Динaмизирање на пазарот на капитал во Македонија до ниво на просекот на ЕУ преку подигнување на нивото на пазарна капитализација, ликвидноста на пазарите на капитал, структурата на изворите на финансирање на проектите кај компаниите, структурата на инвестициските портфолија на индивидуалните инвеститори, како и финансиска едукација е цел поставена со Стратегијата за развој на пазарот на капитал, што вчера беше усвоена од страна на Советот за рaзвој на пазарот на капитал, со кој претседава министерот за финансии Фатмир Бесими.
Покрај поттикнување на процесите за понатамошен развој на пазарот на капитал, целта на стратегијата е дополнително преку современа регулација и проактивен надзор да поддржи одржлив развој на финансискиот систем за зголемување на придонесот кон забрзаниот раст на БДП и заштитата на корисниците на финансиските услуги.
Развојот на пазарот на капитал е значаен долгорочен економски фактор што влијае на клучните економски движења. Во нашата држава досега за унапредување на пазарот на капитал се одвивале активности што првенствено биле по иницијатива на одреден учесник на пазарот и за определена конкретна област.
– Разбирливо, таквите активности даваат помал и краткотраен ефект, поради што подолго време се наметнуваше потребата од сеопфатен и меѓуинституционален пристап. Затоа преку инклузивен процес помеѓу сите учесници во Советот се пристапи кон изработка на Стратегија за развој на пазарот на капитал, чија цел е да ги претстави клучните полиња за развој, при што главниот фокус е ставен врз определување на можностите за проширување на понудата на долгорочни хартии од вредност и зголемување на побарувачката, пред сѐ од страна на поголемо учество на домаќинствата и домашните и странски институционални инвеститори – истакна Бесими.
На седницата на Советот додадоа дека тоа ќе значи зголемување на можностите за финансирање проекти на компаниите, но и поголема понуда на инструменти за домаќинствата и за домашни и странски институционални инвеститори. Поразвиен национален пазар на капитал им дава на компаниите можност полесно и поуспешно да се справуваат со секоја нова ситуација, нема да зависат само од банкарското финансирање и ќе ја зајакнат својата меѓународна конкурентност. Исто така, ќе се зголеми и понудата за секторот домаќинства, кој има најмногу парични средства расположливи за инвестирање, а кои во моментов најмногу се пласирани во депозити. Опфатени се и можностите за странските инвеститори што имаат интерес, но напорите се вложуваат тие инвеститори да се донесат на локалниот пазар.
Стратегијата ги содржи сите идентификувани специфични проблеми и нуди соодветни мерки што би се однесувале на нивното решавање, за кои има консензус помеѓу членовите на Советот.
– Документот е одличен и сега следува период во кој ќе се посветиме активно на имплементација на предложените мерки и активности, за кои верувам дека во иднина во голема мера ќе придонесат за натамошен развој на финансиските пазари, особено на пазарот на капитал – вели Бесими.