Фото: Игор Бансколиев

Од Стопанската комора сметаат дека Владата задоцнила со мерките за стопанството и поради тоа компаниите претрпеле значителни штети. Меѓу забелешките на бизнис-заедницата е и тоа што државата се довела во ситуација повторно да решава социјални случаи што ќе седат дома наместо да одат на работа, преку зголемување на економската активност на стопанските субјекти што најмногу го полнат буџетот

КАКО ГО ОЦЕНУВА БИЗНИС-ЗАЕДНИЦАТА НОВИОТ ПАКЕТ ЕКОНОМСКИ МЕРКИ ЗА СПРАВУВАЊЕ СО ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА

Владата излезе со нов социјален пакет од 350 милиони евра наменети за најранливите категории што се зафатени со енергетската и со економската криза. Стопанските субјекти се ставени на листата на чекање и тие, според ветувањето од извршната власт, ќе можат да очекуваат помош во следниот сет мерки, кои би биле донесени кон крајот на октомври. Засега, во делот на финансиската помош од Владата беа опфатени микро, малите и средните компании. Проширен е опсегот на компании што се корисници на кредитно-гарантната шема од гарантниот фонд на Развојната банка, преку олеснување на критериумите за аплицирање за обезбедување обртни средства, за што се предвидени околу пет милиони евра. Со цел да се надмине проблемот за загревање на училиштата во текот на грејната сезона, образовните и здравствените институции се вратија на регулираниот пазар на електрична енергија, што ја наметна потребата од зголемување на производството во домашните енергетски капацитети. Во меѓувреме, според премиерот, се разговара и за насочени мерки во однос на индустриите што произведуваат основни прехранбени производи. Целта на овие мерки е да се интервенира како помош во енергентите и електричната енергија што ја користат тие, но под услов да дојде до намалување на цената на основните производи што ги произведуваат тие.
Делегација на Стопанската комора на Македонија, предводена од претседателот Бранко Азески, во текот на вчерашниот ден ги посети рудниците „Бучим“ и „Боров Дол“, кои поради енормниот пораст на цената на електричната енергија од 1 септември 2022 година привремено прекинаа со процесот на производство. Од страна на раководството на рудниците беше истакнато дека доколку цената на електричната енергија биде под 250 евра за мегават-час, во тој случај тие се подготвени за десетина дена повторно да го рестартираат производството и да ги вратат на работа сите работници. Претседателот на комората, Бранко Азески, истакна дека двата рудника што влегуваат во групата на 10-те најголеми потрошувачи на електрична енергија и се наоѓаат на слободниот пазар се значајни за македонската економија.
Стопанската комора смета дека Владата задоцнила со мерките за стопанството и поради тоа компаниите претрпеле штети.

– Ние изгубивме непотребно време, тоа е првата констатација. Втората констатација е дека мораме, поучени од тоа искуство, да го искористиме периодот до Нова година, кој, веројатно, ќе биде стабилен, нема да имаме некои сериозни рестрикции, ако не дојде до некои големи хаварии, да се подготвиме за тој тешкиот период што би дошол потоа. На таков начин би се пребродил тој период до пролетта, кога пак ќе мораме да се подготвиме темелно за еден подолг период, бидејќи е сосема јасно, ако сѐ друго е неизвесно, дека оваа криза ќе потрае – рече Азески.
Дека ќе има недостиг од струја од Стопанската комора ја предупредиле Владата уште во септември 2021 година. Оттогаш комората се обидувала континуирано да врши притисок за да ја убеди Владата дека треба да интервенира во бизнисот. Според него, државата се довела во ситуација повторно да решава социјални случаи што ќе седат дома наместо да одат на работа, преку зголемување на економската активност на стопанските субјекти.
– Ваквите интервенции како што се обиде да направи нашата влада, мислам дека одат во поттикнување на неработата и на создавање огромна армија социјални случаи, наместо да го поддржи бизнисот, кој нив би ги апсорбирал и преку исплаќањето на платите би го задржал нивото на животниот стандард што треба да го имаат – вели Азески.
Како итна мерка за поддршка на домашните големи компании е ставањето во функција на гасната електроцентрала „Те-То“, со што ќе се зголеми домашното производство на струја.
Од Сојузот на стопански комори на Македонија ни изјавија дека кризата во која се наоѓаме е исклучително предизвикувачка, а мерките што беа презентирани имаат пренагласена социјална димензија.

– Сметаме дека поддршката за реалниот сектор треба да биде поголема и подобро насочена. Сојузот во месец август достави до Владата предлог што содржи 14 мерки за надминување на енергетската криза. Сметаме дека субвенционирањето на сметките за електрична енергија, како и обезбедување електрична енергија по поволни цени е од исклучителна важност за намалување на штетните последици од кризата. Исто така побаравме да се дозволи процесот на поставување на фотоволтаичните системи да оди паралелно со процесот на добивање на обезбедувањето на потребната документација и дозволи, бидејќи многу компании веќе ги имаат направено потребните набавки, а инсталирањето доцни бидејќи се чека на обезбедување на документацијата. Стопанството во нашата земја вработува околу 680.000 луѓе, создава додадена вредност, го полни државниот буџет и без негов раст и развој не може да се постигне општествен напредок. Затоа и сметаме дека доколку сега ја добие потребната поддршка по стабилизирање на состојбата многукратно ќе врати преку полнење на државниот буџет – ни изјавија од ССКМ.
Основното барање на бизнис-заедницата е обезбедување фиксна субвенционирана цена на струјата поевтина од берзанската. Од Стопанската комора предупредија дека 20 проценти од големите компании ќе затворат, а од 30 до 50 проценти од работниците од јануари може да останат без работа. Млекопроизводителите и мелничарите веќе излегоа со предупредување дека ако итно не се обезбеди фиксна цена на струјата, млекото и млечните производи пак ќе поскапат до 20 проценти, а лебот за 10. Цените на суровините растат и само со субвенционирана цена може да се стабилизираат, предупредуваат домашните преработувачи на храна. М.Ј.