Фото: Влада

Премиерот Христијан Мицкоски очекува намалување на цените на бензините за околу два денара од понеделник, додека цената на дизелот би можела да остане иста или да се зголеми за околу половина денар.

Во изјава за медиумите по настанот „Youth Vision 2030: Western Balkans, Stability & AI in Education“ во Скопје, тој истакна дека мерката за намалување на ДДВ-то за горивата веќе ги дава очекуваните резултати.

 – Внимателно ја следиме состојбата на светските берзи. Нашите пресметки покажуваат намалување на бензините за околу два денара, додека дизелот ќе остане стабилен или минимално ќе поскапи – изјави Мицкоски.

Тој најави дека Владата ќе продолжи со мониторинг на пазарот и во текот на следната недела, при што не се исклучува продолжување на мерката за намален ДДВ за уште две недели или воведување нови мерки, вклучително и интервенции со акцизите.

Според премиерот, засега не се забележува намалување на потрошувачката на гориво. Напротив, во пограничните региони има зголемен интерес, со дневна потрошувачка од околу 200 илјади литри.

 – Состојбата е стабилна и нема потреба од рестрикции. Намалувањето на ДДВ-то директно влијаеше врз намалување на цените – додаде тој.

Во однос на критиките од СДСМ за падот на индустриското производство, Мицкоски оцени дека намалувањето е резултат на протестите на транспортерите, но дека станува збор за привремена состојба.

Тој истакна дека, и покрај овој пад, има раст во други сектори како туризмот и градежништвото, нагласувајќи дека економијата ќе го надомести тековниот застој во наредните месеци.