Со првиот пакет мерки, ОРМ бара од Владата директно да ја субвенционира цената на електричната енергија што ја купуваат компаниите на отворениот пазар над одреден ценовен плафон, и тоа од 100 или 200 евра за мегават-час, во зависност од финансиските можности на државата
Порастот на цените на енергијата и до седум пати им ги зголемил трошоците на компаниите оваа есен, во споредба со претходната. Најголем предизвик за компаниите во моментов е цената на електричната енергија, а дури една третина размислуваат привремено да го прекинат производството или да го затворат бизнисот ако не се намали цената на струјата или доколку не добијат поддршка од владата. Досегашните владини мерки за поддршка за полесно пребродување на енергетската криза, за повеќе од половина од компаниите (55 отсто), се недоволни или несоодветни. Ова се заклучоците од анкетата што ја спроведе Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), со која беа опфатени 125 компании, чија цел е да се оценат негативните ефекти од енергетската криза врз домашните компании што се снабдуваат со електрична енергија на отворениот пазар. Истражувањето е спроведено со поддршка од Меѓународната организација на трудот.
Резултатите од анкетата покажуваат дека најпогодени од растот на цената на електричната енергија и другите енергенти се компаниите од преработувачката индустрија и трговијата, каде што вкупните оперативни трошоци се зголемени и до 60 отсто. Истовремено, овие компании, особено поголемите, се целосно изземени од досегашните директни мерки за поддршка на Владата во форма на субвенционирана цена за струјата и пристап до поволни кредити за инвестиции во обновливи извори на енергија.
За надминување на ваквите констатирани негативни ефекти од енергетската криза, ОРМ предлага два пакет мерки – првиот за директна и индиректна поддршка на компаниите што се снабдуваат од отворениот пазар на електрична енергија, а вториот за олеснување на инвестициите во обновливи извори на енергија.
Со првиот пакет мерки, ОРМ бара од Владата директно да ја субвенционира цената на електричната енергија што ја купуваат компаниите на отворениот пазар над одреден ценовен плафон, и тоа од 100 или 200 евра за мегават-час, во зависност од финансиските можности на државата.
Со овој пакет мерки, меѓу другото, се предлага и намалување на ДДВ за електрична енергија или ограничување на маржата за пренос и дистрибуција на електрична енергија. Исто така, работодавачите бараат од Владата гаранции дека нема да ја менува законската регулатива во одреден временски период, со што ќе се обезбеди поголема предвидливост на деловното окружување, како и мерки со кои би се овозможила поголема флексибилност на пазарот на трудот, односно можност за работно ангажирање на млади лица над 16 години заради задоволување на потребите од пониско квалификувана работна сила.
Пакетот за олеснување на инвестициите во обновливи извори на енергија го сочинуваат предлог мерки со кои преку различни финансиски механизми би се мотивирале и поддржале компаниите да градат сопствени централи за производство на обновлива енергија.
Конкретно, се бара од Владата да обезбеди поволна консултантска поддршка за изработка на проекти за изградба на фотоволтаични и ветерни централи, како и укинување на увозните давачки за набавка на компоненти за ваквиот вид енергетски извори. Се бара и проширување и олеснување на пристапот до поволни кредити за ваков вид проекти, како и обезбедување јасни насоки и водичи за постапување на институциите на локално и на централно ниво, при што се предлага и воведување едношалтерски систем преку кој ќе се обезбедува целокупната документација неопходна за изградба и отпочнување на производството од обновливи извори за сопствени потреби на компаниите.