Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, низ серија фотографии, проследени со негови коментари, дава осврт на предизвиците со кои се соочуваме, но и патоказ во кој правец треба да се движи економијата во иднина. Во продолжение пренесуваме некои од неговите клучни поенти
БРАНКО АЗЕСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СКСМ
Во екот на најголемата и најтешка криза кај нас, во 1999 година, во хотелот „Александар палас“, точно во 19 часот, започна седница на Советот на НАТО, со која претседаваше генералниот секретар Џорџ Робертсон. Кога стигна дојавата за бомба, во салата имаше 19 акредитирани амбасадори на НАТО во Брисел, целокупниот нивен генералштаб и комплетното раководство на Република Македонија. Како генерален директор на „Александар палас“ бев повикан да издадам наредба за евакуација. Нормално, не ја потпишав и го презедов целокупниот ризик врз себе. Сето тоа траеше осум минути, кои, ако ја потпишев наредбата, ќе имаа 800 дена последици. Во мојот мандат имав пет вакви ситуации и реагирав на ист начин. Ризикувањето и одговорноста се составен дел на лидерството.
Зашто треба поединецот да реагира вака, спротивно на општествените норми? Затоа што тој мора да ги има предвид сите информации што се поврзани со конкретната дејност и на крајот да донесе одлука сам, со целокупниот ризик. Сѐ на сѐ, треба многу ризик и треба многу знаење за да се спротивставиш на вакви појави, кои просто „ја разнесуваат“ Македонија секојдневно и економски ја осакатуваат.
Бидејќи кај нас во државата никој не ризикува, нормално е и дека нема да напредува. Страшно е што овие наши глупости се мултиплицираат и на секое друго рамниште. Наместо отворени граници, од 2023 година ќе очекуваме „војна за таблици“. Наместо војни во вселената, добивме уништување на „зелената“ (агенда ли е, платформа ли е, трева ли е…).
Што зборува сево ова? За граѓаните не знам. За компаниите, непредвидливост и катастрофа. За Западен Балкан – наместо Брисел, пензионираниот Волгфанг Шисел. И сега што да кажам за моите очекувања за 2023 година. Над 40 години одговарам на вакви прашања и од целото мое искуство би им предложил на медиумите да ги остават отворени, доколку има некој нешто паметно да каже, а другите сите да ги фрли во оган бидејќи дефинитивно на Балканот идеи и предлози не му се потребни.
Договор за економските реформи за следните 10 години
На 100-годишнината (14 јули 2022 година), Комората донесе „Декларација за општествен консензус за економски реформи, политики и мерки“, која ја усвои Собранието како највисок орган.
Прво, во декларацијата, покрај другото, е наведено и дека неповолните состојби во економијата во најголем дел се должат на нефункционирањето на правната држава, непочитувањето на пазарните вредности, севкупната политизација на секоја пора од општеството и на доминацијата на интересот на политичките партии над државниот интерес. Затоа бизнисот бара враќање од партиска кон државна агенда (да запрат фиктивните вработувања во јавниот сектор, да се стави стручниот кадар пред партиските вработувања, да се ревидира потребата од постоење 1.322 државни институции со армија од партиски вработени итн.).
Второ, за бизнисот да функционира како што треба и за да ја остварува својата функција, потребно е да се потврди единствениот пат за евроатлантски интеграции; без оглед на исходот од преговорите со ЕУ, да се донесе заеднички акциски план за формирање работни тимови за преговори; да се работи на обезбедување, институционална и правна држава; пазарно ориентирани услови и почитување на човековите права и слободи.
Трето, таа е плод на широка дискусија и демократски водена процедура.
Четврто, таа декларација досега ја потпишаа повеќе од 150 субјекти, компании членки на Комората, а од надворешните институции прв потписник е Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), следуваше потпишување и од ректорите на државните универзитети во Македонија: СВ. „КИРИЛ И МЕТОДИЈ“, „КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“ И УНИВЕРЗИТЕТОТ НА ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА.
„Нас ни треба нов рамковен договор, или само договор, за економските реформи, кои во земјава треба да се спроведуваат најмалку во следните 10 години, и тоа да се направи во соработка со науката и бизнисот. Новиот рамковен би значел договор меѓу сите релевантни политички партии со учество на науката и бизнисот за мерки за кои ќе постои согласност дека ќе мора да применуваат независно кој ќе биде на власт.
На годишнината од оваа влада, во средината на јануари 2023 година, СКСМ ќе организира традиционална конференција на која треба политичките партии да го потпишат тој значаен документ.
Со заокружувањето на тој процес, Северна Македонија добива значаен приоритет, покрај членството во НАТО и во ЕУ, околу кој може да се обедини и да го направи потребниот напредок за нејзин развој“.