Фото: Игор Бансколиев

Кога расте продуктивноста, расте и потенцијалната добивка, односно платите, корпоративниот профит и животниот стандард. Способноста на една земја да им го подобри животниот стандард на своите граѓани, речиси целосно е условена од нејзиниот капацитет да го зголеми економскиот резултат по вработен. Во економската наука има повеќе индикатори за мерење на продуктивноста. За жал, во ниту еден од нив Македонија не стои добро. Од податоците на Светската банка може да се забележи дека во однос на продуктивноста Македонија и земјите од регионот двојно заостануваат во однос на просекот на ЕУ

ДВОЈНО ЗАОСТАНУВАЊЕ ВО ОДНОС НА ПРОСЕКОТ НА ЕУ

Претставниците на бизнис-секторот и работниците во Македонија имаат различни аргументи за порастот и висината на платите, кои се и најниски во регионот, што е и главна причина за големиот одлив на квалификувани работници од земјата. За работодавачите единствен критериум за зголемување на просечната македонска плата треба да биде продуктивноста на трудот, додека работниците сметаат дека зголемувањето на месечните приходи треба да биде усогласено со порастот на трошоците за живот и на цените на основните прехранбени производи. И додека за движењето на висината на платите и за трошоците за живот се (из)даваат редовни статистички податоци, за висината на продуктивноста на трудот во македонската економија не постојат „јавно“ достапни информации. Дебатите за постигнување повисока продуктивност се водат повеќе во научните кругови и во јавните економски дебати, но досега ниедна реномирана институција од Македонија не излегла со анализа за „македонската“ продуктивност и за тоа дали пораснала во изминатите години и колку таа изнесува за 2022 година!
Продуктивноста на трудот, како фактор на економскиот раст и конкурентност на националната економија и таа се пресметува преку различни модели, посочуваат економистите. Продуктивноста во економијата е мерка за крајниот производ, односно крајниот економски резултат, според единица вложен труд, капитал или други ресурси. Кога расте продуктивноста, расте и потенцијалната добивка, односно платите, корпоративниот профит и животниот стандард. Способноста на една земја да им го подобри животниот стандард на своите граѓани, речиси целосно е условена од нејзиниот капацитет да го зголеми економскиот резултат по вработен. Во економската наука има повеќе индикатори за мерење на продуктивноста. Како што посочува и министерот за финансии Фатмир Бесими, еден од нив е продуктивноста на трудот, според кој, бруто-домашниот производ се дели со работните часови на сите вработени. Земји со најголема продуктивност на трудот во 2020 година, според податоците на ОЕЦД, се Ирска со 119,4 долари продуциран БДП по работен час, Луксембург со 111 долари, Данска со 87,9 долари, Белгија со 87 долари, Норвешка со 85,7 долари и Швајцарија со 91,6 долар.

Друг индикатор за мерење на продуктивноста на трудот е економскиот резултат по вработен во економијата. Според овој индикатор, пресметан од Светската банка, Македонија во 2020 година продуцирала 43.883 долари по вработен. Во споредба со земјите од Западен Балкан, сите сме релативно блиску во согласност со овој индикатор. Имено, за истиот период Црна Гора продуцирала 50.865 долари по вработен, Босна и Херцеговина 47.051 долар, Србија 43.874 долари, а Албанија 31.883 долари по вработен. Во споредба со другите земји во нашата близина веќе се забележува поголема разлика, на пример, Словенија истата година остварила 79.612 долари по вработен, додека Хрватска 67.138 долари. Во споредба со просекот на Европската Унија (93.073 долари по вработен) заостануваме речиси двојно. Германија, како најголема економија во ЕУ, продуцирала 100.765 долари по вработен во 2020 година.
– Во 1980-тите години во државната статистика се собираа податоците за ефективно работно време. Од нив се добиваа информации колку часови работникот во текот на работниот ден поминува во ефективна работа, од што можеше да се добијат и сознанија за продуктивноста во одредена групација. Дебатата околу висината на продуктивноста и зголемување на платите е дискутабилна, од причина што таа зависи од повеќе фактори и е различна за различни сектори. На пример, како некој работник ќе очекува повисока плата, ако реално не поседува и соодветна опрема. Во нашата земја сѐ уште е присутна свеста кај работниците дека со модернизацијата на производството ќе им се намалат и платите. Но од друга страна имаме и странски компании во земјата што имаат најсовремени производни линии, но повторно платите на работниците не им се зголемуваат соодветно на вложениот труд. Или, на пример, вработените во текстилните фабрики се максимално искористени, па нивните плати не се доволни ни за покривање на основните трошоци за живот. Сето тоа е поврзано и со профитабилноста на одредена дејност, како што е сега информатичката дејност во која има и повисоки плати – вели Дончо Герасимовски.

Порастот на платите во Македонија најчесто се врзува со порастот на минималната плата, која изнесува околу триста евра. Најниска минимална плата од 264 евра се исплатува во Косово. Минималната заработка во Албанија е 284 евра и овој потег на албанската влада беше во рамките на антикризните мерки. Во Босна и Херцеговина од 280, минималецот порасна на речиси 305 евра. Со почетокот на годинава, Србија пресметува минималец од 40.020 динари или околу 340 евра (зголемување од нецели 43 евра). Бугарија, една од најсиромашните членки на ЕУ, 2023-та ја почна со пораст на минималната плата, која сега е 390 евра (780 лева). Постојат многу други фактори што влијаат врз продуктивноста на една земја, вклучувајќи ги инвестициите во опрема, иновативноста, организацијата на синџирите на доставување, образованието, конкуренцијата итн. Вкупниот фактор на продуктивноста – ТФП e индикаторот што го мери економскиот резултат според сите инпути што се користат за да се продуцираат тие стоки и услуги, како труд, капитал, енергија и материјали.

Во согласност со овој индикатор, за време на пандемијата продуктивноста во Македонија опаднала за -4,5 во однос на последните десет години пред кризата, што се должи на падот на продуктивноста на трудот, поради затворањата на цели економски гранки поради превентивните здравствени мерки. За споредба, кај другите земји од Југоисточна Европа, намалувањето во однос на преткризниот период бил -2,6.
Во услови на забрзан раст на потрошувачките цени од 12,3 отсто, реалните нето и бруто-плати во вториот квартал за 2022 година се намалија за 1,7 отсто и 1,6 отсто, соодветно на годишна основа. Во јули 2022 година, растот на номиналната просечна нето-плата достигна 11,5 отсто, додека кај реалната нето-плата е забележано намалување од 3,9 отсто, објави Народната банка во своите редовни квартални извештаи за минатата година. М.Ј.