Фото: Маја Јаневска-Илиева

Економските и енергетски кризи силно ги погодија компаниите и закрепнувањето оди потешко од очекуваното, неизвесноста сѐ уште трае, а втората половина од годинава се очекува да биде полоша не само на глобално туку и на регионално ниво. Според најновите анализи, во првите шест месеци од годинава не успеале да преживеат 4.874 фирми, додека во истиот период се отвориле 3.768 фирми

ПРОДОЛЖЕНАТА ЕКОНОМСКА И ЕНЕРГЕТСКА КРИЗА ЗЕМА СВОЈ ДАНОК

Пандемијата и воениот конфликт помеѓу Русија и Украина им го ограничи стопанисувањето на компаниите и мора да се грижат за ликвидноста во тешки и неизвесни услови и да балансираат помеѓу потребата за развој и зголемување на капацитетите и задржувањето на финансиската стабилност. Новите шокови во економијата предизвикуваат зголемена неизвесност во работењето на компаниите, која се одразува врз опстојувањето на самата фирма.
Според анализите на порталот „Пари“, во првите шест месеци од годинава не успеале да преживеат 4.874 фирми, и ако се спореди со лани, податоците покажуваат дека оваа година е поповолна. Минатата година во првото полугодие од годинава, според податоците што ги добиле во „Пари“ од платформата „Бизнис-мрежа“, клуч на врата ставиле 5.022 компании.
Анализата на „Пари“ покажува дека и годинава, како и лани, најмногу затворања има во истите сектори: трговија, преработувачка индустрија, угостителско-хотелиерскиот сектор, градежништво и во транспорт и складирање.

– И во првото полугодие од 2022 година најмногу затворања, како и во првите шест месеци од 2021 година има во секторот трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли. Годинава, во овој сектор згаснале 1.569 фирми, а лани во истиот период – 1.622 фирми. На второ место лани беа угостителско-хотелиерскиот сектор, а сега е преработувачката индустрија со 584 згаснати компании. Лани, во првите шест месеци, во преработувачката индустрија згаснале 543 компании. Годинава угостителско-хотелиерскиот сектор се нашол на третото место на листата на затворени фирми, таму каде што лани беше преработувачката индустрија. Годинава во секторот објекти за сместување и сервисни дејности со храна згаснале 515 фирми. Лани во овој сектор згаснале 604 компании.
Градежништвото, и во првото полугодие лани, и годинава, е на четвртото место по згаснати фирми. Лани биле згаснати 397, а годинава – 359 – покажува анализата на „Пари“. Според нивните податоци, во првата половина од годинава се отвориле 3.768 фирми, а лани во истиот период се отвориле 3.785. Оваа бројка што ја откриваат податоците од платформата „Бизнис-мрежа“ „покажува дека годинава инвеститорите биле дури и повоздржани од пандемиската 2021 година, па за шест месеци отвориле 17 фирми помалку од истиот период лани.
Податоците покажуваат дека и годинава најмногу фирми се отвораат во Скопје, Битола и во Тетово. Анализата по дејности покажува дека истите пет сектори се во фокусот на инвеститорите, како оваа така и минатата година. Тоа се: трговија, хотелиерско-угостителски сектор, градежништво, услужни дејности и преработувачка индустрија.
Податоците покажуваат дека годинава најмногу новоосновани фирми има во трговијата, односно дека за шест месеци се отвориле 838 фирми, но лани интересот бил поголем – се отвориле 986 вакви фирми.
Во бизнис-семејството влегоа и 437 фирми од услужниот сектор, 373 хотелско- угостителски капацитети, 306 градежни фирми и 291 фирма од преработувачката индустрија.
Според претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, бројот на затворени фирми скоро секоја година е ист, но тој очекува годинава трендот да продолжи со позасилено темпо за разлика од претходните години, поради тешката состојба во која се наоѓаат фирмите.
– Економските и енергетски кризи силно ги погодија компаниите и закрепнувањето оди потешко од очекуваното. Последниве две години беа тешки за сите сектори, а угостителството, трговијата и туризмот беа едни од најпогодените со ковид-кризата. Неизвесноста сѐ уште трае, втората половина од годинава се очекува да биде полоша не само на глобално туку и на регионално ниво. Кризата со војната сериозни ги зголеми цените на енергенсите, трошоците на суровините исто така многу се зголемија. Многу компании можат да затворат, затоа што нивниот обем на производство е сериозно намален. Но се трудат да нема отпуштања и да нема намалување на бројот на вработени. Секогаш се можни откази, но мора да се најде соодветен модус тоа да не се случи. И затоа државата треба да се фокусира повеќе на економијата и да создаде амбиент во кој фирмите ќе можат самите да се борат и да опстанат – посочува Бошков.
Претседателот на собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија истакна дека во текот на 2020 и 2021 година, Владата потроши огромни финансиски средства за спас на економијата, но сега таквата можност е многу ограничена и поради тоа компаниите се во ризик.

– Поради големиот буџетски дефицит, зголемувањето на надворешниот долг, зголемените камати на странските и на домашните финансиски пазари, се намалува можноста за реакција од страна на државата. Зголемената инфлација од друга страна бара преземање мерки за ограничување на потрошувачката што исто така негативно влијае на економскиот раст. Затоа во овој период компаниите се оставени сами на себе и секој се снаоѓа онака како што знае и умее – вели Димитров.
Според него, растот на цените на струјата, нафтата, гасот и другите енергенти е огромен проблем кај некои дејности, дури некои помали компании најавија прекин на производството.
– Во овој момент истите тие проблеми на европските пазари сѐ уште не покажуваат некое драстично намалување на прометот на стоки и услуги и нашите извозни компании имаат задоволително ниво на нарачки, но иднината е доста неизвесна и никој не може со сигурност да тврди дека оваа состојба нема да се промени на полошо – укажува Димитров.
И во вакви тешки и неизвесни услови на стопанисување, додава тој, компаниите мораат да водат сметка за одржување на конкурентноста, но истовремено мораат да водат сметка за одржување на ликвидноста, за да не дојде до нивно затворање.
– Податоците за зголемениот број работници што не можат да земат редовно плата зборуваат дека неликвидноста на нашите компании се зголемува. Затоа менаџерите мораат да балансираат помеѓу потребата за развој и зголемување на капацитетите и задржувањето на финансиската стабилност – потенцира претседателот на собранието на ОРМ.


Згаснати фирми во првите шест месеци
во 2021 и 2022 година

Згаснати фирми во првите шест месеци во 2021 и 2022 година

 јануари-јуни 2022          јануари-јуни 2021

јануари        254                                 216
февруари     3.321                              3.403
март             345                                 378
април           328                                 493
мај               321                                 271
јуни             305                                 261
вкупно:        4.874                              5.022


Дејности со згаснати фирми во првото полугодие од 2022 година

сектор згаснати фирми

Трговија на големо и трговија на мало; 1.569
поправка на моторни возила и мотоцикли
Преработувачка индустрија 584
Објекти за сместување и сервисни дејности со храна 515
Градежништво 359
Транспорт и складирање 344


Новоотворени фирми во првите шест месеци во 2021 и 2022 година

  јануари-јуни 2022            јануари-јуни 2021
јануари      693                                     602
февруари   564                                     661
март           702                                     817
април         687                                     600
мај             562                                     578
јуни            560                                    527
вкупно:       3.768                                 3.785


Дејности со новоотворени фирми во првото полугодие од 2022 година

сектор отворени фирми

трговија на големо и мало 838
објекти за сместување и сервисни дејности со храна 437
градежништво 373
други услужни дејности 306
преработувачка индустрија 291