Како мала економија, нашиот фокус за успех треба да го насочиме кон тоа како да ја искористиме интелигенцијата со примена на иновации и технологија. Треба да се знае дека има фактори за кои е одговорна државата, која може да искреира амбиент за да им овозможи на реалната економија и бизнисот да добијат амбиент во кој ќе произведат конкурентен производ! Но, исто така, има и фактори за кои директно се одговорни компаниите и сопствениците на одреден бизнис, при производството на конкретен производ или услуга. И тие мора да работат на случајот за да искреираат квалитетни и оригинални производи, амбалажа, стандардизација и подготвеност да ги задоволат специфичните барања на купувачите, како и следење на истражувањата и трендовите на пазарот каде што го пласираат својот производ или услуга…
Како да се подигне конкурентноста на домашните компании на меѓународните пазари
Клучот за економски развој на земјава е во развојот на приватниот сектор, така што тој ќе биде во состојба да искреира производи и услуги со повисока додадена вредност што ќе бидат конкурентни на глобалниот пазар, поточно да ги задоволуваат стандардите на земјата во која што се извезува. Како да се подигне конкурентноста на домашните компании на меѓународните пазари? Како целосно фокусот да се сврти кон домашните фирми, како тие да се поврзат со странските фирми? Како да извезуваат повеќе и поконкурентни производи? Со оглед на тоа што имаме технички застарен процес, несоодветна инфраструктура, високи увозни суровини, како да дојдеме до одлична цена, одличен квалитет и рок на испорака?
За да се постигне сето ова, упатените велат дека е потребен поволен деловен амбиент што ќе ја поттикне иновативноста на домашните компании, а наедно ќе го поддржи и внесувањето нови технологии.
Според Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, конкурентноста на производите на компаниите може да се зголеми со поголеми вложувања во современа опрема и во обука и усовршување на вработените.
– Се задржувам на овие два фактора затоа што сметам дека сите обрнуваат големо внимание на економичноста во работењето и заштедите на трошоците, што се покажа со справувањето со енергетската криза и зголемените цени на енергијата. За вложување во опрема, компаниите треба или да имаат сопствена акумулација или да земаат кредити. И покрај тоа што денес заради справувањето со инфлацијата, каматните стапки се многу зголемени, сепак сметам дека за современа машина, која ќе ја зголеми продуктивноста и ќе ја намали потребата од работници, не треба да се жалат пари. Во секој вид производство можат да се набават современи автоматски машини, кои многу бргу ги враќаат вложените средства – укажува Димитров.
Вториот фактор – обучена работна сила, како што вели тој, е потежок, затоа што не зависи само од работодавците туку и од системот на образование. Димитров споменува дека во последните неколку години се успеа поголем процент на запишани средношколци да се пријават за средните стручни училишта, но далеку сме од решавање на проблемот.
– Кариерното насочување на осмоодделенците е во зародок, а дипломираните студенти ја бараат иднината во странство. Сето ова создава одреден страв кај претприемачите за отворање нови компании, но и за развој на постојните – додава претседателот на Собранието на ОРМ.
Што се однесува на пласманот и поврзувањето со странски компании, Димитров смета дека нема проблем за пласман на квалитетни и ценовно конкурентни производи.
– Македонија е мала земја, со мал обем на производство и, гледајќи теоретски, имаме неограничени можности за пласман на странските пазари. И покрај тоа што долго време упатувавме „апели“ за поврзување на компаниите од ТИРЗ со домашни компании, се уверивме дека тоа не е можно, затоа што во Македонија немаме производители на суровини и материјали што ги користат компаниите во ТИРЗ – објаснува Димитров.
Тој истакнува дека во иднина треба да се насочиме кон сопствени производи со домашни конкурентски предности и овие наши брендови да ги пласираме во странство, без да негуваме илузии дека ќе направиме такви големи компании со голем обем на производство, кои ќе станат голем „играч“ на светските пазари. За такво нешто немаме ниту капитал ниту домашни ресурси, а најмалку квалификувана работна сила.
Управителот и сопственик на компанијата „Македонија експорт“, Калин Бабушку, вели дека нашите брендови може да бидат конкурентни на странските пазари, но потребна е голема промена во начинот на размислување на менаџерите, но и на државата.
– Од страна на компаниите она што треба да се промени е начинот на производство каде што од мануелно ќе треба забрзано да се префрлаат во автоматско производство, а не само да се жалат дека нема работна сила. Треба да се подобрат и брендирањето на производите, квалитетот, системот на работење во целост, заштитата на брендовите. Што се однесува до државата, потребно е помошта на компаниите да биде пофокусирана и насочена кон конкретно покривање на барем дел од горенаведените проблематики, а не да се фокусираат на субвенции на работи што се дел од вредносниот синџир. Исто така, субвенции и за транспорт до крајната дестинација ќе придонесат да бидеме поконкурентни на светските пазари – нагласува Бабушку.
Но она што е најважно, потенцира тој, е подобрување на квалитетот на производите со автоматизација на производството, здружена набавка на репроматеријали од фабрики со иста или слична дејност.
– Она што недостига, исто така, е и стручен кадар, во што треба државата, во соработка со реалниот сектор, малку повеќе да инвестира и охрабрува, а не да останува нема на овие барања. Значи, еден постратегиски пристап на целата проблематика може да ги направи нашите продукти поконкурентни. И не е тешко сето ова, само треба волја – посочува Бабушку.
Од Сојузот на стопански комори велат дека подобрувањето на конкурентноста на македонските производи, преку креирање уникатен производ со додадена вредност, може да создаде врвен производ за избраните извозни пазари, како ефективен начини за зголемување на БДП.
– Како мала економија, нашиот фокус за успех треба да го насочиме кон тоа како да ја искористиме интелигенцијата со примена на иновации и технологија. Квалитетни и оригинални производи, амбалажа, стандардизација и подготвеност да се задоволат специфичните барања на купувачите, како и следење на истражувањата и трендовите во одредена индустрија се неколку аспекти за зголемување на побарувачката и извозот – изјавија од сојузот.
Како што велат оттаму, во согласност со претходно направени анализи, производи и услуги со поголема додадена вредност може да се креираат во сите сектори, почнувајќи од ИКТ, иновативното земјоделство, малите индустриски капацитети, пред сѐ прехранбени, кои ќе креираат уникатен производ со конкурентна цена.
– Иновативните бизниси обично се со зголемен ризик при нивното формирање, но и со потенцијална можна зголемена добивка. Затоа треба да се овозможи соодветен амбиент каде што изворите за финансирање би им биле достапни на овие компании. Во таа насока, формирањето фондови за одобрување строго наменски кредити со пониски каматни стапки за стимулирање на извозот и на извозно ориентираните компании ќе биде стимул за приватниот сектор – сметаат од сојузот, додавајќи дека новите креативни производи и услуги се единствен начин за брз развој на државата.