Фото: Remove term: Факултет за туризам и бизнис логистика Факултет за туризам и бизнис логистика

Втората секција посветена на културата и културното наследство, беше отворена од проф.д-р Владимир Јаневски од Музичка академија при УГД, кој се задржа на значењето на трендoт на отворање на Етно села како простор за привлекување на гости и остварување финансиски средства:

„Констатацијата е дека паралелно мора да се работи на туризам, култура и едукација, за да се добие префиксот етно село. Исто така, мора да бидат вклучени повеќе стручни лица од повеќе области и паралелно да се следи ситуација на простор вклучувајќи и евалуација, со што се добива поголем аспект на зачувување на традицијата, културата и се подига свеста за културно добро, а во најголема мера се збогатуваат туристичките ресурси.“

Во оваа панел секција, учествуваше и познатиот актер Зоран Љутков кој зборуваше за значењето на културата, туризмот и креативните и културни индустрии.

-Улогата на културниот туризам во профилирањето на традиционалниот и на современиот национален идентитет преку нови форми на практицирање за конечно културата да стане значајна стопанска гранка во општеството е особено клучна за Македонија. Неминовно е подигнување на свеста и поддршката за културните и креативните сектори во Македонија кои се значајни економски двигатели со силен потенцијал за раст и значаен извор на работни места и приходи. Да не се изостават нивните социјални влијанија, од поддршка на здравјето и благосостојбата, до промовирање на социјалната вклученост и локалниот социјален капитал. Токму оттука произлегува и потребата од спојување на двата најважни сектора во Македонија, односно културата и туризмот во едно Министерство за култура и туризам – истакна Љутков.

М-р Александар Јорданоски, експерт за културно наследство зборуваше за споменичката рента, кој меѓу другото потенцира:
„… споменичката рента (како хрватско искуство), посебните облици на користење на културното наследство (како македонска состојба), како и логистичката поддршка на локална самоуправа преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, се трите компоненти органски поврзани кои значат создавање предуслови за системско и трајно функционирање на областа културен/рурален туризам и воспоставување на оваа стопанска гранка како една од основите за економско стабилно и национално достоинствено функционирање на Република Македонија“.

За силната врска меѓу македонските културни институции и социјалните медиуми во рамките на оваа панел секција говореше проф. д-р Иван Блажевски од ИСППИ – УКИМ.

-Анализата на застапеноста на институциите од областа на културното наследство во Македонија на социјалната мрежа X (поранешен Твитер), укажува дека мал број на овие институции се застапени на X(Твитер), пришто истите биле активни само краток период на оваа социјална мрежа. И покрај тоа што можеби е потребно да се ревидира нивната стратегија за пристап на X(Твитер), сепак ваквите состојби укажуваат дека меѓу овие институции не е препознат потенцијалот за комуникација и соработка со корисниците, кој би помогнал за подигање на свеста за културното наследство и неговата заштита кај генерациите кои доаѓаат – истакна проф.д-р Блажевски.

-Културното наследство е далеку од искористување на целосните капацитети кои ги нуди како ресурс за развој на туризмот во Македонија. Основна причина за ваквите состојби е непостоењето на јасна институционална стратегија за конзервација, презентација и популаризација на археолошките локалитети и спомениците на културата. Резултатот на ваквиот недостаток е тоа што најголемиот дел се во загрозена состојба, со несоодветни и неавтентични решенија при нивната конзервација и реконструкција, што ги прави неподобни за туристичка презентација. Таргетирањето на конкретни локалитети и споменици на културата, нивната соодветна заштита и прилагодување за презентација е почетна точка за туристичка експлоатација. Како следна фаза потребни се сеопфатни маркетинг стратегии кои ќе вклучуваат користење на дигитални платформи, брендирање на локалитетите и промоцијата на индивидуалните искуства, со што ќе може да се презентира исклучителната важност на нашето културно наследство – истакна проф. д-р Александар Василески, директор на Институтот за старословенска култура.