Фото: Архива

Повеќегодишното недоволно инвестирање за одржување на енергетските објекти и неинвестирање за изградба на нови доаѓа на наплата и се манифестира со намалено домашно производство на електрична енергија. Тоа, пак, резултира со исклучително голема чувствителност и зависност на енергетскиот сектор во земјата од турбуленциите во енергетиката во меѓународни рамки

ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА ДОПРВА ЌЕ СЕ ПОЧУВСТВУВА

Поради состојбите во кои се наоѓаме, конфликтот меѓу Русија и Украина и мерките против Русија предложени од Европската комисија, кои вклучуваат стопирање на руската нафта, на Балканот и на Македонија им претстои тешка зима во енергетскиот сектор. Македонската влада крои мерки за ублажување на енергетскиот удар, но прашање е колку можеме да очекуваме намалување на ударот и дали Македонија има доволно количества на енергија за претстојната зима, но и со какви цени.
Министерката за рударство и енергетика во Србија, Зорана Михајловиќ, најави тешка зима во енергетскиот сектор и дека полесно ќе биде во 2024 година, кога ќе заврши интерконекцијата со Бугарија.
– Ние како министерство следниот месец ќе излеземе со некои предлози, бидејќи зимата 2022-2023 нема да биде едноставно, овие работи што се случуваат околу Украина нема толку лесно да се сменат. Треба да се разговара со министрите за енергетика на Азербејџан, Бугарија, Грција, Македонија и на Турција дали може да се добијат дополнителни количества гас од новите азербејџански наоѓалишта – вели Михајловиќ.
Таа додаде дека Србија треба да изгради гасна интерконекција до Македонија, која ќе ја изгради истата врска со Грција, за да имаме повеќе доставувачи и снабдување со гас од повеќе извори со овој извор на енергија.
Професорот на Институтот за термичко и енергетско инженерство при Машинскиот факултет, Ристо Филкоски, потврдува дека нѐ очекува тешка зима и дека тоа е повеќе од сигурно.
– Во актуелната ситуација, особено со новиот пакет мерки против Русија предложени од Европската комисија, кои вклучуваат стопирање на увозот на руска нафта, недостигот од нафтени деривати низ Европа може да биде сѐ поочигледен и понепријатен. Прашање е што може да се стори краткорочно за состојбата да се направи колку-толку поподнослива. Владата може да ги намали многубројните непродуктивни трошоци и да преземе одредени краткорочни мерки за ублажување на состојбата, за да им се помогне на стопанството и на граѓаните. Меѓутоа, битно е мерките да бидат осмислени, а не исклучиво од популистичка природа – вели Филкоски.
Според него, планирањето мора да биде долгорочно, со стратегиски пристап, без импровизации, бидејќи тие не носат резултати, а многу работи што требало да се прават во енергетскиот сектор во изминатите години, па и децении, не биле направени.

– Повеќегодишното недоволно инвестирање за одржување на енергетските објекти и неинвестирање за изградба на нови, разбирливо, доаѓа на наплата и се манифестира со намалено домашно производство на електрична енергија. Тоа, пак, резултира со исклучително голема осетливост и зависност на енергетскиот сектор во земјата од турбуленциите во енергетиката во меѓународни рамки. Просто, немаме разработени алтернативи и резервни решенија – истакнува професорот.
Во однос на снабдувањето со природен гас, како што вели Филкоски, јасно е дека Македонија нема краткорочни алтернативи. За да профункционира терминалот во Александрополис и да се направи гасоводно поврзување со него, потребни се време и пари, а и цената на таквиот (втечнет) гас ќе биде повисока.
– Во моментов, битно е одговорните во Македонија да не играат според принципот да се биде „поголем католик од папата“, одбивајќи го предложениот начин од руската страна за плаќање, туку да се следат интересите на земјата, нејзините граѓани и на стопанството. Ситуацијата е таква што, практично, немаме други алтернативи освен гасот што пристигнува од Русија преку Бугарија. Според достапните информации, барањето од руска страна гасот да се плаќа во рубли не е нешто страшно. Секако, сигурно е дека цената за гасот ќе биде повисока и ќе зависи од курсот на рубљата одреден во Москва, но тоа е нешто на што постепено треба да се навикнуваме и да се приспособиме – смета Филкоски.
Во таа насока, како што додава тој, неколку земји од ЕУ веќе ги разгледуваат опциите за извршување на плаќањето на „Газпром експорт“ за да не биде запрен рускиот гас, но и да не се прекршуваат санкциите на ЕУ. Според одредени толкувања, санкциите на ЕУ не важат за приватни компании и голем број компании се подготвени да купуваат руски гас во рубли. Алтернатива е гасот да се набавува преку посредници, со што цената би била уште повисока.

