Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

Претстои ли нов сериозен удар врз џебот на граѓаните? Секојдневни потребни производи за граѓаните се ставени на списокот за луксуз? Соговорниците велат дека доколку не се коригира оваа листа, која моментално е предвидена, тоа ќе биде ценовен удар за потрошувачите, бидејќи цената на храната веќе и онака е зголемена, па ова поскапување ќе влијае негативно на животниот стандард на граѓаните

Сѐ повисоки амплитудите на ценовната нишалка на животниот стандард

Брашното, сирењето, кашкавалот, урдата, млечните намази, зденката, замрзнатите теста, павлаката за готвење ќе бидат дополнително оданочени. Повластена даночна стапка од пет отсто повеќе ќе нема и за лутеницата, цвеклото, фефероните, мајонезот, апетисаните, компотите, полнетите макарони, тортилјите и нудлите. Од листата со повластена стапка отпаѓаат и храната за децата, како гризот, овесните снегулки, муслите, сладоледот, еурокремот, сите видови бонбони, чипсот, сите чаеви, тропското овошје, сите видови сушено овошје, сусамот, сончогледот, инстант кафињата, наполитанките, црниот пипер, зачините. Со повисока стапка од 10 отсто ќе се даночат сите видови замрзната риба, освен осличот, пастрмката и пангата.
Од вчера нов ценовен шок за граѓаните, поскапува речиси сѐ што би требало да спаѓа во секојдневна храна, а не се тоа перки од ајкула, кавијар, тартуфи, бадемово и кокосово млеко, сирење со сина мувла, како што беше претходно нагласено дека примена на повластена стапка на ДДВ од 10 отсто ќе има само за луксузни производи. Образложението на Владата тогаш беше дека ќе поскапат само оние производи што ретко кој може да ги купи и дека ваквата мерка нема да удри по џебот на обичните граѓани.

Маријана Лончар Велкова: Одлуката е потребно да биде преиспитана од страна на Владата!

Претседателката на Организацијата на потрошувачи на Македонија, Маријана Лончар Велкова, смета дека ваквата одлука е потребно да биде преиспитана од страна на Владата, бидејќи некои од производите што се ставени на оваа листа, според неа, не се луксузни производи, како што се храната за деца и одредени млечни и месни производи, кои секојдневно ги употребуваме.
– Доколку не се коригираа оваа листа што моментално е предвидена, сметаме дека тоа ќе биде ценовен удар за потрошувачите, бидејќи цената на храната веќе и онака е зголемена, па ова поскапување ќе влијае негативно на животниот стандард на граѓаните. Потрошувачите ќе се доведат во неповолна состојба, ускратувајќи им го правото на избор на разновидни производи по пристапна цена – нагласува Лончар Велкова.
Во однос на влијанието на претходната мерка, претседателката вели дека таа мерка секако влијае позитивно бидејќи потрошувачите се сигурни дека цената на тие производи нема да бидат зголемени, односно имаат цена што моментално е загарантирана до 30 ноември.
– Меѓутоа сметаме дека 30 ноември е краток рок за оваа мерка и потребно е Владата да ја преиспита и оваа одлука и оваа мерка да биде продолжена за подолг период – укажува Лончар Велкова.

Фатмир Битиќи: Погрешно прочитана листата на производи

Вицепремиерот Фатмир Битиќи смета дека е погрешно прочитана листата на производи поради тоа што одлуката има два дела, првиот дел е продукти што спаѓаат во повластената тарифа, односно повластената даночна стапка од 5 отсто.
– Таму е дефинирано, за разлика од претходното дефинирање во законот, до детали кои сѐ продукти спаѓаат во повластената даночна стапка од 5 отсто. И понатаму во одлуката се вели дека повластената стапка од данокот на додадената вредност се применува врз прометот на следните услуги. Има вкупно 358 продукти или царински тарифи со одредени продукти што спаѓаат во новата стапка од 10 отсто – истакна Битиќи.
Тој објасни дека ако има некакви пропусти, на следната седница на Владата ќе бидат решени.
– Ако трговците и производителите поинаку ја прочитале или не е доволно јасна, некој не знае дали, на пример, кравјото сирење треба да влезе во 5 или 10 отсто, можеме да објасниме и на следната владина седница такви пропусти, ако има, да ги решиме. Мора да кажеме што е тоа што сметаме дека треба да го стимулираме. Граѓаните имаат навики за храна, но одредени продукти, ако во овој момент сметаме дека треба да бидат во стапката од 10 отсто, оставаме простор да се ревидира ако тоа е дел од секојдневната исхрана на граѓаните. Сметам дека може да има поинакво толкување на одредени царински стапки, на одредени продукти, затоа што не е целосно јасно – вели тој.
Битиќи се согласува дека млечен премаз со висока масленост од овчо млеко треба да биде несекојдневен и треба да има стапка од 10 отсто. Но тој вели дека има простор јасно да се каже за кои продукти станува збор, а за некои производи дека може да е пропуст и дека нема проблем да се направи измена.
За цвеклото како здрава храна и е со 10 отсто, Битиќи додаде дека ќе се ревидира.
Во однос на цената на јајцата и оризот, тој рече дека таа цена е поадекватна во овој временски период.
– Ние не ги носиме мерките на штета на едните или другите. Мораме да донесеме мерки што ќе ја ублажат кризата и нема да им нанесат штета на производителите – соопшти Битиќи.
Не е вистина дека има зголемување на цената на над илјада производи, опфатени се 358 категории производи, додаде тој.
– Маркетите треба да почнат од денеска да ги менуваат цените на производите. Веќе во вторник имаме закажано седница на Владата и може да се ревидира одлуката – рече Битиќи.