Неизвесноста што се наметна со пандемијата, но и долгото закрепнување од неа создадоа многубројни проблеми во економските текови. Долгата криза, која од здравствена прерасна во економска, па во енергетска, а сѐ уште се испреплетува и со здравствените проблеми, кои никако да завршат, според економистите, е причина за влошени резултати кај компаниите и опасност од затворање на истите тие
ДОЛГОТРАЈНОСТА НА ПАНДЕМИЈАТА НАМЕТНУВА БАРАЊЕ НОВИ ЕКОНОМСКИ И ИЗВОЗНИ АЛТЕРНАТИВИ ЗА КОМПАНИИТЕ
Пандемијата и појавата на нови соеви на коронавирусот и понатаму предизвикуваат проблеми во секојдневното функционирање. Иако економиите и бизнисите се обидуваат да се адаптираат и да работат во согласност со нови правила, сепак, недостигот од работна сила предизвикува значителни проблеми во секојдневното извршување на задачите. Синџирите на снабдување се нарушени и тешко се воспоставуваат нови, транспортот на стока и испораката до посакуваните дестинации остануваат и понатаму проблематични, а дополнителен удар се и поскапувањата, како на репроматеријалите така и на контејнерскиот превоз, но и на енергентите.
Иако економските кризи понекогаш може да значат и шанса за нов почеток, за освојување нови пазари, сепак, домашните извозници укажуваат на зголемените тешкотии со кои се соочуваат во намерата на одржување на постојните пазари, но потенцираат дека кризата трае предолго и ја нарушува нивната ликвидност.
– За некои компании и сектори, ова што се случува во светот е предизвик и можност за зголемување на нивниот профит. Но најголемиот број компании во Македонија, пандемијата многу ги погоди. Сѐ поголем број фирми се затвораат, или се со намалена ликвидност, што значи дека, поради тоа што ова предолго трае, и се зголемува опасноста да се затворат. Посебно ако не се во секторите од кои има потреба, како што се прехранбен сектор, ИТ-сектор или услуга – вели Калин Бабушко, управител и сопственик на компанијата „Македонија експорт“.
На нашето прашање дали со кризата се отвораат и нови можности за извоз на компаниите насочени кон пласирање на производите во странство, Бабушку појаснува дека, напротив, денешните состојби за водење бизнис се многу покомплицирани.
– Ситуацијата е покомплексна. Логистиката е отежната и ќе треба да се најдат нови извори на набавка. Но тие ќе треба да се воспостават, затоа што во моментов никој не сака да влегува во ризик. Инфлацијата не е само кај нас, туку е на светско ниво. Цените растат насекаде, но се намалува и куповната моќ на луѓето. Имајќи го сето ова предвид, како и други фактори, ќе треба да се преструктуираме и да размислуваме за нов начин на работа. Од друга страна, пак, богатите земји, поучени од пандемијава, сѐ повеќе и повеќе работат на развој на своите производни погони и намалување на потребата од увоз и зависност од продукти од надвор. И ова треба да се земе предвид, ако не за друго, тогаш во случај да се појави нова пандемијата – појаснува Бабушку.
Според него, домашните компании во овој турбулентен период за да успеат да ги задржат постојните пазари или, пак, за да освојуваат нови ќе мора да се реорганизираат и да бараат нови локации за пласман на своите продукти.
– Она што можат да го направат македонските компании е да се преструктуираат, да се реорганизираат и да се најдат нови пазари, кои ќе бидат помалку зависни од логистиката. Мора да се земе предвид дека глобалната конкуренција се намали, затоа што голем број фирми се затворија, но сепак мора да се биде претпазлив. Од друга страна, пак, домашните компании она што треба да го знаат и да се свесни, се последиците од пандемијата. Знаете како, секоја пандемија ќе помине, вака или онака, но последиците се големи и ние не сме свесни за тоа. Тоа се нарушување на економиите, намалување на економската моќ на земјите и инфлацијата. Не дај боже да нѐ удри некоја друга пандемија, оваа докажа дека економиите се фрагилни и лесно може да се нарушат – појаснува Бабушку.
Претставниците на конзервната индустрија во Македонија, кои изминатиов период и покрај кризата успеваат да работат со исто, па дури и засилено темпо и покрај пандемијата, укажуваат дека предизвиците во овој период се навистина големи, но потенцираат оти се надеваат дека ќе успеат да ги зачуваат постојните пазари каде што ги извезуваат своите продукти, па дури и да ги зголемат.
– Сите репроматеријали во конзервната индустрија се поскапени, почнувајќи од мазут, нафта, гас, електрична енергија, лим, стакло, хартија, масло, шеќер, свежи земјоделски производи… Голем дел од овие поскапувања нѐ затекнаа токму за време на нашата главна производна сезона. Производните трошоци многу се зголемија и бевме принудени да бараме прифаќање за поскапување на договорените продажни цени од страна на нашите купувачи.
Мислам дека 2022 година ќе биде тешка и неизвесна година за сите, па и за производителите на храна. Се соочуваме со огромни поскапувања на сите репроматеријали и сето тоа ќе се одрази на реализацијата на планираните производни активности и цената на готовите производи. Сепак нашите производи не спаѓаат во групата на луксузни производи и сe надевам дека продажбата нема да опадне, туку и понатаму ќе оди во нагорна линија – вели Јорданка Ристова, извршна директорка на компанијата „Вори“.