Фото: Игор Бансколиев

Последниот случај со неквалитетното млеко, инаку и опасно по човековото здравје, кое било пласирано на домашниот пазар, само го поттикна интересот на јавноста за тоа каков е соодносот меѓу цената и квалитетот на храната што ја јадеме. Или, со други зборови, дали поради економската криза, постојаниот раст на цените на храната, трката по купувачи и конкуренцијата на пазарот се занемарува клучната компонента за квалитет и безбедност на храната. Денес веќе и нема евтина храна, но најважно е таа да биде безбедна од секој аспект и во однос на тоа не смее да има компромиси, тврдат упатените

ГРАЃАНИТЕ ПОД ДВОЈНА ОПСАДА ВО ОДНОС НА СОСТОЈБИТЕ СО ХРАНАТА

Високите цени на производите поради високите трошоци на производство и намалената куповна моќ на граѓаните се одрази и на вкупниот промет во трговијата на мало. Ова ја заостри конкуренцијата меѓу компаниите во секторот за храна, кои се обидуваат да го задржат прометот што го остварувале пред почетокот на економската и енергетската криза. Порастот на цените во земјата за октомври достигна 19,8 отсто, што дополнително се одрази на намалениот стандард на граѓаните, кои се обидуваат да ги покријат своите месечни потреби за храна, преориентирајќи се на производи со пониска цена. Следејќи ги овие трендови, трговците се обидуваат да ги привлечат осиромашените потрошувачи со пласирање производи со пониски цени, но и со послаб квалитет од тој што е деклариран на пакувањето! Но и производителите на храна се обидуваат да заштедат на секој можен начин, пласирајќи на пазарат и производи со непроверен и сомнителен квалитет. Со други зборови, кризата ги изложи граѓаните на двоен удар – да плаќаат многу поскапа храна, но истовремени и да се соочат со зголемениот ризик од понеквалитетна и непроверена храна.
Последниот случај, кога од Агенцијата за храна и ветеринарство го повлекоа од продажба производот трајно млеко од производителот „Милкано“ со 3,2 проценти масленост, го отвори и прашањето колку македонските потрошувачи се заштитени во заострената конкуренција меѓу трговците! Уште повеќе загрижува и тоа што прехранбените производи со послаб квалитет можат да содржат и некои недозволени состојки, кои можат сериозно да влијаат на безбедноста на храната што ја консумира македонскиот потрошувач.

Во конкретниот случај, во млекото се откриени канцерогени и високотоксични соединенија. Од АХВ соопштуваат дека станува збор за афлотоксин М1, соединение што може да предизвика жолтица и тешки оштетувања на црниот дроб! По контролите на АХВ, сите други производи на млекарницата од Босна и Херцеговина (млеко со пониска или повисока масленост и други млечни производи) не се опфатени со повлекувањето бидејќи според АХВ се исправни.
Од почетокот на економската криза и откочувањето на ценовната спирала, од Здружението на заштита на потрошувачи постојано предупредуваа на зголемениот број поплаки од граѓаните за однесувањето на трговците, од манипулациите со цените преку намалување на пакувањата и грамажата на поединечни прехранбени производи, за висината на неразумното поскапувања на производите, на несоодветниот квалитет на производите што се чуваат во ладилниците, а кои се вклучени на ладење на повисока температура, како и на несоодветниот квалитет поради несоодветните состојки во самиот производ. Купувачите најчесто се жалеле на послабиот квалитет на месните и млечните производи, месото и млекото, брашното и други производи за исхрана. Со цел да се заштитат граѓаните од купување небезбедна храна, од Здружението за заштита на потрошувачи имаат изработено и препораки за тоа како потрошувачите да ги препознаат „измамите“ во контекст на прометот со храната. Тоа значи дека описот на потеклото на храната, нејзиниот состав и како таа била добиена и/или приготвена, треба и мора да бидат вистинити. Притоа ниедна состојка на храната, која е составен дел или дозволена да се додава во производот, не смее да биде заменета со слична или друга состојка што има помала нутрициска вредност од оригиналната состојка. Ако храната е погрешно опишана, односно доколку информациите за потеклото, составот и другите информации наменети за потрошувачите не се вистинити и доколку ова погрешно опишување е направено со намера да го измамат потрошувачот заради финансиска добивка, измамата со храна често позната како економско мотивирано фалсификување е веќе извршена, посочуваат експертите од областа на производство и дистрибуција на храната.
– Покрај производителите и трговците имаат свој удел во пласирањето производи со послаб квалитет, што не значи дека тие и се и неквалитетни, од аспект на безбедност на храна. Пласирањето производи со послаб квалитет го наметна самиот пазар, односно купувачите со послаба економска моќ.

Во Македонија над 80 отсто од граѓаните се со минимални примања или се во границата со загарантирана минимална плата. Доколку во едно семејство има вработени со минимални примања, тие не се доволни да ја покријат потрошувачката кошничка, која за еден месец изнесува од 47 до 50 илјади денари. Самите потрошувачи се принудени да трчаат од една до друга продавница во потрага на поевтин производ. Притоа купувачите треба самите да се свесни за квалитетот што го добиваат со купување поевтин производ. Секако дека купувачите не можат да знаат што содржи одреден производ и дали се исполнети сите услови што се наведени во декларацијата што е ставена од производителот. Нашиот купувач и нема навика да ги чита декларациите на производите, но секако и самиот не може да знае дали одреден производ одговара на наведениот квалитет. За тоа се надлежни државните институции задолжени за контрола и промет на храната, како што се Царината или Агенцијата за храна и ветеринарство – ни изјави Душко Христов, кој долго време е вклучен во организацијата на банката за храна во Македонија.
Во последните години, односно од почетокот на здравствената криза со коронавирусот, како што нѐ информира тој, се забележува намалената куповна моќ на граѓаните, што се гледа и низ примерот на количеството на прехранбените производи што се повлекуваат од малопродажбата. Како „најризични“ производи што биле со изминат рок на употребата биле кондиторските производи, чоколадата и пакуваните производи од пржени компирчиња, грицки и сл.

Економската криза ги принуди некои од трговците да го намалат и бројот на увезени производи, кои се прескапи за домашниот потрошувач, и се преориентирале на поевтини производи.
Во услови кога растат цените на прехранбените производи, производителите и трговците се обидуваат да ја искористат моменталната состојба на пазарот, обидувајќи се да понудат и производи со повисоки цени, но со послаб квалитет. Од Агенцијата за храна и ветерина вчера не добивме одговор на нашите прашања дали оваа институција, која е задолжена за проверката на безбедноста на храна, ги засилува своите активности за контрола на квалитетот на храната што се пласира во малопродажните објекти, со цел да се постигне поголема заштита на потрошувачите. М.Ј.