РАЗГОВОР СО НАЦИОНАЛНИОТ СЕКРЕТАР НА ЕВРОПСКИОТ ИНСТИТУТ ЗА ИНОВАЦИИ И ТЕХНОЛОГИЈА, АЛЕКСАНДАР СТАМБОЛИЕВ
Општествата и економиите отсекогаш биле водени од вештините и способностите на луѓето и организациите да ги претворат идеите во нови производи, услуги, бизниси и општествени модели. Во последниве години темпото на иновации се забрза. Иновациите ги преобликуваат сите економски сектори, вели Стамболиев
Европскиот институт за иновации и технологија (ЕИТ) го објави почетокот на првиот заеднички центар во Македонија, кој ќе ги издигне регионалните иновации на повисоко ниво и ќе им обезбеди на локалните претприемачи, иноватори и стартапи поддршка за иновации. Со поврзување на регионалните иноватори и партнери со најголемиот иновациски екосистем во Европа, новиот центар за регионални иновации на ЕИТ, прв од таков вид, ќе ја зајакне соработката меѓу водечките деловни, образовни и истражувачки организации, истовремено зголемувајќи ги конкурентноста на регионот и одржливиот економски раст. Како национален секретар на иновацискиот центар беше претставен Александар Стамболиев, кој има долгогодишно искуство во областа на стартапите и технологиите, а моментално е извршен директор на бизнис-акцелераторот УКИМ, посветен да им помага на технолошките стартапи да се прошират на глобално ниво.
Тој, во разговор за „Нова Македонија“, ни открива какви се очекувањата од иновацискиот центар, колкава е неговата важност, придобивките на државата од неговото отворање…
Кои се важноста и значењето на иновацискиот центар за Македонија и регионот?
– Европскиот институт за иновации и технологија (ЕИТ) е формиран во 2008 година, со визија да стане водечка европска иницијатива што ги зајакнува иноваторите и претприемачите да развијат решенија од светска класа за општествените предизвици и да создава раст и квалификувани работни места. За таа цел, ЕИТ обединува огромна мрежа на компании, високообразовни и истражувачки институции, градови, региони и граѓански организации, обезбедувајќи обука на нови генерации претприемачи, развој на иновативни производи и услуги и зајакнување на стартапите и компаниите преку инвестиции. Сите овие можности стануваат подостапни за македонските иноватори, со назначувањето за националниот секретар Александар Стамболиев на ЕИТ во Македонија и акцелераторот УКИМ како центар на ЕИТ во Македонија. ЕИТ е составен од девет заедници на знаење, кои ги покриваат следните области: 1. Климатски промени; 2. Дигитални решенија; 3. Енергетика; 4. Здравје; 5. Суровини; 6. Храна; 7. Производство; 8. Урбана мобилност и 9. Култура и креативност. Воспоставувањето на овој центар ќе ѝ обезбеди на земјата централизирана контакт-точка за локалните бизниси, истражувачи и академската заедница до неограничените можности и инструменти што ги нуди заедницата на Европскиот институт за иновации и технологија.
Какви придобивки ќе има државата со отворањето и неговото работење?
– Последниот извештај на Европската комисија за земјата забележа добро ниво на подготовка во областа на иновациите. Земјата се смета за нов иноватор, со перформанси од 45,6 отсто од просекот на ЕУ. Сепак, вкупните инвестиции во истражување и иновации остануваат ниски – само 0,38 отсто од БДП. Со приближување на веќе достапните фондови на ЕИТ, кои можат да ја зајакнат македонската индустрија преку унапредување и креирање производи и услуги со значителна додадена вредност, се очекува истите тие да бидат конкурентни и на европскиот пазар. А тоа можеме да го сториме единствено преку воспоставување соработка на индустријата со истражувачките капацитети на универзитетите што располагаат со лаборатории и стручно знаење. Единствениот начин за унапредување на нашето образование и на индустријата е единствено можен само преку градење партнерски релации во развојниот процес.
Што се очекува во следниот период од неговото работење?
