Примената на новите технологии ќе привлече голем број туристи / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според експертите, користењето на новите технологии ќе го збогати искуството кај туристите со содржини што дотогаш не биле достапни, на начин што подлабоко ќе ги внесе во суштинските вредности на културата и наследството. Интегрирањето на туризмот и културата може да биде алатка за стимулирање на развојот на одговорен и одржлив туризам, кој ги зајакнува културните вредности на подрачјата и ги претвора во туристички атракции

Идентитетот се чува и преку континуирана промоција на земјата и она што има да го покаже пред светот

Светот сѐ помасовно ги вклучува новите технологии во промоција на туризмот и на културните особености на едно подрачје, па од тие причини и Македонија треба да се вклучи кон овие светски трендови ако сака да привлече што поголем број туристи.
Она што е интенција последната декада, тоа е дека туризмот не се фокусира само на земји што имаат море и привлечни плажи, туку туристите сѐ повеќе сакаат да се запознаваат со нови алтернативни дестинации каде што ќе можат да ги запознаат природните, културните, археолошките, гастрономските и сите други особености што не подразбираат класично хотелско сместување и излежување на плажите, туку многу подлабоко поврзување со земјата што се посетува. Таквите врски се многу потрајни, а што е најважно, на тој начин се чува специфичниот македонски идентитет што во овие времиња-невремиња, од ден на ден е предмет на присвојувања и узурпации.
– Патував доста во мојот живот. Во прво време тоа беа атрактивни дестинации со огромни песочни плажи, возбудлив ноќен живот, во најголем дел трагав по содржини што се интересни за младата популација. Сега сум на некои мои средни години, не се чувствувам стар, но предизвиците ми се поинакви. Ги користам новите технологии, апликациите на мобилниот телефон, интернетот и слично за да истражам нови дестинации што би сакал да ги посетам. Така ја пронајдов и Македонија. Навистина земјата е прекрасна, има сѐ што еден човек може да посака, прекрасни езера, планини, автентична архитектура, споменици што се стари со векови, археолошки локалитети што да се во некоја друга земја би биле светска атракција. За храната воопшто и да не станува збор, пријатни и гостопримливи луѓе, едноставно не можам да сфатам зошто сето ова не го промовирате пред светот. Имате многу, а покажувате едвај пет отсто. Тоа не е доволно. Мора да се ангажираат повеќе луѓе на промоцијата на државата преку сите можни технолошки алатки, социјални мрежи, интернет-колачиња, разни апликации, намамете ги туристите во својата прекрасна земја – вели Дејвид Бојл, Ирец што патува низ Европа во потрага по нови дестинации и нови туристички содржини.
Според него, Македонија мора поактивно и поагресивно да се наметне во делот на нејзината презентација и промоција преку сите можни алатки што ги нуди технологијата бидејќи новите генерации се потпираат исклучиво на тоа.

– Функционалното поврзување на туризмот и културата ќе отвори можности за креирање нови квалитетни туристички производи, кои ќе бидат конкурентни на меѓународните пазари. Користењето на новите технологии ќе го збогати искуството кај туристите со содржини што дотогаш не биле достапни, на начин што подлабоко ќе ги внесе во суштинските вредности на културата и наследството. Интегрирањето на туризмот и културата може да биде алатка за стимулирање на развојот на одговорен и одржлив туризам, кој ги зајакнува културните вредности на подрачјата и ги претвора во туристички атракции – истакна проф. д-р Сашо Коруновски од Факултетот за туризам и угостителство – Охрид, говорејќи неодамна на панелот посветен на туризмот, во рамките на седмата по ред меѓународна научна конференција „Предизвиците во туризмот и бизнис-логистиката во 21 век“, организирана од страна на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитет „Гоце Делчев“ Штип.
За силната врска меѓу храната и туризмот во рамките на оваа панел-секција говореше д-р Душица Попова, професорка на Факултетот за туризам и бизнис-логистика и раководителка на катедрата Туризам.
– Традиционалната храна и локалните пијалаци го претставува идентитетот на туристичка дестинација и тие можат да привлечат голем број туристи бидејќи храната, локалните пијалаци се дел од културниот идентитет на еден народ. Според тоа, туристичките агенции и креаторите на туристичките понуди со поддршка од факултетите за туризам, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, секторот за туризам и угостителството и други, треба да се стремат кон креирање примамливи понуди, кои ја вклучуваат гастрономијата во програмите за патување, пред сѐ поради зголемената популаризација на гастрономскиот туризам – истакна проф. д-р Попова.
Д-р Небојша Вуковиќ, познат стручњак од областа на туризмот и угостителството и директор на СУГС „Лазар Танев“ од Скопје, се задржа на адаптивниот туристички инженеринг на локално и глобално ниво.

– Имајќи предвид дека создавање нови туристички дестинации, маршрути и атракции е една од стратегиите и мерките забележани од експертите на УНВТО за решавање на проблемот со зголемување на бројот на туристи, науката мора да ги разгледа новите туристички насоки, кои се јавуваат како одговор на масовниот туризам и како последица на прекумерниот туризам. Притоа да се создаде реципроцитетен интерактивен одговор на и од државните и сите други органи и фактори што се инволвирани во функционирањето на туристичкиот универзум – истакна Вуковиќ.
За новиот тренд околу примената на технологијата и проектот „Паметни градови“, како и перспективата за патување и туризам, која произлегува од ваквите алатки, говореше доц. д-р Жарко Раџеновиќ, од Универзитетот во Ниш, Србија.
– Меѓу различните сектори што имаат корист од иницијативите за паметни градови, туризмот се издвојува како значајна област на фокус. Чет-ботови, виртуелни туристички водичи и персонализирани системи за препораки може да ги поттикнат туристите со информации во реално време и курирани искуства, збогатувајќи го нивното истражување на градот – појасни Раџеновиќ.
Она на што се осврна Ѓоко Камчев, директор на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, е лошата состојба со инфраструктурата во земјава, која и покрај технолошкиот чекор што Македонија како држава може да го направи во делот на туризмот, остава крајно лош впечаток и ги одвраќа туристите.
– Од големо значење се планските региони за развој на туризмот во Македонија. Југоисточниот плански регион може да се пофали со многубројни проекти, кои де факто ја подобрија инфраструктурата и се битен фактор за развој на туризмот. Преку истите тие проекти, видливите резултати го потврдуваат зголемениот интерес за туристи на туристичките дестинации во овој регион како и економските бенефиции за македонскиот економски раст – констатираше Камчев. С.Т.