Идејата дека со пораст на платите и разните социјални трансфери ќе ја стимулираме потрошувачката и така ќе го поттикнеме економскиот раст доведе само до зголемување на буџетскиот дефицит и задолжувања во странство. Експертите велат дека ако не прекратиме со сето ова, тогаш и инфлацијата долго ќе остане повисока од инфлацијата во ЕУ, што ќе доведе до притисок врз курсот на денарот
Светската банка: Македонија годинава со најнизок економски раст меѓу земјите во регионот
Со прогноза од 2,5 отсто македонската економија според Светската банка ќе испорача најнизок економски раст од земјите во регионот. Освен Босна и Херцеговина, каде што се предвидува раст на БДП од 2,6 отсто. Во сите други држави од Западен Балкан економијата годинава ќе порасне за над 3 отсто.
Економистите од Светската банка, поради изборната година во Македонија, не очекуваат целосна реализација на најавените реформи
Од Светската банка велат дека во Македонија е проблематично зголемувањето на буџетскиот дефицит, го поздравуваат намалувањето на инфлацијата, но велат дека главно цените на храната не бележат забележителен пад. Бидејќи годинава е изборна, економистите од оваа меѓународна финансиска институција не очекуваат целосна реализација на најавените реформи, кои се важни за продолжување на евроинтегративните процеси.
– Точно е дека Македонија не може да се одлепи од ниските стапки на економски раст, а сите знаеме дека треба десетина години да имаме стапки на раст над 5 отсто, за да можеме да се доближиме до стандардот на Европската Унија – истакнува Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија.
Според него, за поголем економски раст е потребно да произведуваме повеќе т.е. да ја зголемиме нашата продуктивност, а за тоа се потребни храбри реформи.
– Не можеме да отвораме компании со повисоко додадена вредност без квалификувани кадри. А за тоа се потребни суштински реформи во образованието. Мораме да го намалиме административниот товар на компаниите и бирократските процедури за да можеме да очекуваме отворање на нови компании. Владеењето на правото и почитувањето на законите не ги правиме заради транспарентност, туку заради нас самите. Нема правна сигурност ако администрацијата со свои интерни решенија си ги толкува законите како што сака – потенцира Димитров.
Димитров: Со пораст на платите и социјалните трансфери нема да ги стимулираме потрошувачката и економскиот раст, туку само ќе ги зголемиме буџетскиот дефицит и задолжувањата од странство
Ангел Димитров, претседател на собранието на Организација на работодавци на Македонија, вели дека идејата дека со пораст на платите и разните социјални трансфери ќе ја стимулираме потрошувачката и така ќе го поттикнеме економскиот раст доведе само до зголемување на буџетскиот дефицит и задолжувања во странство.
– Ако не прекратиме со сето ова, тогаш и инфлацијата долго ќе остане повисока од инфлацијата во ЕУ, што ќе доведе до притисок врз курсот на денарот. Сето ова го знаеме ама немаме политичка храброст за да преземеме храбри реформи – упатува Димитров.
Според универзитетскиот професор Марјан Петрески, на краток рок и во сегашниот контекст, стапки на раст повисоки од 3-4 отсто, посебно на одржлива основа, се далеку од секаква реалност, но и многу далеку од потребниот раст.
– На среден до долг рок, повисоки стапки од тие се секако можни, ако работиме за такви стапки почнувајќи од денес, со почнување или забрзување на сите клучни реформски процеси, вклучувајќи го и процесот на приближување кон ЕУ. На пример, во делот на инвестициите, физичкиот капитал, прогрес е направен во последниве години и ако ги гледате странските инвестиции, кои меѓу другото донесоа и повисоки технологии и работна/менаџерска етика, но и домашните инвестиции, за кои можностите за принос, пристапот до финансии и редица други услови, значајно се подобрија. Човечкиот капитал стагнира или назадува, во голема мера детерминиран од масовното иселување во последните 10-15 години, но и од квалитетот што го нуди образовниот систем, особено во делот на фундаменталната писменост – основното образование – објаснува Петрески.
Сепак, тој останува на ставот, како што вели, дека наша клучна детерминанта на растот е неефикасноста во сите домени од работењето, детерминирана од слабата функционалност на институциите, на системот, од проблемите во делот на владеењето на правото итн.
– Во голема мера, иако не ексклузивно, оваа ситуација е одредена од долгите години партизација на институциите и ставање преголем акцент на етничките застапености, наместо фокус врз вработувања и напредувања по заслуги, иновации, претприемаштво итн. Лично би сакал да го чујам ставот на партиите во нивните програми за ова прашање кога зборуваат дека ќе постигнат раст од над 5 отсто – потенцира Петрески.