– Општествата и економиите отсекогаш биле водени од вештините и способностите на луѓето и организациите да ги претворат идеите во нови производи, услуги, бизниси и општествени модели. Во последниве години темпото на иновации се забрза. Иновациите ги преобликуваат сите економски сектори. Тоа ги нарушува постојните бизниси, но и создава невидени можности. Енергичниот иновативен систем бара мешавина од знаење, инвестиции, инфраструктура и талент. Локалната економија треба да ги искористи отворените можности и инструменти на ЕИТ и заедно со синергијата од силната соработка со европските истражувачки, образовни и иновативни субјекти да ја подобри конкурентноста на македонските производи.
Каква ќе биде вашата улога во центарот, за што конкретно ќе се залагате како национален секретар, на што ќе се фокусирате?
– Стратегијата за паметна специјализација на Северна Македонија, која е во фаза на финализирање, треба да обезбеди модерен пристап кон економскиот развој, особено во следните области: паметно земјоделство и преработка на храна со висока додадена вредност, секторот информатички и комуникациски технологии (ИКТ), индустрија 4.0 и одржливи материјали и паметни згради. Токму овие четири области се составен дел од заедниците на знаење на ЕИТ. Очекуваме по усвојувањето на паметната специјализација и дефинираниот државен буџет за нејзино спроведување да ги идентификуваме клучните комплементарни инструменти на ЕИТ што може да придонесат и да го забрзаат нејзиното спроведување. Над 400 претставници на приватниот сектор, универзитетите и јавните институции и граѓански организации изминатата година беа вклучени во развојот на паметната специјализација и планираме нив и другите чинители да ги информираме за можностите за ЕИТ. Исто така, приватниот сектор има очекувања од паметната специјализација да создаде квалификувана работна сила способна за иновации и генерирање повисок приход и економска вредност.
Какви се вашите очекувања од отворањето на иновацискиот центар?
– Изминатиов период македонските иноватори, образовни институции и компании ги користеа инструментите на ЕИТ, што резултира со доделени грантови во висина од 800.000 евра, пет стартап-компании поддржани во нивниот развој, склучени четири партнерства и 1.351 иноватор беа вклучени во образовните програми на ЕИТ.
Исто така перформансите на земјата во „Хоризонт Европа“, најголемата рамковна програма на ЕУ за истражување и иновации, продолжуваат да се подобруваат со текот на годините, достигнувајќи 14 проекти во вредност од 2,8 милиони евра во 2022 година.
Тоа што сакам да го потенцирам е дека ЕИТ, како и другите ЕУ-институции, ги доделува финансиските средства на отворени повици. Вкупниот годишен буџет со кој располагаат деветте заедници на ЕИТ изнесува речиси половина милијарда евра. Ги охрабрувам образовните институции, а особено компаниите, да ги разгледаат можностите што ги нуди секоја заедница и да ги идентификуваат можните локални и европски партнери со кои може да соработуваат. Целта на секој финансиски инструмент на ЕИТ е да ја поттикне токму меѓусекторската и прекуграничната соработка, со цел да им овозможи вмрежување засновано на знаење на најдобрите таленти во Европа.
Како национален секретар очекувам да го зголемиме учеството на македонските компании и универзитети во постојните повици и да обезбедиме многукратно поголема искористеност на досега искористените средства од ЕИТ.
Новоотворениот центар, лоциран токму во акцелераторот УКИМ, ќе ги претставува сите заедници за знаење и иновации (КИЦ) на ЕИТ и ќе се фокусира на привлекување и ангажирање зголемен број македонски учесници во активностите на заедницата на ЕИТ. Центарот и националниот секретар ќе им обезбедат на иноваторите централизиран извор на информации за сите услуги и можности обезбедени од целата заедница на ЕИТ, како локално така и пошироко. Дополнително, тој ќе го предводи ангажманот на заедницата на ЕИТ со локалните власти, вклучувајќи и обезбедување поддршка за политиките и експертиза по потреба.
Дали очекувате државата да даде придонес во работењето на центарот?
– Очекуваме интензивна соработка со државните институции одговорни за спроведување на стратегијата за паметна специјализација, како и со другите проекти и донатори што се насочени кон економскиот развој.