерки од НБ. Генерално не е проблем ако растат кредитите, но проблематично е ако не се враќаат кредитите поради затворање на некои фирми или поради губење на работните места. Затоа тука е НБ, која проверува како работат банките и дали ги почитуваат поставените прописи – објаснува Гошев.
Тој додава дека и покрај кризата, растот на кредитите и депозитите е добар знак. Потенцира дека доколку Народната банка смета дека треба да се намали кредитирањето на населението или, пак, на компаниите, тогаш има мерка преку која кредитирањето може да се затегне, односно да се намали, а тоа е преку зголемување на каматната стапка на благајничките записи. Со раст на референтната каматна стапа, појаснува Гошев, Народната банка ќе испрати знак дека банките треба да намалат со кредитирањето. Објаснува дека со раст на референтната каматна стапка се забавува кредитирањето, бидејќи ќе порастат каматите на кредитите, а со нив се намалува интересот за кредитирање.
– Во светот вообичаено маргините меѓу каматите на депозитите и кредитите се многу мали. Додека кај нас, па и во некои од земјите во соседството разликата сѐ уште е голема, што секако се должи и на конкуренцијата, која очигледно е мала. Сѐ додека можат, банките ќе ги држат големите разликите меѓу каматите на депозитите и кредитите, бидејќи преку нив и ги прават заработките. Разликите во развиените земји не се толкави, но не можеме да се споредуваме со развиените земји, доколку го правиме тоа, треба да сме свесни дека има банки во светот каде што се воведуваат негативни камати, односно им наплаќаат на клиентите за чување на парите – потенцира Гошев.
Податоците на НБРСМ покажуваат дека вкупните депозити на компаниите во декември биле повисоки за 3,9 проценти на месечно ниво, додека на годишно ниво растот е 11,6 отсто. Од друга страна, вкупните кредити на корпоративниот сектор имаат месечен и годишен раст од 3,1 отсто и 8,7 проценти.
Последниот месец од минатата година, НБРСМ регистрира и раст на депозитите на домаќинствата од 2,2 проценти на месечно ниво, додека на годишно од 7,1 отсто. Кредитите на домаќинствата, во декември пораснале за 0,4 отсто, додека на годишно ниво се зголемени за 7,8 проценти.