Фото: Игор Бансколиев

Приватниот сектор вработува над 650 илјади луѓе, што го прави ’рбет на нашето општество. Институциите кога носат одлуки треба да бидат многу претпазливи и да се консултираат со бизнисот, со цел да се избегне ситуација во која дополнително ќе се оштетат компаниите. Специфичен за нашата земја е фактот што и ние имаме поскапени енергенти, но исто така ние, за разлика од развиените земји, увезуваме веќе поскапени производи. Што значи дека проблемот со цените кај нас е двоен, укажува Исени

Интервју со извршниот директор на СКСЗМ, Дриљон Исени

Влијанието на воениот конфликт во Украина, како и на поскапените енергенти врз домашната и врз светската економија, како и мерките што нашата влада ги презема во овој турбулентен период во обид да ги намали штетите од кризата беа темите на кои продискутиравме со извршниот директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Дриљон Исени. Нашиот соговорник потенцира дека кризата што настана со започнувањето на војната во Украина е сериозен проблем и објаснува оти „во ера на глобализација и меѓузависност на државите, во време кога светот се соочуваа со енормни проблеми од економски карактер, имаме воен конфликт што ќе има огромни ефекти врз глобалната економија“.

Какви штети може да предизвика воениот конфликт во Украина врз домашната економија?
– Војната е сериозен удар за европската економија, не само поради прекинот на синџирот на снабдување туку и поради огромниот инфлаторски ефект, растот на побарувачката за најбитните ресурси, енергенти и храна, како и поради инвеститорите, кои со резерви ја следат ситуацијата. Уште пред конфликтот, последниот квартал во Германија, како најголема европска економија, имаше БДП од 0,3 отсто што е значително намалување, а може да западнат и во рецесија, особено економиите што се директно, но и многу зависни од рускиот и од украинскиот пазар.
Ние како земја не сме директно зависни од пазарите во двете земји, бидејќи трговската размена, туризмот, но и другите аспекти не се толку значително истакнати. Со Руската Федерација и со Украина заедно имаме трговска размена од само 3,5 отсто од вкупната размена, што не би ни создало компликации во економијата и домашниот пазар и може да се најде алтернатива за истите тие. Тоа што би можело директно да влијае врз нашето стопанство се одложувањата, кои веќе се случуваат во одредени сектори, бидејќи одредени добра што доаѓаат и од други земји поминуваат по коридорот низ овие две земји, па тука се чувствува директниот ефект од кризата. Дополнително, оваа криза добива во важност кога го гледаме ефектот врз европскиот пазар, од кој ние сме најмногу зависни. Земјите од Европската Унија во јануари забележале просечна стапка на инфлација од 5,6 проценти, а во февруари таа стапка стигна 6,2 отсто. Оваа стапка на инфлација дојде како последица на поскапувањето на енергентите,
особено на електричната енергија, која ги зголеми цените на производите. Но специфично за нашата земја и сличните е фактот што и ние имаме поскапени енергенти, но исто така ние, за разлика од развиените земји, увезуваме веќе поскапени производи. Што значи дека проблемот со цените кај нас е двоен.
Нашата економијата и пред кризата во Украина имаше загрижувачки макроекономски бројки и не треба да заборавиме дека во оваа равенка не се пресметани компликациите од кризата и санкциите против Русија, особено што многу земји се зависни од природниот гас како клучен елемент во индустријата, но и во домаќинствата.
Неизвесноста што се наметна по почетокот на агресијата е голема. Какви се очекувањата за понатамошниот развој на бизнисите?
– Сега нашите бизниси се во потрага на алтернативи против поскапувањата, а од друга страна се соочуваат со последиците што ги остави ковид-19 и поради кои имавме и рушење на рекордот на затворени компании во 2021 година. Ова што се случува ги има погодено сите сектори без исклучок, бидејќи инфлацијата е феномен што не дозволува исклучоци, а исто така го забави капацитетот на куповната сила што ќе биде проблем дури и за градежништвото, кое беше столб дури и во пандемиската криза. Компаниите имаат фактури за електрична енергија што се повеќекратно повисоки, а сега се наметнаа и поголемите плати за вработените, кои се дополнителен товар за компаниите бидејќи поради кризата синџирот на снабдување е оштетен и економската активност е значително намалена. Поради овие причини, компаниите не можат да ги покриваат трошоците што се зголемени енормно, а дополнително кризата им ја отежнува работата.
