Фото: Архива

Растот на цените на нафтата, електричната енергија и на суровините, само сигнализира какви сѐ економски проблеми може да следуваат како рефлексија на случувањата во Украина. Упатените велат дека затоа и земјава треба темелно да се подготви за овие и за многу други индиректни последици што ги генерира руско-украинската криза и реакциите на светот на неа

КАКО ПОСЛЕДИЦА НА ВОЕНИТЕ ДЕЈСТВА ВО УКРАИНА

Воената интервенција на Русија врз Украина предизвика економски турбуленции и ги засили стравувањата од можен нов ценовен шок, од кој нема да бидат поштедени ниту македонските граѓани. Веќе владее економска и енергетска криза, Македонија е земја зависна од увоз, особено е критична состојбата со енергентите, поточно гасот, кој транзитира од Русија низ Украина. Зголемувањето на цената на гасот, од кој европската економија сѐ уште е зависна во голема мера, ќе се одрази првенствено врз цените на сите други енергенти, вклучувајќи ја и електричната енергија, која веќе беше под ценовен притисок во 2021 година, наедно на подолг рок притисокот од сѐ повисоките цени на енергентите ќе стане огромен проблем за земјава, како за населението така и за компаниите.
Универзитетскиот професор Ванчо Узунов истакна дека најзначаен факт што неминовно води кон влошување на светската економија, но и врз домашната е зависноста од енергенти, бидејќи Русија и Украина се меѓу најголемите извозници.

– Прво, овие две земји се богати со енергенти и се големи извозници на енергенти во Европа и во нашиот регион, па последиците може да бидат големи. Веќе гледаме дека цените на енергентите растат и ако не се запре брзо кризата, тоа ќе си остане така еден продолжен период. Генерално, врз Македонија најголемо влијание ќе има енергијата. Ние како мала економија немаме голем број на извори на енергија, освен сонцето, но сѐ уште не знаеме да го користиме тоа. Затоа увозот на енергентите во земјава е голем влезен трошок, а со покачувањето на цените на енергентите, што беше случај изминатиов период, нашите трошоци се зголемуваат – смета Узунов.
Како што вели тој, Владата веќе интервенира, но доколку не заврши војната наскоро, енергентите уште повеќе ќе поскапуваат, а нашите трошоци ќе се зголемуваат.
– За просечниот граѓанин на нашата земја поголема е веројатноста дека животниот стандард ќе му се влоши поради случувањата во Украина отколку дека ќе му се подобри. Единствено што може да се надеваме е тој удар да не биде толку голем. Владата може и треба да презема мерки за да го ублажи ударот, но она што мене ме плаши е што просторот за интервенции е многу ограничен – додава Узунов.
Професорот на Институтот за термичко и енергетско инженерство при Машинскиот факултет, Ристо Филкоски, посочи дека кризата може и речиси сигурно ќе доведе до влошување на европските пазари во делот на енергентите и дека тоа веќе се чувствува на берзите, а релативно брзо ќе се почувствува и подиректно, во секојдневието.
– Поради кризата во Украина, Македонија ќе трпи последици како и други земји во регионот и во Европа. Може да се очекува пораст на цената на нафтата на светскиот пазар, што ќе повлече притисок за покачување на цените на горивата – смета Филкоски.
Што се однесува до снабдувањето со енергенти, професорот објаснува дека ниту САД, ниту честопати спомнуваниот Катар, а ни која и да било друга земја нема капацитет со втечнет гас да го замени целосно, а особено во краток рок, доставувањето на природниот гас од Русија во Европа.

– Дури и да го оставиме настрана прашањето на цената (со која во нормални околности втечнетиот гас од преку океанот ни случајно не може да биде конкурентен), тука се јавува и проблемот на недостиг од капацитет, односно бродови танкери за транспорт на втечнет природен гас, како и на терминали, т.е. инсталации за прифаќање и негово доведување во гасна состојба. Освен тоа, најголем дел од испораките на втечнет природен гас е поврзан со точно определени дестинации и со долгорочни договори. Доколку неизвесноста потрае до есенските месеци, што е многу веројатно, не е исклучено дури и најзакоравените зелени во европските земји да се согласат за повторно вклучување на термоцентралите на јаглен, заради покривање на недостигот од електрична енергија – нагласува Филкоски.
Универзитетскиот професор Марјан Петрески смета дека ефектите од руско-украинскиот конфликт врз економијата почнаа да се материјализираат веднаш врз европската економија, од која ние сме високозависни.
– Европа сѐ уште е зависна од руските енергенти, цените на енергентите веќе реагираат, што се надоврзува на енергетската криза што постои од втората половина на 2021 г., а е предизвикана од други причини. Тоа има брз ефект на прелевање и кај нас.
Извршниот директор на Македонско-руската стопанска комора, Дејан Бешлиев, за „Нова Македонија“ вели дека на краток рок можеби во земјава нема одеднаш да дојде до висок раст на цените и проблеми со снабдувањето со енергентите, бидејќи поголем дел од набавките се веќе договорени. Но на подолг рок, притисокот од сѐ повисоките цени на енергентите ќе станат огромен проблем за земјава и работата на нејзините компании.
– Најавите од руска страна дека Европа ќе мора да плаќа дури 2.000 евра за 1.000 кубни метри природен гас, што е 12 пати повисока цена од пред десетина месеци, потоа растот на цените на нафтата, електричната енергија и на суровините, само сигнализираат какви економски проблеми се во најава. Затоа и земјава треба темелно да се подготви за овие и многу други индиректни последици што ги генерира руско-украинската криза и реакциите на светот на неа – укажува Бешлиев.