Мислам дека ќе има доволно струја за малите потрошувачи и не очекувам да дојде до рестрикции. Домаќинствата сами ќе проценат како ќе трошат електрична енергија, а можно е компаниите да штедат или да прават исклучувања на одредени периоди, вели професорот на Факултетот за електроника и информациски технологии, Антон Чаушевски, по повод моментната состојба за снабдување со електрична енергија.
– Секој сам си знае, домаќинствата ќе проценат со свој џеб, а компаниите се снабдуваат од пазарот и можно е да штедат струја или да прават исклучувања на одредени периоди. Мислам дека ќе има доволно струја за малите потрошувачи, домаќинствата и дуќаните. Не очекувам да дојде до рестрикции. Можеби ќе дојде до исклучување на некои подрачја, односно на оние корисници што не плаќаат сметки – смета професорот.
Забележливи се поскапувања на електричната енергија на европските берзи, што се должи на зголемување на цената на природниот гас, како и на сушата во Европа, додека и во Македонија е најавено поскапување.
– Македонија увезува 20 до 30 отсто од електричната енергија. На пример, поскапувањето на едно евро, односно на 62 денара за киловат-час би било огромно. Тоа е неиздржлива цена, доколку дојде до неа, особено за стопанството и за големите потрошувачи. Тие ќе треба да прават пауза од два-три месеци бидејќи набавуваат струја на пазарот. Цената на струјата во Македонија е депласирана. Насекаде низ Европа властите ја субвенционираат цената со милијарди евра и македонската Влада би требала да вложи 100 милиони евра во субвенции. Нѐ очекува тешка зима, а најтешко ќе биде од декември до февруари в година. Прашање е зошто дојдовме до вакви цени. Се насобраа многу фактори, гледаме дека има и враќање на јагленот како извор на енергија. Сметам дека Европа е виновна – заклучува Чаушевски.
Се очекува Владата денеска да донесе одлука за прогласување на кризна состојба за електричната и топлинската енергија која ќе важи од 1 септември. А од почетокот на септември стапуваат на сила и мерките за штедење на електрична енергија кои ќе важат до крајот на март следната година. Надлежните институции уверуваат дека ќе има струја во престојниот зимски период и дека рестрикциите не се опција, ако се оди според планот на Електростопанство на Македонија.