Ова е единствениот момент во кој Владата треба да реагира и да донесе одлуки што навистина ќе им овозможат на компаниите да опстанат, бидејќи приватниот сектор вработува над 650 илјади луѓе, што го прави ’рбет на нашето општество. Институциите кога носат одлуки треба да бидат многу претпазливи и да се консултираат со бизнисот, со цел да се избегне ситуација во која дополнително ќе се оштетат компаниите, како што беше случајот со замрзнувањето на трговската маржа. Потребно ни е Владата да реагира соодветно и одговорно, со цел да се спречи зголемување на буџетскиот дефицит, бидејќи средствата што државата ги дели за да ја ублажи кризата треба да бидат прецизни, со цел да има повратен ефект од истите тие и закрепнувањето да почне поскоро.
По одлуката да се „одмрзнат“ цените во малопродажба, Владата пристапи кон ограничување на трговските маржи. Како се одразува оваа мерка врз бизнисите?
– Ова е пример на тоа што сме го истакнувале и во минатото, Владата не треба да размислува само за популистички мерки, бидејќи во последно време сите бенефиции и субвенции се за зачувување на благосостојбата на потрошувачката сила, а од друга страна целата фактура на крајот ќе ја плати приватниот сектор. Имаме администрација што по сите релевантни меѓународни извештаи е неефикасна, преоптоварена и не ги сервисира потребите ниту на граѓаните ниту на бизнис-секторот и целиот тој систем е трошок, пред сѐ, на бизнис-заедницата.
Кога сме кај замрзнувањата, првичната одлука за замрзнување на цените беше логична и требаше да се задржат старите цени за еден краток период, бидејќи граѓаните не беа подготвени за еден енормен скок на цените. Но таа одлука траеше подолго од тоа што беше потребно, што дополнително придонесе кон зголемување на цените, бидејќи тие производи ги немаше на пазарот, а побарувачката порасна. Потоа Владата донесе одлука што беше уште
поконтроверзна. Компаниите не смеат да ги пресметаат трошоците што ги имаа, што ги тераше трговците на мало и на големо да работат со загуба. Според повратната информација што ја имавме од компаниите, тие беа подготвени да го прекинат снабдувањето со тие производи, бидејќи освен што имаат тешки загуби од сите страни, сега се принудени да продаваат артикли со загуба. За нашата комора беше неприфатлив фактот што до тоа мера Владата ги товари компаниите и имавме брза реакција, што на крајот резултира со одлука што нема да ги замрзне трговските маржи на тие производи, туку само нето-добивката односно маржата на профит. Тоа е компромисот што компаниите беа подготвени да го направат, бидејќи и тие се свесни за кризата, а нашата комора беше иницијатор за тие неопходни промени, кои не смеат да траат како што е предвидено, до крајот на месец мај.
Дали стравот од повисоки цени и од недостиг од храна ги празнат рафтовите и какви се вашите индикации како бизнисмени, се очекуваат ли прекини во синџирите на снабдување… недостиг од продукти на пазарот?
– Тоа што се случува со одредени производи и празни рафтов, е одраз на еден сегмент од монетарната политика што ја имаме како земја. Бидејќи имаме фиксен стабилен денарски курс, кој досега не девалвирал, потрошувачите се обидуваат да купуваат одредени производи во период кога тие мислат дека се поевтини од тоа што може да бидат во еден краток период што следува. Но тоа може да се види дека се случува само на таканаречените инфериорни добра, а од друга страна, скапите производи или инвестиции може да забележат застој поради неизвесноста.
Тука сакам да се надоврзам на тоа дека во моментов има страв од зголемување на цените, а не од девалвација на денарот, што значи дека тука треба макроекономските политики да се фокусираат. Сметаме дека нашите стопанственици имаат искуство и знаења доволно за да нема недостиг од производи во пазарот, но како што истакнав погоре, доколку доаѓа до промена на синџирот на снабдување и супституирање на одредени артикли, тогаш ќе треба време да се адаптира домашниот пазар, но и купувачите како столб на БДП-то на нашата земја. Сепак, сѐ ќе зависи од тоа колку бизнисот ќе има врзани раце во следниот период, бидејќи во насока на олеснувања спроти покачувањето на електричната енергија, бизнисот не доби поддршка од страна на институциите и оставен е сам да се снајде.