Вкупната вредност на извозот на стоки од земјава, во периодот јануари – мај 2025 година, изнесува 3,3 милиони евра и бележи пораст од 3,2 проценти во однос на истиот период лани. Само во мај е забележан раст на извозот од 23,44 проценти. Вредноста на увезената стока, пак, во првите пет месеци е 4,6 милиони евра, што е за еден процент повеќе во споредба со претходната година, објави Државниот завод за статистика.
Трговската размена по производи според Стандардната меѓународна трговска класификација покажува дека во извозот најголемо е учеството на: катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и други катализатори на носачи.
Во увозот најмногу се застапени: нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и електричната енергија.
Во периодот јануари – мај 2025 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Кина, кои учествуваат со 47 проценти во вкупниот обем на размената. Земјите членки на Европската Унија учествуваат со 60.7 проценти во вкупната размена.