– Краткорочно гледано, треба да се направат подготовки и за евентуална примена на мазут, таму каде што сѐ уште постојат функционални инсталации за тоа гориво. Проблеми поради прекини во снабдување со природен гас кај нас може да имаат компаниите што во изминативе години извршија премин од течни и други горива кон природен гас. Некои од нив сѐ уште ги имаат зачувано и инсталациите за мазут, но прашање е во каква состојба се наоѓаат тие. На пример, топланите во Скопје имаат паралелни инсталации за работа на течно гориво, па дури и законска обврска за складирање течно гориво за одреден период на работа. Мазутот, се разбира, е далеку понеприфатливо гориво од аспект на влијание врз животната средина, но можеби одреден период ќе мора да се преживее и со тоа – укажува Филкоски.
Тој потенцира дека деталите за мерките што треба да ги преземе ЕУ се важни за пазарот на гориво и од ЕУ најавија дека суспензијата на руската нафта ќе се спроведува постепено – се очекува прекин на увозот до крајот на годината.
– Меѓутоа, и во однос на ова прашање има разногласие помеѓу земјите-членки, така што некои се залагаат да добијат подолг преоден период. Секако, одлуката ќе има свој одраз врз цените на нафтените деривати и тоа ќе доведе до одредени дополнителни турбуленции на светскиот пазар на енергенти. Меѓутоа, целокупната методологија и патиштата на снабдување со нафта се разликуваат од начинот на снабдување со природен гас. Тоа би значело дека во одредени моменти може да има нарушувања и прекини во снабдувањето, може да се очекуваат промени на цената на нафтата и на дериватите, но по одредено време би дошло до стабилизирање на состојбата – објаснува професорот.
Во однос на прашањето за повторно снабдување со евтина енергија во иднина, тој вели дека така како што се одвиваат работите, сигурно е дека времето на евтина енергија е минато.

– Ќе биде неопходно постепено да се навикнеме на таквата реалност – дека сметките за енергија ќе ни бидат повисоки, а во цените на производите и услугите ќе мора да се вградат поголеми трошоци за енергија. Дури и под оптимистичка претпоставка дека набргу ќе дојде до завршување на воените дејства во Украина, па и да започне обновување на нарушените релации помеѓу западните земји и Русија, цените на енергентите нема значително да се намалат. Сигурно е дека ќе дојде до стабилизација, но на ниво повисоко од тоа пред последните тектонски нарушувања – појаснува Филкоски.
Според него, во делот на енергетскиот сектор, ние треба сериозно да поработиме на неколку прашања за кои и не моравме да чекаме да настапат вакви кризни ситуации: подобро одржување на базните објекти за генерирање електрична енергија и подобрување на условите за нивна работа, работа на изградба на нови (термо- и хидро-) енергетски објекти, перманентно вложување за подобрување на енергетската ефикасност во сите сектори, со што ќе се намалат потребите за енергија за исто производство, услуга или комфор, мудро поголемо вклучување обновливи извори на енергија во системот, преку методи со кои ефектите би ги почувствувал најголем дел од населението, а не само повластени поединци, подобрување на електродистрибутивната мрежа за да биде во состојба да одговори на новите предизвици и очекувања, подобро поврзување со соседните електроенергетски системи итн.
– Важна поука од актуелната ситуација е дека треба да се одржуваат домашните енергетски објекти, а не да се избрзува со нивно затворање – нагласува Филкоски.