Намалување на царините за 67 производи што се користат во домашната индустрија и укинување на царинските стапки за стоките што доаѓаат од САД
Паралелно со релаксирањето на царинскиот режим (САД и ЕУ) и планското намалување на голем број царини, но со одредени зафати во делот од менаџирањето со финансиите во буџетот, односно очекувани вложувања во енергетскиот сектор, се прават проекции за реални резултати на полето за поголем економски раст…
Средствата што пристигнуваат во државната каса по основ на царини, во следниот период ќе претрпат извесно намалување. Ова е резултат на одлуката да се укинат царините кон САД, како наша официјална позиција изградена по воведениот сет мерки од страна на американскиот претседател Доналд Трамп, но и поради планираните усогласувања на царините со оние на Европската унија.
Како што најави министерката за финансии Гордана Димитриеска–Кочоска, македонската влада планира да ги намали царините за 67 производи што се користат во домашната индустрија, но и да ги укине царинските стапки за стоките што доаѓаат од САД.
Овие одлуки, кои се значајни за понатамошниот развој на македонската економија и соработката со странските компании, истовремено ќе значат големо намалување на приливите во буџетската каса.
Министерката Кочоска: Годишните фискални импликации би биле четири милиони евра
Апроксимативно, со воведувањето на сите планирани даночни ослободувања, приливите во буџетот ќе бидат намалени за речиси пет милиони евра или поточно за 4,7 милиони евра.
– За 67-те производи фискалниот ефект е два милиона евра на годишна основа за овие 50 проценти. Кога ќе стапат во сила и следните 50 проценти, кога ќе се усогласиме целосно со ЕУ, врз основа на податоците за увозот од 2024 година, годишните фискални импликации би биле четири милиони евра – појасни Димитриеска Кочоска.
Потоа дополни дека во оваа сума треба да се земат предвид и фискалните импликации од ослободување од царински давачки и на увозот од САД.
– Тоа се некаде околу 3,7 милиони евра на годишна основа. Тука нема промени, значи толку би изгубиле, што значи дека ние годинава би изгубиле еден милион евра од намалување на царините за 67-те производи, со оглед дека ќе се применуваат од 1 јули (на годишно ниво е два милиона евра), плус овие 3,7 милиони евра, за годинава фискалните ефекти ќе бидат 4,7 милиони евра – прецизираше Димитриеска Кочоска.
Царината се намалува од 20 на 15 отсто, па потоа на 10 отсто
Предлогот за намалување на царинската стапка кај 67 стоки веќе е испратен на усвојување во Собранието со цел пониските царински стапки да почнат да се применуваат од почетокот на следниот месец. Станува збор за стоки што како суровини или репроматеријали се користат во нашите индустриски капацитети, особено во секторите на автомобилската, металопреработувачката индустрија, металургијата и енергетиката, односно одделни производи потребни за производство на високофинални производи со цел да се зголеми извозната конкурентност на домашната индустрија.
Со измените се врши намалување на царинските стапки за 50 отсто на разликата меѓу нашите царински стапки и оние на ЕУ. На пример ако царинската стапка на одредена стока кај нас изнесува 20 отсто, а во ЕУ изнесува 10 отсто, со тековните измени стапката се намалува на 15 отсто, со тенденција за идно доусогласување.
– Истовремено со измените пристапуваме кон целосно усогласување со царинската стапка што се применува во ЕУ за литиум-јонските батерии за складирање електрична енергија во секторот енергетика. Од 1 јули царинската стапка за нив од 15 отсто се намалува на 2,7 отсто, со што директно помагаме во енергетскиот сектор. Ова, од причина што батериите стануваат клучен елемент во балансирањето на енергијата, системските услуги како и во планирањето на предавањето во мрежа на енергијата од обновливи извори на енергија со цел одржување на стабилноста на системот, но и осигурување на физибилноста на обновливите проекти – објасни Димитриеска–Кочоска.
Таа информира дека измените што се предложени се со цел да ја зголемиме конкурентноста на домашните компании што извезуваат на странските пазари и да го зголемиме македонскиот извоз, како и да обезбедиме зголемен девизен прилив. Притоа ваквите мерки, кои водат до намалување на трошоците на компаниите, како што рече, ќе имаат ефекти и врз зголемување на инвестициите и бројот на вработените, што е и приоритет на Владата, а во насока на остварување повисоки стапки на економски раст.
– Измените на Законот за царинската тарифа се направeни во консултации со стопанските комори и е дел од нашата определба за водење инклузивен и партнерски однос со бизнис-заедницата, а се со цел создавање подобро бизнис-опкружување. Претставува продолжување на водењето на царинската политика на намалување на царинските стапки на најприоритетните суровини и репроматеријали што се употребуваат во преработувачката индустрија. Со оваа измена се реализира програмата за работа на Владата 2024-2028 во делот каде што Владата се обврзала за постепена хармонизација на царинските стапки со стапките што се применуваат во Европската Унија адаптирано на извозно-увозните потреби на стопанството и на државата. Исто така претставуваат дополнување на сите мерки и политики што ги преземаме за поддршка на домашната економија преку инвестиции во јавниот и приватниот сектор за остварување повисоки стапки на раст и обезбедување повисок животен стандард – истакна министерката за финансии.
Во насока на поголема економска соработка со стратешкиот партнер
Потоа дополни дека во таа насока е и целосната либерализација на увозот на стоки со потекло од САД, односно укинување на царинските стапки за стоките што доаѓаат во нашата земја од САД.
– САД се стратешки партнери на нашата земја и соработката со нив е значајна од секој аспект, поради што Владата e пoдготвена да го прошири и да го продлабочи блиското партнерство меѓу двете земји, што се заснова на заеднички цели, интереси и вредности и да воспостави трајна соработка врз основа на заемен интерес. Приоритет на оваа влада е да креираме политики со кои ќе создадеме поволно и предвидливо бизнис-опкружување за сите компании, вклучително и за домашните и странските компании и на таков начин да изградиме силна економија – нагласи Димитриеска–Кочоска.
Одлуката беше делумно наметната и поради воведувањето високи царини од страна на САД кон Македонија. Имено, за потсетување, нашата земја се најде на листата на американскиот претседател Доналд Трамп на која беа голем број земји за кои се воведуваат повисоки царини, а за Македонија конкретно тие достигнаа 33 проценти, за разлика од Косово и Албанија, кои, пак, останаа на ниски царини.
Македонската влада по објавата најави дека ќе разговара со администрацијата на САД за коригирање на ваквата одлука. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски неодамна во Вашингтон имаше билатерална средба со државниот секретар на САД, Марко Рубио, на која биле разгледани можностите за дополнително продлабочување на трговските односи, а била разгледана и можноста за намалување на тарифите и започнување процес за потпишување договор за слободна трговија.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека е оптимист дека ваквите средби ќе дадат плод.
– Моите очекувања се позитивни и како резултат на средбата со господинот Џејмисон Грир, но и моите телефонски разговори што ги имав со државниот секретар за економија, господин Хауард Лутник, така што очекувам да бидеме, исто така меѓу првите земји во светот што ќе добијат таков тип договор со САД – изјави Мицкоски. Е.Р.