Вработените во Управата за јавни приходи (УЈП) и во регионалните канцеларии на УЈП денеска излегоаа на предупредувачки протест од 10.00 до 11.30 часот. Претседателот на синдикалната организација во регионалната подружница на УЈП-Штип од синдикатот „Солидарност“, Сашко Велковски вели дека протестот е за повисока плата согласно Колективниот договор. Вработените во УЈП бараат повисоки плати за 30%.
-Овој прекин на работа е само еден жолт картон на раководството во Министерството за финансии и покрај тоа што преговорите што ги имавме во изминатиот период никако да ни ги одобрат нашите барања што ни следуваат согласно Закон – вели Велковски.
Посочува дека трошоците за живот континуирано растат, а платите на вработените во УЈП се исти со години. Доколку нема зголемување на платите на вработените во УЈП, синдикатот и вработените се подготвени и за порадикални чекори, односно ќе продолжат со протести и генерален штрајк.