Народната банка по априлското зголемување на каматната стапка сега изврши дополнително зголемување за 0,25 процентни поени и таа сега е на ниво од 1,75 проценти.
Од Народната банка информираат дека при донесувањето на ваквата одлука биле земени предвид најновите движења кај инфлацијата, којашто и во април забрза, како и влијанието на ваквите остварувања врз инфлациските очекувања.
– Одлуката за натамошно затегнување на монетарната политика се заснова врз оцените дека увозните ценовни притисоци се подолготрајни и посилни, што создава одредени преносни ефекти кај повеќе ценовни категории и делува врз инфлациските очекувања. Оттука е и потребата од монетарна реакција, и покрај надолните ризици за економскиот раст и за домашната побарувачка – се вели во соопштението.
Најновите податоци за април, според централната банка, упатуваат на тоа дека годинава инфлацијата ќе биде повисока од очекувањата според последните проекции.
– Главните фактори за поместувањата на ценовното ниво и понатаму се факторите на страната на понудата, пред сѐ цените на храната и енергијата, поради растот на цените на примарните производи на светските берзи. Овие преносни ефекти се видливи особено кај економиите како нашата, каде што голем дел од потрошувачката е увозна и каде што учеството на храната и енергијата во потрошувачката кошничка е високо. Имајќи предвид дека храната и енергијата се влезна компонента кај повеќе други производи и услуги, растот на цените станува пошироко распространет. Оттука, поголема динамика се забележува и кај движењето на базичната инфлација. Тековните оцени и натаму упатуваат на отсуство на поизразени притисоци од побарувачката врз цените, а со воениот конфликт во Украина се нагласуваат надолните ризици за домашната побарувачка во следниот период. Сепак, неопходни се претпазливи домашни политики коишто нема да предизвикаат дополнителни притисоци и од страната на потрошувачката – појаснуваат од Народната банка.
Девизните резерви се во сигурна зона и девизниот пазар е стабилен. Се забележува сезонски поголема понуда на девизи. Според првичните податоци за април, годишниот раст на кредитите е солиден, при поумерен раст кај депозитите. Притоа, кај депозитите на населението се забележува раст на месечна основа во април.
Оценката на Комитетот за оперативна монетарна политика, кој вчера одржа седница, е дека се неопходни претпазливи макроекономски политики заради ублажување на ефектите од кризата.
– Општо земено, најновите оцени за основните макроекономски параметри упатуваат на потреба од натамошно затегнување на монетарната политика, и покрај надолните ризици за економскиот раст и за побарувачката. Ризиците за целокупниот макроекономски контекст се поизразени, а се поврзани главно со надворешното окружување. Ефектите од пандемијата сѐ уште постојат, а нарушувањата во синџирите на снабдување и енергетска криза се уште понагласени заради воениот конфликт во Украина. И понатаму има голема неизвесност, особено околу времетраењето и интензитетот на војната во Украина и ефектите од тековните и идните санкции кон Русија – се наведува во соопштението.
На вчерашната седница одлучено е понудата на благајнички записи на денешната аукција да изнесува 10 милијарди денари.