Анализа на Евростат (официјалната статистичка институција на ЕУ) за трговијата меѓу ЕУ и Русија
Најновите податоци што ги објави Евростат, официјалната статистичка организација на Европската Унија, покажуваат дека трговијата на ЕУ со Русија е сериозно погодена од ограничувањата наметнати при увозот и извозот, со почетокот на војната во Украина.
Тоа конкретно значи, според анализите на Евростат, дека и извозот и увозот се на нивоа значително под оние што му претходеа на почетокот на воениот судир меѓу Украина и Русија.
Бројките опсервирани од Евростат покажуваат дека делот на Русија, при увозот на ЕУ на стоки од надворешни земји (од земји што не се членки на ЕУ, група во која спаѓа и Русија) паднал од 9,5 отсто во февруари 2022 година на 2 отсто во септември годинава.
Исто така, од вкупниот извоз, пак, на ЕУ, за истиот период февруари 2022 – септември 2023 година, за Русија се извезува стока што по својот обем паднала од 3,8 отсто, на 1,4 отсто во истиот споменат период (февруари 2022 – септември 2023 година).
Но за издвојување е информацијата на Евростат дека „има враќање на нивото на увозот во ЕУ на вештачки ѓубрива (од Русија во ЕУ), на нивоата од пред конфликтот“.
Падот на увозот од Русија за ЕУ го зголеми трговскиот дефицит на Унијата
Во март 2022 година, максималниот трговски дефицит на ЕУ со Русија изнесуваше 18,6 милијарди евра поради високите цени на енергетските производи. Овој дефицит падна на 0,1 милијарда евра во март 2023 година и не се промени значително до септември, кога се искачи на една милијарда евра. На оваа промена силно влијае падот на увозот во ЕУ од Русија.
Делот на Русија во увозот на ЕУ (од земји што не се членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Русија), опадна за повеќето од главните производи. Имено, природниот гас, нафтата, никелот, железото, челикот и ѓубривата сочинуваат околу две третини од вкупниот увоз од Русија во ЕУ.
Во периодот помеѓу третиот квартал од 2021 година и третиот квартал од 2023 година, учеството на Русија во увозот на природен гас во ЕУ значително се намали (-27 процентни поени), додека увозот од САД во ЕУ се зголеми (+14 процентни поени), Норвешка (+ 7,6 п.п.) и Алжир (+5,5 п.п.).
Слична е состојбата и со увозот на нафта, бидејќи учеството на Русија се намали исто како и кај никелот, железото и челикот.
Малку поинаква е ситуацијата кај трговијата со ѓубрива: уделот на Русија падна од 27 отсто во третиот квартал на 2021 година на 17 отсто во истиот период една година подоцна, но повторно се зголеми на 27 отсто во третиот квартал годинава. Е.Р.