Енергетичарите се согласни дека со инвестиции во системи со кои домаќинствата или компаниите сами ќе произведуваат струја од сонце ќе им се намалат трошоците на корисниците, но потенцираат дека се потребни сериозен пристап и интерес од сите засегнати страни за да се искористат максимално придобивките од обновливите извори на енергија
Високите цени на енергентите вршат сѐ поголем притисок врз граѓаните и врз компаниите, кои очајно бараат начини како да ги намалат трошоците. Постојаното поскапување на нафтените деривати, но и неизвесноста наметната со гасот, кој целосно го увезуваме од Русија и за кој се стравува дека испораката може да биде прекината поради случувањата во Украина и санкциите што се воведуваат кон Русија, дополнително ги ставаат во недоумица и граѓаните и компаниите како да го надминат проблемот со енергенти.
Енергетичарите се согласни дека со инвестиции во системи со кои домаќинствата или компаниите сами ќе произведуваат струја од сонце ќе им се намалат трошоците на корисниците, но потенцираат дека се потребни сериозен пристап и интерес од сите засегнати страни за да се искористат максимално придобивките од обновливите извори на енергија.
– Несомнено дека зголемената цена на електрична енергија во последните шест месеци иницира кај многу домаќинства и стопански субјекти идеја да се инсталираат фотоволтаични производни системи. Со промена на инсталираноста на шест киловати кај домаќинствата и 40 киловати кај стопанските субјекти, секако, ќе го зголеми интересот за инсталирање на овие системи, а со тоа ќе се намали потребата од енергија од други класични извори. Секако, во ова идеја треба да се најде интерес за сите засегнати страни, како потрошувачите така и снабдувачот на енергија. Бенефициите за потрошувачите се јасни, за компаниите производители како АД ЕСМ ќе се намали потребата од произведена енергија од други производители, а секако дека бенефиции треба да има и универзалниот снабдувач како ЕВН.
Кај снабдувачот треба да се дефинира цената по која ќе се враќа енергијата во системот, балансирање на електричната енергија и обезбедување квалитетна испорачана енергија, намалени загуби во мрежата и други технички и економски прашања – објаснува Антон Чаушевски, професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии.
Чаушевски, сепак, потенцира дека без разлика колку ќе се имплементираат вакви системи на обновливи извори, базна енергија ќе треба, секако, како и изградба на нови термо и хидрокапацитети во Македонија, најнапред заради сигурно снабдување со електрична енергија, како и заради балансирање на сѐ поинтензивната имплементација на технологии од обновливи извори како фотоволтаични централи.
Професорот Драган Миновски од Електротехничкиот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ посочува дека географската поставеност и природните ресурси во нашата земја се огромен потенцијал за производство на чиста енергија од обновливи извори, потенцирајќи дека интензитетот на сончево зрачење кај нас е далеку поголем од она што е во одредени земји од Западна Европа, но, за жал, нивното користење кај нас е неспоредливо помало.
– Интересот кај домаќинствата и фирмите за поставување фотоволтаични централи и за производство на електрична енергија за сопствени потреби е огромен во последните месеци. Во согласност со информациите од енергетските компании, во моментот постои интерес за поставување фотоволтаични централи за производство на електрична енергија, од неколку гигавати или два-три пати повеќе од она што е моменталниот инсталиран капацитет на сите производни капацитети во државата. Доколку се реализираат овие најави и доколку се овозможат услови за нивна реализација, како што се зголемени инвестиции во електропреносната и дистрибутивната мрежа, инвестиции во големи системи за складирање и балансирање на производството и потрошувачката на електрична енергија, со сигурност ќе се намалат потребата и зависноста на нашата земја од увоз на енергенти, како што се јагленот, природниот гас и нафтата и нафтените деривати – вели Миновски.
Професорот објаснува оти со правилна стратегија за развој на енергетиката во нашата земја, прифатена од сите чинители во општеството и реализирана од сите политички влади во наредниот период, можеме да станеме енергетски независна држава, чија енергетика ќе се базира на производство на чиста енергија.
– Ова е тежок процес, процес што бара многу време, многу инвестиции, многу вложувања и ангажман од сите чинители, како од производителите така и од потрошувачите. ОИЕ не само што обезбедуваат чиста енергија, туку обезбедуваат и поголема независност. Со нивно поголемо користење се намалува увозот на електрична енергија, природен гас, нафта и нафтени деривати, со што нашата земја станува сѐ понезависна од увоз на енергенти, нашата економија зајакнува, а нашите производи стануваат поконкурентни. Ова е единствениот начин да постигнеме сигурна енергетска иднина на нашата земја – посочува Миновски.