Со 62 гласа „за“, без ниту еден против и воздржан, Собранието денеска, во рамки на 84. седница, го донесе Законот за ратификација на Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан.
Пратениците, исто така со 62 гласа „за“, без ниту еден против и воздржан, му дадода поддршка и на Законот за ратификација на Договорот за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан.
Со договорите потпишани во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“ се овозможува отстранување на работните дозволи и слободен пазар на труд за граѓаните на Македонија, Србија и Албанија.
Со договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот, им се овозможува да работат во која било од трите држави без да вадат работни дозволи, без бариери, без аплицирања и чекања, без административни трошоци. Договорот за услови за интерконекција на шеми за електронска идентификација, пак, предвидува пристап до електронските услуги на националните портали на трите држави преку креирање електронска идентификација „Отворен Балкан“ за остварување на можноста за пристап до пазарот на труд во тие држави.
Договорите беа потпишани на 21 декември 2021 година во Тирана од лидерите на трите земји од иницијативата „Отворен Балкан“, тогашниот премиер Зоран Заев, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама.
На 84. седница помина и Предлог-законот за дополнување на Законот за возила во прво читање, по што претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина седницата и рече дека пратениците за нејзиното продолжение ќе бидат дополнително известени.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на неговиот фејсбук-профил ја поздрави ратификацијата на законите од Иницијативата „Отворен Балкан“ од страна на Собранието со што граѓаните на Македонија, Србија и Албанија добиваат можност да работат во која било од трите држави без да вадат работни дозволи.
-Паѓаат работните дозволи за граѓаните од Отворен Балкан! Преку регионална соработка и оваа иницијатива, а врз основа на европската пракса и принципи, овозможуваме слободен пазар на труд меѓу земјите од Отворен Балкан и повисоки плати. Со денешната ратификација на законите од Иницијативата „Отворен Балкан“ граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија добиваат можност да работат во која било од трите држави без да вадат работни дозволи, без какви било бариери, без аплицирање и чекања, без административни трошоци – напиша Маричиќ.
Според него, ова значи унапредување на регионалниот пазар и заеднички чекор напред кон единствениот внатрешен пазар на ЕУ.
– Мерката е значајна за македонската економија и за македонските компании кои стануваат поконкурентни и ќе можат да отвораат повеќе работни места и повисоки плати за граѓаните – наведува Маричиќ.