Кинески компании се ангажирани во големи инфраструктурни проекти на Балканот / Фото: Архива

Забележителните постигнувања на иницијативата „Појас и пат“ во фокусот на светската јавност

  • Иницијативата „Појас и пат“ покрената во септември 2013 година, не е само инфраструктурен проект, туку и платформа за цивилизациско поврзување, како што се истакнува во Кина. Станува збор за најголемата модерна инфраструктурна иницијатива во историјата, за која сè почесто се тврди дека го надмина и Маршаловиот план според нејзиниот обем и поставени цели, преобликувајќи ги меѓународните економски и политички врски и глобалните вредносни синџири. Во нејзиното досегашно 12-годишно функционирање, на БРИ се придружија повеќе од 150 држави што претставуваат речиси 75 отсто од светската популација и над половина од глобалниот бруто домашен производ (БДП)

Забележителните резултати на кинеската иницијатива „Појас и пат“ (БРИ) постигнати во првата половина од годинава, со вкупен ангажман од 124 милијарди долари (највисоко ниво во шестмесечен период), привлекуваат големо внимание, при што и западни медиуми ги нотираат успешните постинувања. Британски „Фајненшл тајмс“ пишува „Инвестициската и градежната активност на Кина во ’Појас и пат’ достигна рекорд“, додека британски „Економист“ наведува „Кинеската иницијатива ’Појас и пат’ повторно е во подем“. Притоа забележлива е разлика во однос на вообичаеното известување од страна на западните медиуми кои се спротивставуваат на иницијативата, во поглед на геополитичкото ривалство помеѓу Западот и Кина карактеризирано во повеќе сфери.

Преобликување на меѓународниот поредок

„Појас и пат“ е најголемата модерна инфраструктурна иницијатива во историјата, за која се почесто сè тврди дека го надмина и Маршаловиот план според нејзиниот обем и поставени цели, преобликувајќи ги меѓународните економски и политички врски и глобалните вредносни синџири. Иницијативата „Појас и пат“ покрената во септември 2013 година, не е само инфраструктурен проект, туку платформа за цивилизациско поврзување, како што се истакнува во Кина. „Појасот“ ги оживува копнените коридори на Патот на свилата низ Централна Азија, а „патот“ ги обновува поморските трговски патишта од Југоисточна Азија до Африка. БРИ оттогаш е формално усогласена со уставните принципи на Кина и е издигната како основна компонента на кинеската национална стратегија за развој. Во нејзиното досегашно 12-годишно функционирање, на БРИ се придружија повеќе од 150 држави што претставуваат речиси 75 отсто од светската популација и над половина од глобалниот бруто домашен производ (БДП). Министерството за трговија на Кина соопшти дека кумулативните вредности на инвестициите и договорите за изградба во рамки на БРИ надминале еден билион долари во земјите учеснички.

Од железници и пристаништа, до електрични мрежи и дигитални коридори, проектите на БРИ веќе го трансформираа пејзажот на глобалната поврзаност со создавање опипливи можности за трговија, инвестиции и економски раст низ светот.

Петгодишните планови на Кина се составен дел од иницијативата „Појас и пат“ (БРИ), при што тековниот 15-ти петгодишен план (2026-2030) се фокусира на стратешки пресврт кон висококвалитетен, иновациски ориентиран и зелен развој за БРИ. Надоврзувајќи се на овие темели, новоусвоениот стратешки план трасира смел пат за напредок, повикувајќи на проактивно пошироко отворање на Кина, промовирање на иновативниот развој на трговијата, создавање поголем простор за двонасочна инвестициска соработка и остварување на висококвалитетно партнерство во рамките на „Појас и пат“.

Западен Балкан – важна точка за меѓуконтинентално поврзување

Регионот на Западен Балкан претставува важна меѓуконтинентална врска за Кина, бидејќи преку грчкото пристаниште Пиреја на југ (под контрола на кинеската компанија „Коско“) излегува на Медитеранот, а преку балканските коридори на север се поврзува со Централна Европа. Поволната геостратешка положба на Балканот исто така е од корист за поврзување на медитеранските бродски маршрути со европската копнена транспортна мрежа. Кинески компании се ангажирани во изградба на големи инфраструктурни проекти – автопатишта и железнички линии, при што постепено се отстрануваат транспортните тесни грла и се намалуваат логистичките трошоци, а трговијата и движењето на населението стануваат сè пофреквентни.

Истовремено треба да се согледаат резултатите од досегашните реализирани проекти и бенефиции што произлегуваат од нив. Кина е важен трговски партнер на Македонија, при што билатералната трговија постојано се зголемува, а во економската соработка влегуваат и инвестициите во инфраструктурни проекти. Неколку значајни проекти на кинески компании, како што е автопатот Кичево – Охрид, постојано напредуваат, а компаниите со кинески инвестиции, како што се „Џојсон сејфти системс“, „АРЦ“ и „ЈФА“, работат непречено во Македонија. Минатата година вкупната трговска размена помеѓу Кина и Македонија достигна 1,22 милијарда долари, правејќи ја Кина исклучително важен трговски партнер на земјава.

Денешната сложена геополитичка ситуација налага внимателно избирање на сојузници, при што на помалите земји често им се замерува кога се водат според сопствените интереси додека се обидуват да се изборат за поволна положба во сферите на влијание на светските сили. Но, Кина нагласува дека верува во мултиполарен свет на еднакви држави, во што можете да се уверите и во Пекинг, кога на официјални средби и настани се чувствува дека сите гости од странство се вреднувани исто, без разлика дали доаѓаат од држава со помалку од два милиона жители или со популација од околу сто милиони. Во тој контекст може да се согледаат и меѓусебните односи помеѓу Кина и Македонија, според досегашната плодна соработка на заемна корист, отвореноста при искажаните пораки, како и желбата и потенцијалот за нивно унапредување. М.Ж.