Во кочанскиот регион почна полнењето на нивите со вода и сеидбата на оризот од овогодишната производствена реколта, за која се планира да се насеат околу 4.000 хектари.
За да се запази оптималниот рок за сеидба и да се искористи зголемениот водостој, за почеток се зафаќаат проточните води од реките во регионот, а во почетокот на идниот месецда почне искористувањето и на капацитетите на акумулациите од хидросистемот „Брегалница“.
На официјалниот старт на наводнителната сезона присуствуваа министерот за земјоделство, Љупчо Николовски и директорот на АД Водостопанство, Локман Љимани, при што беше нагласено дека со подготвеноста на каналската мрежа и акумулираните количини вода годинава може да се очекува успешно производство на оризот, но и на другите земјоделски култури во државата.
– Во моментот вкупната количина во браната Калиманци изнесува 114 милиони метри кубни, но до почетокот на користење на нејзиниот капацитет очекуваме акумулираната вода да се зголеми. Дополнително, во браната Гратче имаме над два милиони кубни метри, така што тие количини се сосема доволни со успех да ја завршиме наводнителната сезона за оваа година. Во текот на изминатаите месеци, вработените и механизацијата во подружницата „Брегалница“ во Кочани исчистија повеќе од 200 километри земјени канали, а на десниот магистрален канал навремено е завршена санацијата на бетонските оштетувања. Очекуваме дека над 8.000 водокорисници во регионот ќе бидат задоволни од услугите и успешно ќе ја завршат производствената сезона – истакна директорот Љимани.
Иако се прават пресметки за висината на надоместот што земјоделците треба да го плаќаат за користење на услугите за наводнување, директорот на АД Водостопанство најави дека засега ќе нема покачување на цената.
Министерот Николовски најави инвестиции за рехабилитација и изградба на нови системи за наводнување во скоро сите региони во земјата.
– Можеме да најавиме дека сезоната за наводнување навремено, па дури и предвремено ја почнуваме со пуштање на водата од системите Тиквеш, Стрежево, Брегалница и останатите хидромелиоративни системи, а обезбедуваме доволни количини вода за производство на стратешките земјоделски култури. Од хидросистемот „Брегалница“ само во Кочанско ќе се наводнуваат над 5.000 хектари, од кои најголем дел со ориз, а илјада хектари со други житни култури. Истовремено, со финансиска поддршка од ЕУ фондовите продолжуваме со инвестиции во нови мали системи за наводнување, како што се кај кривопаланечка Конопница, пробиштипска Пишица и тетовско Теарце, а за што се вложуваат околу 2,5 милиони евра. Уште толку средства се инвестирани во Славишко Поле и Чаушица, а следува изградба на хидросистемите Сопот и Новаци, како и во дебарскиот и кичевскиот регион. Продолжуваме и со третата фаза од Јужновардарска долина за нови илјада хектари, за што се инвестираат 10 милиони евра – истакна министерот Николовски.
За рехабилитација на постојните и за изградба на нови системи за наводнување годинава се очекува поддршка од Организацијата за храна и земјоделство на ОН -ФАО со дополнителни 50 милиони евра.